УЛТИМАТУМОТ НА ЦИПРАС
Стојан Андов, во најновата колумна во “Фокус“ (од 09. 02. 2018), тврди дека „Македонија има стратегија за спорот со Грција само што ВМРО ДПМНЕ се’ уште не ја признава“. Ова е класична контрадикција во која авторот самиот се матира. Како може Македонија да има стратегија а ДПМНЕ, кој до скоро беше околу 11 години на власт и претходно уште четири, вкупно 15 од четврт век независност – не ја признавал? Чија е тогаш таа стратегија? На СДСМ? Смешно, зарем не? До Заев, од проблемот со името подеднакво “бегаа“ и СДСМ и ВМРО-то. А во сите овие 25 години, не само што немавме никаква стратегија, немавме ни став околу ова прашање освен премолчениот – да се држи под маса. Ништо повеќе. Најстрашно е што никој во земјава не беше надлежен и немаше никаков континуитет во неговото следење, за да имаме барем некаква документација, историјат… А, немаме ништо. Најдобар доказ за тоа е што во МНР не само што нема отсек или одделение туку ни човек кој бил или е задолжен. Денес, повторно немаме никаква стратегија освен што сакаме решение по секоја цена. Колку е тоа контрапродуктивно, се уверуваме секој ден.
Факт е дека сега, за прв пат, сите користат унифицирана оценка: тоа е “грчки проблем со нашето име“. Во се’ друго, какофонијата останува. Цело време сметавме дека е тоа нивни проблем, што е точно, ама беше голема грешка што не се сфаќаше дека последиците се целосно наши, што е клучно. Грците мува не ги лази вака да остане уште 100 години.
Нашата комплетна дезориентираност сега го доживува својот врв бидејќи новата власт сака решение по секоја цена а воопшто не е свесна за ризиците и катастрофалните политички и дипломатски последици кои може да ги предизвика. Еуфорично, тие сакаат бргу во НАТО и ЕУ и се’ друго не им е важно. Тоа е чист аматеризам. Ако кажеш дека мораш да го гледаш филмот а карти нема, препродавачите веднаш ги креваат цените. Тоа е алфа и омега на секоја слична ситуација. А нашиве “политичари“ јавно и порачуваат на Атина дека патот за Брисел мора да ни се отвори.
Грците знаат што сакаат и соодветно се однесуваат. Така, имавме изјава од Коѕијас дека и идентитетот и јазикот се на маса како теми на преговорите. Тоа воопшто не е спорно ама, обично, не се кажува гласно. Не е баш мудро да се фалиш дека некому му го оспоруваш идентитетот и со сила сакаш да му го менуваш. Тоа не е цивилизациско однесување и тешко може да се прифати. По исклучок, бесрамноста на Коѕијас предизвика и наша реакција кога Димитров му одговори дека ако се доведуваат во прашање идентитетот и јазикот, не може да има договор. Добро е што реагиравме ама повод беше само искреноста на Грците а не суштината на спорот која се концентрира токму на промена на нашиот македонски национален идентитет а името на државата е само покритие на вистински намери и планови. Зошто ние не го поставуваме прашањето за нашето малцинство во Грција? Зошто не бараме да се вратат имотите на протераните Македонци? Зошто не бараме оштета за нелегалната блокада на границата? Од што се плашиме? Зошто си молчиме и се правиме недоветни, како да сме најголеми криминалци фатени на дело? Да биде ситуацијата дури трагична ама и смешна, бараме некакви гаранции за идентитетот, како да сме тенџериња. Можеби од судот во Хаг?
Нашата реакција се сведува на целосно толерирање на грчката агресија. Ако не беше така, ќе ги браневме нашите интереси. Ќе водевме некоја пропаганда што ни се случува, каде сме дотерани… која секако ќе влијае врз медијаторот, светските фактори, меѓународната јавност… Место тоа, ние не прашуваме ни зошто во предлозите на Нимиц има “пакети“? Ако е само името во прашање, ќе не прекрстат и завршена работа. Што мајка бараат “пакетите“? Или, зошто нашето име, кое во никој случај нема да биде Македонија, како до сега, туку некаква нова ознака или референца, нема да се преведува? Зошто ќе биде на македонски ама на латиница? Треба ли да бидеме вештачка, измислена држава? И најглупавиот ќе разбере дека нешто се крие. А, нема што друго освен идентитетот на народот. Грците веќе ни порачаа дека зборот “Македонија“ ќе ни го дозволат (?!?) во името ама тоа ќе биде чиста географска одредница, без никаква врска со нашето (досегашно) име. Ќе асоцира само на истоимениот регион. Не водат жедни преку вода а ние како да не сме тука.
