Најновото “достигнување“ на делот од фудбалската публика на стадионот во Прилеп, задолжена за насилство и вулгарности, е главната причина за овој текст. Помал дел од причината е и можноста на едно место, во еден текст, да се одговори и на се поактивното пишување на социјалните мрежи на поранешните функционери на ФСМ (ФФМ).
Немам за цел никого да бранам, но секако имам цел да ја освежам меморијата на оние што пробаат да играат на картата кратко паметење. За разлика од активните на Фејсбук екс-функционери, еве како Ангел Бунгуров на пример, јас не настапувам и не пишувам од позиција на сменет/избркан/разрешен функционер на Федеацијата. Што значи дека мојот поглед не зависи од ниту еден лукративен момент или функционерска фотеља.
И, да потсетам, јас во фудбалот само сум давал (од свој џеб), никогаш ништо не сум земал ниту од ФФМ, ниту од било кој друг сојуз, ниту од Агенција за млади и спорт. Не сум бил во ниту една асоцијација портпарол, ниту генерален секретар. А такви, бога ми, меѓу новинарите ги има ептен многу. И оние од најстарата генерација (Зоран Михајлов, Атанас Костовски), и они од средната генерација (Мијалче Дургутов), а особено ги има сега во ликовите и делата на денешните Милковски, Цветановски и сл.
/ЕП во Фудбал во Англија 1996 со Хаџиевски и Дургутов/
Па така, со тие предиспозиции, но и со богато историско паметње и присаство во живо на настани битни за овој текст, но и за ФФМ/ФСМ, пишувам дума-две за МАЈМУНСКИТЕ РАБОТИ.
НАЈФУДБАЛСКИОТ ГРАД!!!
Прилепчани за себе сакаат да кажат дека нивниот град е “најфудбалски град“ во Македонија. И демек, заради тоа треба да бидат заштитени како бели мечки. Прво, не се најфудбалски град, оти тој епитет во Македонија и припаѓа на Битола. Како според атмосферата, како според талентите, како според традицијата, така и според публиката – Чкембарите. Исклучително фудбалски градови во Македонија се и Штип, Кавадарци, Струмица, Тетово… И, Прилеп, без друго.
Второ, ниту еден град, ниту еден клуб, ниту една регија не смее да биде заштитена и неказнета заради своите девијантни или насилнички појави. Тоа важи и за Чаир и за Тетово и за Прилеп и за сите.
Трето, не смее да се заборави дека судии беа тепани и претепувани и порано. И дека претепувањето на “луѓето во црно“ од управата на Победа, никогаш не беше санкционирано. Ниту кога Саше Лазаревски беше претепан како мачка и во градот но и на паркингот на ресторанот/одморалиште “Че“, и кога ќотек јадеше Делчо Јакимовски, и кога… Се така до бесветс. Така да, кога Бунгуров пишува дека раководството на судиската организација ги жртвувала судиите, чесно би било да се потсети на тепањето и во негово време. И на несанкционирањето. Тогаш од Бунгуров не слушнавме ниту збор!!!
/Аеродром Цирих со Бунгуров, Мијалче и Лазаревски/
И четврто, Мишел Стојмановски да не види зошто навистина е падот на пласмант на репрезентацијата, а и да не констатира дека Хари Хаџирстески е најкриминалниот и најлош претседате на ФФМ, значи само едно?! Дека “Спортмедиа“ живее и дејствува од парите на Хари и Брацо. Па со тоа го губи кредибилиетот на оценка за најдобар или најлош Претседател, со големо “П“.
Па за да ги потсетам Мишел, Бунгур и слични, еве мал преглед:
ФСМ/ФФМ
(Времето на Ѕинго)
Најважната споредна работа на светот во нашата држава, од осамостојувањето до денеска, е претворена во партиско-пријателско-роднинско поткусурување.
Фудбалот кај нас немаше среќа со ниту еден претседател на асоцијацијата.
