Ристо НИКОВСКИ

Ристо НИКОВСКИ

ВО ДОГЛЕДНА ИДНИНА

МАКЕДОНИЈА НЕМА ДА ВЛЕЗЕ ВО УНИЈАТА

 

Стравувањата се потврдија. Според најновата стратегија на ЕУ за балканските држави, објавена деновиве (февруари, 2018) процесот на нивниот прием ќе биде долгорочен. По 12 “сушни“ години, кога вратите на Унијата се ширум затворени, дури во 2025 година е планирано нивното скромно отворање. Најверојатно, тој чин ќе биде само симболичен бидејќи ќе биде примена само малата Црна Гора додека другите ќе продолжат да чекаат, иако и Србија се спомнува како кандидат. И пред објавувањето на стратегијата, наречена – “Кредибилна перспектива за проширување и зајакнат ангажман на ЕУ кон Западен Балкан“, од Брисел беше најавено дека 2025 година е ориентир за прием само за овие две држави, кои веќе ги имаат започнато преговорите за членство. На самата промоција, меѓутоа, од чиста куртоазија, која е секогаш бесплатна, беше најавено дека овој датум не исклучува никого ама условите кои ги поставија значат дека и 2030 година ќе биде тешко достижна за повеќето кандидати. Брисел сигурно ќе направи се’ Црна Гора да влезе во 2025 година бидејќи, со 600 илјади жители, нема ништо да им промени а ќе ја потврди политиката на отворени врати. На Србија и посакуваме успех на тој пат ама можностите да успее заедно со Црна Гора се минимални.

Насловот на самата стратегија потврдува дека Унијата го имаше целосно запоставено нашиот регион и сега се обидува да се рехабилитира ама тоа што ни го предлага не остава простор за никаков оптимизам. Ако на Црна Гора и требаат  уште преку седум години за да влезе, на Србија веројатно уште 10-тина, на сите други ќе ни требаат најмалку 15 години за да станеме членки на Унијата. Тоа е далечна перспектива која во никој случај не мобилизира на планот на реформите кои ни се толку потребни. По приемот на Хрватска, во 2013-тата, до 2025-тата, (ќе) имаме празен од од цели 12 години. Причините се ем длабоката криза во Унијата, ем отпорот против проширувањето кој е евидентен кај земјите членки. Брисел сега зема обврска да го смали тој отпор, што нема лесно да му успее. Напротив, логиката најавува дека следните десетина години, тој најверојатно ќе се шири и тоа од повеќе причини. Ако од Бугарија и Романија, на пример, тргнаа стотици илјади да бараат работа во поразвиените земји на Унијата, загрозувајќи ги локалните работници, замислете колку ќе се “упатат“ на Запад од Србија, Македонија и Албанија, а преку неа и од Косово? БиХ не е во игра.

Новата стратегија на Унијата е всушност повторување на Агендата 2000, презентирана на 16 јули 1997 година. Таа беше резултат на апликациите за членство, поднесени од 10 централно и источно европски земји. Тоа беа: Бугарија, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Чешка, Романија, Словенија и Словакија. Денес на дневен ред е Балканот – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора. Се работи за многу сличен документ во кој се реафирмира политиката на проширување исто како и условите кои мора да се исполнат. Во Агендата беа особено нагласени политичките потреби од “преземање“ на ИЕЗ кои порано припаѓаа на други идеологии и затоа процесот одеше побрзо. Сега нема такво нешто иако во позадината е и спречувањето на евентуален руски продор.

При споредувањето на двата документи, основна оценка е дека сега условите и критериумите за прием се многу поостри, особено откако Бугарија и Романија влегоа неподготвени.

Интересно е да се погледа како одело до сега проширувањето. На почетокот се’ било релативно полесно и побрзо. Во 1995 година, Финска била примена по неполни три години од почетокот на преговорите; Чешката Република, меѓутоа, во  2004 година, била примена по шест години и еден месец преговори и процедура на прием; Бугарија е примена во 2007, по шест години и 11 месеци; Хрватска е примена во 2013, по седум години и два месеци… Турција, пак, ги започна преговорите на 3. 10. 2005 и се’ уште не е, ниту ќе биде примена. И тоа е некаква поука.