Откако Коѕијас се “истрча“, со јасна порака околу идентитетот, која веројатно била договорена, за да не си правиме бајрам на умот и да бидеме спремни што не очекува, се јави премиерот Ципрас, кој постави отворен ултиматум. Во разговор со пратениците на Сириза, тој ем се обиде да не го спомнува директно нашиот национален идентитет, ем да ни порача дека или ќе капитулираме, или за нас нема ништо од патот кон Брисел, за кој толку мечтаеме. Излагањето на Ципрас е абецеда на грчката политика и стратегија. За разлика од нас, тие цело време работаат плански и на долги патеки и кај нив нема ништо случајно. Сега ги билдаат своите позиции бидејќи видоа со кога имаат работа.
Прво, Ципрас стави до знаење дека – “проблемот со името ќе се затвори само со сложено име и за надворешна и за внатрешна употреба, за кое треба уставна промена, за името навистина да биде ерга омнес. Не може да биде една употреба надвор а друго да биде името во Уставот. Секако предуслов е и повлекување на секаков сомнеж за иредентизам“. Според него, “тоа е единствената рамка која го гарантира затворањето на проблемот“. Рекол дека грчката Влада сака да го затвори проблемот – “со достоинство и патриотска одговорност“. За жал, ние не сме во можност да одговориме во иста мерка бидејќи партијата на власт веќе се легитимира дека не е патриотска а во меѓувреме покажа дека и достоинството (договорот со Бугарија) не и е баш силна страна. Значи, алот ни е во калот. Најверојатно, нивното однесување во случајов ќе биде спротивно на грчкото – “без достоинство и со патриотска неодговорност“. Така и започнаа.
Второ, по повод протестите во Солун и Атина и барањата да не ни се дозволи користење на терминот “Македонија“ во нашето име, Ципрас објаснил дека Грција ништо не дава туку се обидува да добие назад некои работи?! Појаснил дека нашето име Македонија, за веднаш да се исправи и, место име, да каже – “терминот Македонија“ во името на нашата држава, Грција го прифатила уште од времето на Југославија и дека тоа стои и во референцата од ООН. Не можело назад. Каква широкоградост!
Трето, како нивна главна цел, Ципрас посочил – “да ги убеди соседите да запрат да го користат терминот Македонија без никаква одредница, што јасно ќе става до знаење дека нема ниту географска, ниту историска врска со грчката Македонија… да ги убеди да не присвојуваат, да вратат назад симболи и имиња што не им припаѓаат… и да ги убеди секаде да запрат иредентистичките ставови“.
Се’ заедно, едно чудо глупости кои кај нас никој не ги коментира. Не реагираме, како да сме виновни за сите светски неправди. Која е таа – “географска и историска грчка Македонија“, со која ние немаме врска? Преку 150 години е актуелно “Македонското прашање“ кое се однесува на македонскиот народ и воопшто не ја вклучува Грција и нивните “Македонци“. Каде го сместува Ципрас тоа? Или, такво нешто не постои за него? Зошто не кажува дека симболот на нашиот “иредентизам“ е постоењето на македонскиот народ? Дека “запирањето на иредентистичките“ ставови значи негово прекрстување поточно бришење?
Ултиматумот на Ципрас не треба да изненадува. Најнормално е во вакви ситуации сопствените позиции и аспирации да се максимализираат и претставуваат како минимални, заради зајакнување на преговарачката позиција. Меѓутоа, силен е впечатокот дека условите на Ципрас имаат и друга димензија. Не може да не му биде јасно дека ултиматумот што го поставува е апсолутно не прифатлив за нас дури да сме поразени и во војна или да ја имаме и најквинслиншката власт во светската историја. Во основата, неговите услови покажуваат нагласена неспремност да се најде брзо решение. Со поставените услови, тој си ги врза и сопствените раце. Не може утре да прифати било што помалку од изложеното бидејќи тоа би било политичко самоубиство. Впрочем, и по било каков договор, неговата Влада ќе падне.
Како изгледа, дај Боже, Грција ќе не спаси од сопственото понижување и откажување од самите себе. Што се тие поригорозни во нецивилизираните барања, тоа подобро за нас. Сепак, да не ги потценуваме “нашиве“! Кој знае на што се’ се спремни тие? И што ветиле.
Најновата грчка позиција е добра индикација дека, паралелно, ние мораме да бараме алтернативно решение. Тоа значи враќање на проблемот во Советот за безбедност, преку добро осмислен и аргументиран Меморандум, упатен до генералниот секретар на ООН, со барање нашето уставно и историско име да се користи во светската организација. Тоа бара посветеност, спремност и решителност за да се постигне целта, вредности кои до сега ни недостасуваа. Ригорозната грчка позиција е одлична појдовна основа за наша офанзива во таа насока бидејќи неизбежно ќе создаде поголемо разбирање кај главните фактори во наша корист. Се разбира доколку ние максимално се ангажираме на тој план. Само така ќе ни се отвори и патот кон Брисел.
Добро е што власта го отвори овој проблем кој предолго беше држен под маса. Решението, меѓутоа, не смее да го бара само преку наша капитулација туку и преку меѓународните коридори кои ни стојат на располагање.
Никовски
Февруари, 2018