Официјално Летните олимписки игри во Рио де Жанеиро 2016 почнаа денеска рано изутрина по наше средноевропско време, со спектакуларното свечено отворање на легендарната „Маракана“. Организаторите беа вистински кавалери, почетокот на натпреварувачкиот дел (среда, 3 август 2016) му го препуштија на дамите, фудбалерките први ги собраа олимписките аплаузи. На самиот старт е забележен и првиот рекорд – постигнат е најбрзиот гол во женскиот фудбал, само по 19 секунди Канаѓанката Џанин Беки ја доведе својата репрезентација во водство во мечот со екипата на Австралија. Ако денот по утрото се познава, можеби бразилскиот планетарен спортски собир ќе биде пребогат со нови, врвни остварувања на најдобрите светски спортисти.
Според достапните агенциски информации, ден пред свеченото отворање на ЛОИ, во дефилето на спортистите учествувале претставници од 206 земји, а меѓу стотиците телевизиски коментатори што ги пренесуваа случувањата на спектакуларното отворање, за првпат по 1972 година не се слушаше македонскиот јазик, немаше коментаторска позиција со ознака на МРТВ! Зошто?
Искрено, тема како родена за мене, но во исто време, сè до последен момент, од многу причини размислував и за резервна тема за овој саботен број. Знам, поголем број од вработените во спортската програма, а воопшто и во МТВ, кусо ќе прокоментираат – еве го овој, поранешниот уредник сака да попува нешто, но како што рече деновиве на Пелинце претседателот Ѓорѓе Иванов „новинарите треба да ја заштитат вистината“, се чувствувам обврзан да реагирам на последната неразбирлива програмска одлука на МТВ најголемиот светски спортски собир, Летните олимписки игри, да ги одработи без присуство на свои коментатори на самото место!
Деновиве останав вчудовиден кога секогаш добро информираниот колега Миодраг Мицковиќ телефонски ме праша дали е навистина точно дека од МТВ никој нема да патува на ЛОИ во Рио 2016. Потсетувајќи се на последните добро одработени спортски телевизиски проекти, олимписките ракометни квалификации во Гдањск и тукушто завршеното Европско фудбалско првенство во Франција, никако не можев да го прифатам тоа што ми го зборуваше колегата Мицко. Да, вели Мицко, ќе отпатувал само Златко Калински, но приватно.
Пред да го свртам телефонот на колегата Златко Калински, броев до десет. Си велам, што морав сега јас да се интересирам за некои работи што веќе се завршени, сосем друго беше тоа околу олимпиското да или не во случајот на пливачот Марко Блажевски. Сепак, присетувајќи се на напорите што ги вложивме во олимписките 1968 и 1972 година за и македонскиот јазик, конечно, да биде присутен и рамноправен со другите јазици во големото светско телевизиско семејство, сепак се определив за оваа тема со веќе прочитаниот наслов. Поради временската разлика со Мексико, во време на Олимписките игри утрата ги поминував заедно со магнетоскопчијата Предраг Стериовски, секое четврто олимписко утро дежуравме, први го слушавме неверувањето на неповторливиот Младен Делиќ за златниот медал на пливачката Ѓурѓица Бједов, први ги видовме прецизните слободни фрлања на кошаркарот Владимир Цветковиќ по кои Југославија ја порази СССР. Потоа измонтирани во предвидената минутажа, снимките се емитуваа од студиото на ТВ Скопје за целокупната програма на ЈРТ. Тоа беше нашиот олимписки телевизиски почеток, по четири години во Минхен 1972 година, ТВ Скопје доби свои коментаторски позиции на сите олимписки борилишта. Како уредник ја предводев најмалубројната телевизиска коментаторска екипа во Минхен, во неа беа врвните професионалци Никола Солдатов, Иван Мировски и Диме Костовски. Работевме во составот на екипата на ЈРТ, сликата ни беше заедничка, но се коментираше на српско-хрватски, на словенечки и на македонски јазик. Тука на лице место се уверивме на разликите што постоеја меѓу нас, српско-хрватската коментаторска екипа броеше 18 колеги, словенечката – 12, истата работа ние Македонците моравме да ја завршиме со четворица коментатори! Се шегуваа со нас, навечер кога ќе го коментиравме прегледот на денот, нашиот коментатор беше вистински „десетобоец“, тие последната програмска обврска ја извршуваа со најмалку тројца коментатори!
