Отворено писмо до американската амбасадорка, по повод нејзината резил-честитка до Зоран Заев.
Ms. Byrnes, Go Home!
Госпоѓо Брнз, за целиот цивилизиран свет не е никаква тајна дека вие Јенките, со својата општопозната „гази сѐ политика”, од нашето скопско, НАШЕТО МАКЕДОНСКО Кале ја држите Република Македонија под својата воено-политичка чизма, а несреќната американска агенда што веќе со години се спроведува над овој несреќен народ сакаше, по незајазливиот дипломатски насилник Џес Бејли токму вие сега да бидете гувернерка на оваа бедна квислиншка заевска државичка со понижувачко привремено троделно име, од кое секој нормален човек во Европа и во светот, секој нормален Македонец и секој нормален граѓанин на Македонија длабоко се грози и се гнаси, а вие, пак, уживате да ја наречувате „модерна држава”. За вас, госпоѓо Брнз, но и за сите нас кои сме сосема свесни што вие, неканети гости, правите во нашиот сопствен дедовски, татковски и мајчин дом, таа ваша одамна излитена политикантска фразичка „модерна држава” значи сосема исто што и „нова држава”, зашто, невербално велите вие, „Република Македонија ви ја згазивме, ви ја згаснавме, готово, ја нема веќе, ве нема ни вас како Македонци, навикнете се дека за нас вие сте само едно големо Ништо со кое ќе правиме сѐ што сакаме и како сакаме, и ќе ве наречуваме како што ќе ни се ќефне”.
Госпоѓо Брнз, лично, по арачењето на насилникот Бејли низ Македонија, ниту од вас немав никакви големи очекувања, и посебно не некакви убави работи, па досега ни не го свртував своето внимание кон вас и кон вашата општопозната американска рутина, усовршувана и специјализирана во длабоката држава, но еве, најпосле искокнавте од вообичаената слика кога му упативте честитка на Зоран Заев по повод доделувањето на мандатот за формирање влада. Со тоа, госпоѓо Брнз, всушност си честитавте самата себе си за успешното продолжување на она што бесрамно насилно го правеше вашиот претходник Бејли, со истата поданичка багра.
Ок, разбирливо е дека секој освојувачки гувернер кој управува со некаква привремена квислиншка државичка сака под себе си да има такви велепредавнички лигуши како Стево Пендаровски, и такви бедни, уценети криминалци како Зоран Заев, со сета негова криминална и диктаторска клика, но сепак верував дека и тука постои некоја минимална „гувернерска чест”, барем трошка „гувернерско достоинство”, дека постои некоја црвена линија под која властодржецот никогаш не оди во однос на своите мизерни и лигави поданици. Па такво „гувернерско достоинство”, госпоѓо Брнз, имаше дури и кутриот Санчо Панса кога Дон Кихот го постави за гувернер на една имагинарна држава каква што е денес нашава, а не пак вие, донесена дури од Америка во оваа македонска Небиднина.
По оваа ваша сосема промашена амбасадорска постапка, госпоѓо Брнз, за вас е најдобро итно да си се вратите во Америка и веднаш да се запишете на некој забрзан курс, или вечерна школа по дипломатска етика. За да ве примат таму, применете проверени „заевски балкански методи”, поткупете некого, зашто овде во Македонија сосема се изрезиливте, и ние сигурно нема да ви дадеме добра препорака. Но вашиот денешен голем демократски фаворит Зоран Заев може да ви даде извонредни инструкции за тоа, зашто за поткуп нема поголем виртуоз во светот од него, јал сакаш за сув кеш (168.000 евра), јал сакаш за крадење избори (милиони).
Се прашувам, меѓутоа, за што всушност вие, госпоѓо Брнз, му честитавте на Заев?! Ве тераше ли некој да ја сторите таа глупост? За каков мандат зборувате?! За тоа ли што спротивно на сите демократски стандарди и политичка логика, спротивно на Уставот, бедниот клиентелист и инсталиран претстедател Пендаровски му доделил мандатат на Заев, без потребните 61 пратеник, дури во наредните денови човекот лефтерно „да си прави мнозинство”? За таа и таква ваша непрофесионална постапка, госпоѓо Брнз, во Соединетите Американски Држави веднаш, без дискусија би ве суспендирале, би ве отповикале од функцијата што ја вршите, и би покренале судска постапка. Вие тоа многу добро го знаете, но тоа е така во вашата демократска Америка, а овде, во оваа квислиншка заевска државичка вие сте гувернерка, опкружена со заевските велепредавнички и криминални слуги, и тука сѐ поминува, сѐ се голта.
Госпоѓо Брнз, вашата честитка во најмала рака е чудна?! Пред сѐ, затоа што од медиумите не видовме ниту една друга таква дипломатска реакција, освен вашата. Но, уште поупадливо е тоа што е интонирана така како формирањето на мнозинството на мандаторот Заев дека е веќе свршена работа, а вие, како што велите, ќе го поддржите во создавањето влада што ќе биде „посветена на демократските принципи, владеењето на правото и на нејзината европска иднина”. Па како може еден повеќепати аболициран сериозен криминалец како Зоран Заев, човекот кој од првиот ден од своето инсталирање по државниот удар изведен во Собранието на Република Македонија на 27 април 2017 година, сѐ што направи направи со брутално насилство над демократијата и над демократските принципи, човекот кој во изминативе три години простачко владеење изговори повеќе најгруби лаги и изврши повеќе најподмолни измами од сите политичари во светот заедно, човекот што го зароби македонското општество, македонското правосудство, човекот што до гуша директно или индиректно е заплеткан во сите најголеми финансиски афери, што правно ги покриваат неговите судски поданици, човекот што највулгарно се изрази за својот народ и што, како што рече, ги „има в раце невладините организации” – како може тој, госпоѓо Брнз, да ја води државата врз „демократски принципи, владеење на правото и кон европска иднина”? Тој, госпоѓо Брнз, може само да продолжи безочно да граби, зашто никогаш не му е доста грабеж, бесрамно да лаже, зашто никогаш не му е доста да измамува, и до целосен институционален и финансиски банкрот да ја упропастува државата, да ги гуши слободните медиуми и слободното јавно мислење, да апси и да апси свои неистомисленици, креирајќи типични сталино-фашистички судски политички процеси против сосема невини, добри луѓе, чесни граѓани на Република Македонија.
Оваа ваша резил-честитка, госпоѓо Брнз, упатена до квислингот и уличарски примитивец Заев ви беше голема и сосема непотребна дипломатска грешка, пред сѐ на штета на достоинството на Соединетите Американски Држави, а што се однесува до нас, македонскиот народ, ние, додека вака трпиме, ќе си ја сркаме таа горчлива, отровна заевска чорба.
Алдо Климан