Тони НАУНОВСКИ – ретро колумна од пред неколку години

Тони НАУНОВСКИ - ретро колумна од пред неколку години

Тони Науновски

МАЧНИТЕ ДЕНОВИ НА МАКЕДОНЦИТЕ

КОГА ВАНДАЛИТЕ ЌЕ БИДАТ ПРИТВОРЕНИ?!

Отсекогаш сум верувал во институциите на системот на РМ, како деперсонализирани гаранти и сервиси на општествено-политичкиот живот на индивидуата, како апарат за заштита на правата и слободите на граѓаните. Од квалитетот и ефективното функционирање на институциите на системот, како клучно олицетворение на самата држава, дури и денес во 21 век, во голема мерка зависат речиси сите битни параметри на состојбите и можностите за севкупниот развиток на државата. И наспроти бројни случаи на злоупотреба на позиции во државната администрација и политички интервенции спротивно на Уставот и меѓународните закони (т.н. амнестија за хашките случаи, на пример), сите тие треба да се третираат како исклучок, како прекршочно или кривично дело санкционирано во законите, или како политичка грешка која е подложна на корекции преку демократски процедури. Меѓутоа, чувството на мачнина и индивидуална немоќ што деновиве како народ и држава го доживуваме поради толку (посебно во правна смисла) едноставен случај, ќе го запре макотрпно креираниот процес на враќање на вербата во својата држава и институции. Без таа верба во своите безбедносно-правни институции, РМ едноставно нема иднина. Сите настани (случаи) кои морале да бидат а од различни причини не биле третирани соодветно на законите и Уставот имаат несогледливо негативни последици врз креирањето (всушност, врз самото постоење) на националната свест на Македонците.

Мора да се прави разлика помеѓу институции на држава и политички партии, и наспроти партизацијата и можностите за влијание врз определени политички па дури и професионални раководства на истите. Институциите се натпартиска структура на државата, кои мораат да работат исклучиво врз основа на законите, подзаконските акти и Уставот. Во конкретниот случај, во политичка смисла, охрабрува партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ од 10 Декември, со кое јавно побара од системот да постапува според законите – „ ВМРО-ДПМНЕ смета дека чинот на оштетување на споменикот, поставен на Мостот на цивилизациите, е вандализам и смета дека сите што учествувале во овој вандалски чин треба да сносат своја одговорност. Институциите треба да постапат согласно законот што го дефинира ова прашање“. Наместо идентична осуда-соопштение, од СДСМ опортунистички го проследија овој невиден скандал за политичко учество на една партија во поддршка на вандализам, со калкулации за ново мнозинство во Собранието и „техничка влада“ со ДУИ, проект што ако успее ќе биде дефинитивен крај на РМ.

За ова варварско уривање на споменик сосема очигледно има основа за поднесување на пријави за повеќе прекршочни и кривични дела, по кои институциите на системот мораат да постапуваат по службена должност. На пример, тоа се делата:(свесно) уништување на јавен имот, предизвикување на општа опасност, нарушување на јавниот ред и мир, предизвикување на меѓунационална и верска омраза, говор на омраза, итн.Секако, ирелевантно е чиј споменик беше уништуван – на цар Душан тогаш, а утре може да биде и оној на Александар Македонски или на Ченто; правен факт е дека имало кршење на споменик – значи, имало прекршочни и кривични дела.Според медиумите, повеќето од оние кои таа вартоломејска ноќ за Македонците дивјачки со чекани уривале споменик,како и оние кои присуствувале на тој вандалски пир, се идентификувани со име и презиме. Дури, за потсмевањето со Македонските институции и правен поредок (со самата наша држава!) да биде поголемо, дел од тие извршители или поттикнувачи на казнено дело дрско признаваат дека биле таму, при овој „здружен злосторнички потфат“, правна квалификација која јавниот обвинител веројатно ќе ја употреби.

Ете го одговорот зошто денес РМ не е држава, всушност, зошто од 2001 г. до денес Македонците практично немаат држава. Институциите се државата, а самиот поим држава подразбира почитување на законите, Уставот, постоење на граѓанско општество во кое сите и насекаде на територијатана државата се еднакви пред законите. Ете го длабинскиот одговор зошто РМ има ниско ниво на странски инвестиции, зошто многубројни авторитетни личности и аналитички центри не третираат како „банана-држава“, како полудржава на граница на внатрешен распад. Конечно, ете зошто не сме членови на ЕУ и НАТО, Македонци – таму се примаат држави(Држави!), а не предполитички, предмодерни творби во кои владее законот на посилниот, каде нема ниту минимум ефективни институции и владеење на законите!Македонија може да се претвори во обична територија – како по лекциите од „Левијатан“ на Томас Хобс; а во такви територии и такви времиња кога и каде што нема држава, систем, закони –  човек на човек му е волк, и владее војна на сите против сите.

Доколку е (биде) така, тогаш се можни две варијанти на реален след на ситуацијата – во „умереното“ сценарио, мора во итна постапка да се сменат редица закони со што максимално ќе се либерализира поседувањето на огнено оружје за лична заштита.Оттаму, наредниот период, во зависност од поднесување или не-поднесување на пријави за насилниците, ќе биде последниот верификациски тест за реално постоење на минимум држава на оваа територија. Доколку наскоро МВР и јавното обвинителство не поднесат кривични пријави и преку транспарентна демократска процедура не ги постават вандалите пред безбедносно-судскиот систем на РМ, тоа ќе значи дека имаме нова, типично аномична состојба на оваа територија. Лично, наскоро ќе поднесам барање за дозвола за поседување на оружје, со писмено образложение во кое подробно ќе ги анализирам сите импликации на случајот „вандалско рушење на споменик во главниот град на државата РМ“ врз личната и колективна безбедност.

Исклучена е можноста за интерпретација на бавното (со оглед на тоа дека поминаа повеќе денови откако јавно се обелоденети имињата на непосредните сторители на кривичните дела) не-постапување на МВР и Јавното обвинителство, наводно заради некакво одржување на „коалицијата“ меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Доколку ова е вистинито (во што, се разбира, не верувам), тоа значи дека политички партии директно ги контролираат институциите, дека политичките интереси се над законите и Уставот! Застрашувачка е самата помисла дека некој во ВМРО-ДПМНЕ, заради одржување на и онака апсурдната и штетна (и за нив како партија, и за државата, и за Македонците) политичка коалиција со ДУИ, ќе изврши притисок врз системот во правец на не-процесуирање на толку очигледни кривични дела од најтежок вид! Затоа, очекуваме ефективно функционирање на правната држава,бидејќи во демократски системи и држави, никој не е над законите и Уставот.

 

Ретро колумнава е напишана е напишана на 15.12.2013

 

/Од редакцијата: Сликата со која е илустрирана колумнава е по избор на авторот на истата/