Од сегашната група, Црна Гора ги започна преговорите на 29. 06. 2012 и Брисел очекува да ги заврши во 2023 година, значи по 11 години. По две години процедура на прием, вкупно – 13 години. Србија започна да преговара на 21. 01. 2014 година и Брисел не е искрен кога најавува дека и Белград може да ги заврши преговорите во 2023 година. Тоа е само празна психолошка поддршка и за земјата и за нас другите. Србија нема обележени граници со БиХ и Хрватска, што е сериозен хендикеп, ќе добива сопки од Загреб и без тоа, а пречки ќе создава и договорот со Косово кој тешко ќе се постигнува и реализира. Барањето да се признае Косово да го оставиме по страна. Односот на Белград кон Москва ќе биде додатен предизвик кој исто така ќе влијае врз процесот. Конфронтацијата меѓу САД и Русија ќе се заострува а сервилниот Брисел ќе ги следи интересите на Вашингтон. Колатерална штета најверојатно ќе биде и Србија, која тешко ќе се приклучи на санкции. Но, еве, нека биде се’ по планот, што не е баш веројатно: ако Белград успее да ги заврши преговорите до 2023 и биде примен во 2025, тоа ќе значи дека периодот од почетокот на преговорите до членство траел преку 11 години.

Репер за нас и Албанија, со која не ставаат во иста кошница, можат да бидат само овие две земји. Тоа значи дека ако започнеме со преговорите во 2019, како ни најавуваат, ако приемот биде по 13 години, тоа значи дури во 2032 година. По околу 15 години од денес. Да сме живи и здрави, де. Што се’ може, и што се’ ќе случува во тие години, никој не може ниту да претпостави, камоли да знае.

Тоа се рамките во кои мора и Македонија да ги планира своите политики и можни жртви (капитулантски договор со Бугарија, прекрстување…), кои во основата се непростливи историски грешки. Добро е да се биде член на Унијата ама не по секоја цена. Брисел го чекаат сериозни турболенции, со сите можни последици. Унијата и еврото се европски цивилизациски достигнувања и секако ќе опстанат. Меѓутоа, формата, начинот на дејствување… не мора да останат исти. По должничката криза од 2009 година и брегзит, Унијата не е веќе ни налик на претходната. Внатрешните недоразбирања во неа ќе растат, по разни основи, и ќе бидат се почести и пожестоки. Затоа сега и се инсистира за новите членки да не внесуваат нови недоразбирања. Премногу ги имаат и без тоа. Брисел нема никаква претстава што треба да се прави понатаму. Тоа нагласено доаѓа до израз и во политиките кон нашиот регион. Идеите за некаква (кон)федерација, кои паднаа во вода, не треба да се оживуваат бидејќи немаат изгледи за успех и нема да донесат ништо добро. Разликите меѓу членките се такви што продлабочувањето на единството нема перспективи. Подобро е да се задржи богатството на посебностите отколку да се прават неуспешни и контрапродуктивни обиди тие да се унифицираат. Грешките од Мастрихт не треба да се повторуваат. Треба секако да се шират еврото, Шенген зоната и сите други практични погодности од нивни калибар, со максимално избегнување на сите можни нови политички шеми и системи. Треба да се намалат и регулативите кои навлегуваат и кај треба и кај не треба. Добро е да се шират одредени стандарди ама со усул, за да не започнат да навлегуваат и во брачните соби и кревети. Бирократите немаат многу смисла за прагматизам и практичност а во Брисел и во Стразбург  има илјадници такви. Тие ја рушат егзистенцијалната основа на Унијата.

Еуфоријата која неизбежно (ќе) се потпалува кај нас за некакво брзо членство во Унијата, за да се забошоти намерата да се преименува земјата, е и ќе биде бесрамна политичка измама и манипулација. Шансите Македонија да влезе во Унијата пред  2030 година, значи по најмалку 13 години, се рамни на нула. Впрочем, и според неформалните пораки од Брисел, најран датум за преговори ќе ни дадат дури следната, 2019 година. Зошто толку да се чека ако годинава веќе го свиткавме ’рбетот во договорот со Бугарија а на пат сме и да го скршиме прифаќајќи прекрстување на државата? Значи, одредена ама позната политика е во прашање. Истата според која толку долго нема проширување. Реформите во државата само можат да добијат на брзина и ширина ако паралелно течат и преговори. А фактот што Брисел најавува дека 2025 година е шанса за сите е најобично замајување иако одлично знаат дека такво нешто не е можно. Шират празен оптимизам. Ако една микро држава како Црна Гора преговара 11 години а ние другите, демек, имаме шанса тој процес да го завршиме за четири, пет години (2019 – 2023)! Евтино, зар не?

Најавата на Заев дека Владата прифатила географска додавка на името е чисто предавство на фундаменталните интереси на македонскиот народ. Ако го премолчиме тој резил, повеќе и не сме заслужиле. Не реагирањето на опозицијата покажува дека се и тие дезориентирани. Ако власта го брише македонскиот народ, опозицијата мора тоа жестоко да го осуди и да преземе соодветни активности тоа да се спречи а не само да констатира дека “одговорноста е на Владата“ (по средбата во Клубот на пратениците). Нивна обврска е да ги оневозможат капитулантските замисли на власта.

 

Никовски

Февруари, 2018