Ѕинго во рамките на коалицијата на “сериозни луѓе за сериозни времиња“ на починатиот Киро Поповски со Бранко Црвенковски и Стојан Андов прв во независна Македонија доби да го владее Фудбалскиот сојуз на Македонија. Тоа беа времиња кога владееја Добре Иванов и Власте Савевски на ниво на првата лига, а покојните Анчевски и Мато (Данаиловски) со судиската организација. Тогаш всушност стартуваше пропаста на македонскиот фудбал. Претседател (Ѕинго) на асоцијација кому на трибините му скандираат “диииректорреее, диииректреее, диииректореее“…, а кој нема допирна точка со оваа игра. Двајца провинцијалци (Власте и Добре) кои сакаа Силекс да е Вардар, а не успеаа никако да ја постигнат таа цел. И двајца бивши судии (Мато и Анчевски) кои во својата кариера никогаш не суделе ништо повисоко од потсојуз во Македонија.
Владеењето на Ѕинго беше проткаено со афери. Безброј. Пред се на штета на Вардар. Но и на штета на други клубови, како Македонија, Скопје, Беласица… Од страна на Силекс беа крадени играчи, а од страна на ФСМ бодови на клубовите. Тој период значеше и затврање на фудбалот во “непослушните“ градови како Валандово и Штип. Но, беше карактеристичен и по коруптивно менување на страната во битката. Па така, многу анти-Ѕинго активисти и функционери, заради пари и привилегии, ја променија страната, го пресоблекоа дресот и станаа негови главни играчи и кукли: Џаро, Рафет, Вујче од Штип, Ѓоко Хаџиевски… Тоа беше време кога настрадаа големи и квалитетни судии: Марјан Ристески од Кичево, Беким Баута од Струга, Благоја Шуклев од Валандово…
/Даблин 1999 Ирска – Македонија со Делчо и Џери/
На чело на сојузот беше ставен генерален секретар кој порај својот голем хендикеп алкохолизмот, беше и човек кој од странски јазици знаеше само телешки. Тогаш од новинарите беа детектирани таканаречените “јагнешки бригади“, кои решаваа лиги, опстаноци, први места, трансфери, разигрувања, репрезентативни учества…, преку таманење јагнешко печење.
Ѕинго останува запаметен и по тоа што заради провинцијалските интереси на ФК Силекс, успешна меѓународна кариера не остварија исклучителните шпиц играчи Ванчо Мицевски и Чоко Бошковски. Едноставно беа заробени фудбалски робови на кој, за никаква пара, Ѕинго не им дозволи да заминат од Силекс.
Владеењето на Ѕинго го окарактеризира и прекинот во Дебар, каде навивачите на Кораб се обидоа да ги линчуваат фудбалерите на Македонија од Ѓорче Петров. Член од денешниот УО на ФФМ, тогаш фудбалер, беше ѕвесрки претепан, а самиот Претседател Илчо Ѓорѓиоски, тогаш фудбалер, успеа да спаси глава само благодарејки на својата физичка подготвеност и брзина.
(Времето на Ламбе)
ФСМ под Ламбе Арнаудов беше партиски сојуз. Скроен да им удоволи на болните амбиции на братот на сопругата (Снешка) на лидерот Љубчо Георгиевски, “прославениот“ играч на спортска Бате Ване. Единствен човек на планетава Земја кој за својот фудбалски клуб успеа да земе спонзорство од театар! Од Струмичкиот театар!
https://youtu.be/jkFrpSFv9lk
Тогашниот Претседател, охриѓанецот Арнаудов, беше претставен како фудбалер кој никогаш не добил црвен картон. Иако во добар дел (ако не и целата) од неговата кариера картоните како санкции не постоеја.
Ламбе дојде “на власт“ после две собранија во присуство на олеснувачи од УЕФА. На второто собрание, во Универзална сала, на Ѕинго грбот му го свртеа и најверните поддржувачи. Главен превртач беше кавадарчанецот Пане Иванов, откако претходно нож во грб на Ѕинго му заби неговиот избор за генерален секретарот Ико Атанасовски.