И така, македонските телевизиски коментатори, освен во Мелбурн 1956 и во Рим 1960 година (сребро и злато на голманот Благоја Видиниќ) крај олимписките борилиштата, на својот мајчин македонски јазик го проследија освојувањето на медалите на Благоја, на Аце, на Сејдиу и Трстена, на Стојна, на Реџеп, на Милко, на Могамед… Од Минхен 1972, преку Монтреал 1976, Москва 1980, Лос Анџелес 1984, Сеул 1988, Барселона 1992, Аталанта 1996, Сиднеј 2000, Атина 2004, Пекинг 2008, сè до Лондон 2012 година.
– Да, точно е – кусо ми одговори Златко на поставеното прашање. Причините се финансиски, но повеќе за ова сепак ќе ти каже Тони.
Тони Стојановски е првиот човек на спортската програма, иако на веб-страницата на МТВ, крај неговото име, за разлика од другите, не е напишано и она „уредник“, веројатно тоа е техничка грешка, која по овој напис ќе биде исправена.
– Поради финансиски причини, нема никој да патува во РИО на ЛОИ, целокупниот проект ќе го коментираме од студиото во Скопје – кусо ми одговара колегата Стојановски. Но, на потпрашањето зошто МТВ му даде предност на Европското фудбалско првенство во Франција пред Олимписките игри во Рио, колегата инсистираше точно да ги пренесам неговите зборови. Ги слушнав, не се согласив со неговата констатација, но со оглед дека инсистираше тоа да го забележам „од збор до збор“, еве го правам тоа: „Јас сум горд на начинот како МТВ го презентиравме Европското фудбалско првенство пред нашите гледачи. Како уредник му дадов предност на фудбалот. Мислам дека направивме рекорд по бројот на коментаторите кои беа присутни на лице место (4 на македонски јазик, 2 на албански м.з.), тоа е проект што го одработивме на високопрофесионално ниво. Планиравме и двајца коментатори да патуваат на ЛОИ во Рио, но сега поради финансиски причини, нема никој да патува, целокупната олимписка програма ќе ја коментираме од студиото во Скопје. Јас, лично, никогаш нема да имам дилема, фудбалот секогаш ќе има предност пред Олимписките игри!“
Немам амбиции да бидам телевизиски критичар, да оценувам за квалитетот на одработените спортски проекти на МТВ. Но едно, сепак, знам – никогаш во својата историја спортските коментатори на МТВ немале таков работен комодитет како во деновите на Европското фудбалско првенство во Франција. Тоа колегата Златко Калински веројатно најдобро го почувствува, зашто во некои олимписки денови имал и по четири-пет преноси од различни спортови. Добро е да се има најмногу барем еден пренос дневно, а најдобро е пак, како во Франција во последните седум натпреварувачки дена да се има само по еден натпревар дневно за четворица коментатори! Тоа уредникот на спортската програма може да си го припише како свој успех, но како да се објасни фактот дека најголемиот светски настан на секои четири години, а тоа бездруго се Летните олимписки игри, за првпат по 1972 година нема да бидат коментирани од самото место барем со еден македонски коментатор?
Лошо е кога традицијата се урива на ваков начин, најмалку можам да поверувам дека тоа е резултат на сознанието дека на игрите нема да присуствува официјална македонска државна делегација. Слушнав деновиве, телевизиската екипа на Радио-телевизија Србија брои „само“ 38 извршители. Да, имаат 104 натпреварувачи, но продуцираната олимписка телевизиска програма е иста за сите, и за оние земји што имаат 6 или, пак, 600 спортисти.
Очигледно, лошо програмско планирање – за Европското првенство може сè, иако таму ја немаше репрезентацијата на Македонија, споредбата веќе е чуена, ама некако прилега на случајот, чоколадата беше резервирана за фудбалот, а лебот остана за Летните олимписки игри.
Што се однесува до фудбалот, честитки за фудбалерите на Шкендија, тие како што очекувавме, ќе го греат нашето фудбалско срце и во деновите на Олимписките игри. Дали победникот на Македонскиот фудбалски куп, нашата најуспешна екипа во европското фудбалско лето 2016, ќе се квалификува и во програмската шема на МТВ?