Во таа “власт“ во ФСМ претседателот Ламбе не беше претседател. Претседателствуваше Ванчо Таковски – Бате Ване. Години подоцна инфорамциите од обезбедувањето на Љубчо Георогивески потврдија дека на Бате Ване му било забрането да влегува кај тогашниот премиер. Но тој, доаѓал до Владата, влегувал до портирница, ќе исипел едно кафе и ќе си заминел. Ќе излезел од владата на главната врата. И ќе отишол во Сојузот и ќе кажел “Премиеро кажа…“.
(Времето на Хари)
Претседателствувањето на Хари Хаџиристески е најмрачното време во историјата на ФФМ во независна Македонија. Кражба и местенки во недоглед.
Прв пат Македонија имаше Претседател што беше човек со криминално досие и правосилни судски пресуди против него.
Парите земени од УЕФА/ФИФА за реновирање на стадионите во Прилеп, Струмица, Чаир, Куманово и Тетово никогаш не завршија каде беа наменети. Стадионите останаа недоизградени, недореновирани, смешни… Клубовите, сите до еден (со исклучок на Силекс) беа со блокирани сметки, па парите од УЕФА за учествата во УЕФА куповите на криминален начин, со помош на Хари Костов и Комерцијална банка, се префрлаа на сметката на ФСМ, а од таму на најразлични приватни субјекти именувани како младински школи и слично. Во ниту еден момент, вистинскиот корисник и добитник на тие пари не ги доби еврата од УЕФА. Тој криминал, кој се вика измама на доверители, ги остави разните претпријатија (превозници, угостителски локали, други услуги за клубовите…) без нивните заработени пари.
Хари Хаџиристески, неговиот покоен син Миле и неговиот зет Ацуле Забрчанец го владееа Сојузот. Ја имаа закачено истата “болест“ од која предходно болуваа Бате Ване, Власте, Ѕинго, Добре… Сакаа да бидат “калиф уместо калифа“. Сакаа да бидат Вардар наместо Вардар, ама не можеа.
Секако, најголемата бламажа за ФСМ од времето на Хари е пресудата на ФИФА, УЕФА и судот на ИОК против нивната Победа. Хари незаконски, иако Претседател на ФСМ/ФФМ, се водеше и како Претседател на Победа. Се фалеше дека ништо никој не му може, може да прави што сака, бидејки бил поддржуван од Мишел Платини. Плус, додатна сила му даваше српското фолирање на фудбалскиот криминалец Брацо Вуичиќ, дека он демек дрма со Европа. Така наакани, глупи и криминогени налетаа на три највисоки инстанци на дисиплинските комисии на УЕФА и ФИФА, како и на судот на честа на ИОК.
Да напоменам, оној што ќе сака да дискутира за пресудата, сведочењата и слично, најнапред нека го прочита досието што УЕФА го достави до МВР, ФСМ/ФФМ, Победа, Ацуле и до мене. Оти се друго е кафанско оговарање и паламудење од страна на поразените местачи на утакмици на Победа Ацуле и Хари. Читајки го досието може да се види кој што рекол и сведочел. И ќе може да се види како и за колку Ацуле и Хари ги продавале интересите на Победа.
(времето на Илчо)
Фудбалскиот сојуз/федерација и фудбалската репрезентација (“А“) на Македонија имаа фудбалски резултати се додека фудбалерите на исклучителниот тим на Вардар и одличните тимови на Пелистер и оние од Чаир (Балкан и Слога) беа оние што произлегоа од Југословенската прва, втора и регионални лиги. Се додека беа активни Панчев, Најдовски, Сетинов, Станојковиќ, Ќириќ, Милошевски (Перо и Сашо), Брачка, Џефко, Зеко, Шакири, Митко Стојковски – се дотогаш можеше да се види фудбал на Градски. По нив, темпото сеуште го оддржуваа Пандев, Шумуликовски, Седлоски, Илчо Наумовски…
/1994/5 Перуџа Вардар 1:4 – прв официјален меѓународен фудбалски натпревар по осамостојувањето/
/Аргентина 1995 Кордоба – Вардар 3:4/
Како се оддалечувавме од денот на самостојноста во 1991-ва, така се губеа резултатите, паѓавме во се подолен “шешир“ за извлекување на квалификациони групи. Тој пад не го попречија ниту странските стручњаци. Иако некои од нив беа одлични (Катанец), а некои алкохоличари (Тошак). Во таква задача не успеаја ниту домашните стручњаци. Искра надеж даде ангажирањето на Чеде Јаневски и кратката епизода со Гоце Седлоски, ама тие “ангажмани“ завршија неславно и многу нетранспарентно.
Илчо наследи фудбалска федерација без терени, фудбалери, клубови и младински школи. Илчо застанувајки на чело на ФФМ успеа во две работи: 1. Да си ја уништи својата исклучително надежна тренерска кариера. 2. Да си навлече гнев од сите оние што во предходните фудбалски влади беа свети крави во македонскиот фудбал (албански клубови, прилепчани, чаирчани…), затоа што во негово време не се ниту свети, ниту крави. Може евентуално да се волови (шкопани).
/Миленко Неделковски Шоу со Ѓоко и Илчо/
Илчо со својата работа донесе преубав спортски центар на ФФМ, терени по Македонија, развиени технологии за следење на физичките/физиолошките капацитети на играчите, особено на младите категории. Се обиде да ги врати легендите. Но, за негова жал, мислам дека разбра дека само тоа не е доволно.
Илчо требаше да знае и да процени на што доаѓа. Неговиот ангажман, работа, идеи се недоволни да воскрснат мртовец.
/УО на ФФМ во Рим 2014/
Македонскиот фудбал, благодарејки на поранешните владетели на фудбалот кај нас е Фудбалски Франкештајн. Погребана усмрдена мрша од страна на Ламбе, Ѕинго и Хари, која сега Илчо треба да ја оживее! Тоа можеби може во филмови, но во фудбал – не. Во светски рамки гледано, Македонија има најголем број тренери по глава на становник. Уште поеќе најголем број тренери по глава на фудбалер. Имам впечаток дека има повеќе тренери отколку фудбалери. Повеќето од тренерите се со купени дипломи. Како селекторот на жените, на пример.
Македонскиот фудбал нема спонзори. Самсоненко и Еколог, и толку. Општествената одговорност, за која Груевски толку им трубеше над глава на македонските олигарси, се сведе на шаховскиот клуб на Живко Муакетов и кугларите на Андреја Јосифовски.
Македонските клубови ако не се под капата на градоначалникот нема да постојат. Така фудбал никогаш нема да има. Градоначалниците се за тротоари, канализација и водовод. Не за фудбал и кошарка. Тоа, многу доцна, на своја кожа го осетија Коце Трајановски, Ивица Коневски, Владимир Талевски…
Од друга страна, имаме ситуација каде Втората лига е лига во која се “натпреваруваат“ Копчар, Блашко, Јохан, Тица…!!! Таму проблеми и тепачки топрва ќе има.
Илчо мораше да знае, мислам и дека знаеше, во што влегува. Оваа жива кал во која е, е тешко совладлива. Од оваа кал не се излегува доколку, на пример, на површина не се појави и расчисти комплетниот случај/местенка на последниот натпревар на Влазерими и повлекувањето од тренерската клупа на Неџат Шабани (Шабани беше одличен шпиц, е солиден тренер и чесен човек). Од оваа кал не се излегува со онаа срамна одлука за не-казнување на тепачите од Чаир кога беа нападнати децата од младите категории на ФК Вардар.
Од оваа кал нема излегување доколу ФФМ не го суспендира Приплеп и Победа од понатамошното натпреварување. Секако, вакви драстични казни заслужуваа и албанските клубови од Кумановско, Тетово и Тетовско и други. Но, мора еднаш да се повлече линија и да се каже “е сега е доста“. Нема веќе хулигани да ни ја одредуваат судбината на фудбалот. Оти вака, секогаш некој Хари, Брацо или Самсоненко може да плати евра на хулигани за на стадион да се скандира било што, против било кого.
Но, оваа Битка за Прилеп, не е само битка на ФФМ и Илчо. Не!
Ова е битка пред се на фудбалските функционери од Прилеп кои се, или кои биле, во структурите на ФФМ:
- Миле Спирсковски, кој сега ја води Победа заедно со вториот син на Хари Хаџиристески, беше комесар за натпреварување во ФСМ за времето на Хари. Тој најдобро знае која казна сега следи.
- Марјан Стојковски Манта, како член на УО на ФФМ мора да се реши дали ќе биде заложник на прилепската чаршија или ќе работи во интерес на Македонскиот фудбал.
//Л‘вов Украина, лани/
- Марјан Ристески, градоначалникот на Прилеп, ќе треба да се соочи со вистината. Дали е или не е? Или ако е, колку е градоначалник на Прилеп? Тој е татко на градот, тој именува шеф на полиција таму. Тој ги знае хулиганите. Тој знае дали оградата е безбедна или не е? Еве минаа неколку дена од “забавата“ на хулиганите од Прилеп, од градоначалникот не слушнавме изјава, соопштение, став!!!??? Тука ли е?
- Симон од Витаминка, исто така, како најголем спонзор и поддржувач на спортот во Припел должен е да преземе чекори во воспоставување ред во градот каде го има направено своето богатство
ДИЛЕМАТА НА ИЛЧО
Мислам дека сега без моја помош му е одговорено прашањет на Илчо Ѓорѓиоски кон мене “Зошто само Победа е казнета“? Во врска со местенката со Пјуник и казната за клубот и Ацуле. И тогаш му одговорив, еве сега да повторам: Тогашниот ФСМ/ФФМ немаше сила и храброст, а во МВР немаше желба и налог, да се расчисти со фудбалската мафија во Македонија. Во МВР сеуште седат инспектори кои се директно вклучени во местенки во рамките на балканските лиги. Единствениот процесиуиран македонец е Кристијан “Полицаецот“, ама од италијанските судови и полиција. Па така, кога Македонија (МВР, Гордана Јанкуловска, ФФМ, Хари Хаџиристески…) не покажаа дека можат да се справат со продавањето на интересите, резултатите и достоинството на ФК Победа од страна на Миле, Ацуле и Хари, тогаш на сцена стапи дисциплинската комисија на УЕФА.
Сега УЕФА нема да реагира. Ова е “внатрешен“ проблем. Претепан е фудбалски судија, кој е специјалец во безбедносните сили на Македонија.
Сега, јако ме интересира, како ќе реагира МВР и Чавков, ФФМ и Илчо?
Со туркање на проблемот под тепих, проблемот нема да се реши. Скандирањето против “мафијата“ во ФФМ и морбидните скандирања против Илчо ќе продолжат. Ќе продолжат доколку не се искорени коровот во целост.
Ако не се искорени, скандирањата ќе продолжат и ќе ескалираат. Од врвот на ФФМ ќе се префрлат кон врвот на државата.
Ќе го дозволат ли тоа Чавков, Марјан Ристески, Илчо Ѓеоргиески…
Миленко Неделковски
Скопје, 05.10.15 во вечерните часови.
Литература за читање:
http://daily.mk/vesti/sport-mvr-kje-go-seche-gordieviot-jazol
http://www.mse.mk/Objavi/Repository/Announcement166/%D0%A4%D0%9A%20%D0%A1%D0%B8%D0%BB%D0%B5%D0%BA%D1%81%20%D0%90%D0%94%20%D0%9A%D1%80%D0%B0%D1%82%D0%BE%D0%B2%D0%BE%20-%20%D0%9E%D0%B4%D0%BB%D1%83%D0%BA%D0%B8%20%D0%BE%D0%B4%20%D0%A1%D0%BE%D0%B1%D1%80%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D0%B5%20%D0%BD%D0%B0%20%D0%B0%D0%BA%D1%86%D0%B8%D0%BE%D0%BD%D0%B5%D1%80%D0%B8%2029.4.201520150429131521.pdf
http://www.zenitprilep.com.mk/sport/8630-pedeset-godini-od-formiranjeto-na-ofs-prilep.html
http://star.dnevnik.com.mk/default.aspx?pbroj=1855&stID=2866
http://daily.mk/names/mile-spirkoski?skip=135