Што би се случило доколку Ципрас за 24 Вести, сред Македонија, би кажал дека Грција нема црвени линии? Дали, да речеме, Национални Грци или Златна Зора би му дозволиле да ја помине границата и мирно да си седне во фотељата во Атина?
Тогаш која е суштината на преговарањето? Зошто тогаш цела светска историја се мачела со преговарање и договарање со цел да се дојде до решение? Ова се однесува на преговарање и договарање меѓу две еднакви суверени држави какви што треба да бидат Македонија и Грција (велам какви што треба да бидат, бидејќи во последно време не сум сигурен за првата), а не помеѓу победници и поразени. Во таков случај нема преговарање и договарање, туку само прифаќање на условите од страна на поразените, а наметнати од победниците.
Тогаш која е целта на преговарањето ако не постојат црвени линии? Црвените линии се основна позиција на секоја страна да преговара, моќта која може да се користи во преговорите и разговорите е токму преку црвените линии. Тоа се линии од кои јасно кажувате дека тоа е точка зад која немате намера да разговарате, а камо ли да преговарате. Немањето црвени линии значи дека нема потреба да преговарате или разговарате, туку се поставувате во ситуација на поразен со прифаќање на условите на победникот (во овој случај тоа не е само Грција, туку и папет-мастерот кој го ставил Гонзо да ја одигра оваа игра). Со отстапувањето од црвените линии оваа влада влезе во теорија на игра со резултат еднаков на нула (sum-zero encounter) во која загубата за едниот (името, идентитетот, јазикот, културата, историјата) е полза за другиот (црвените линии кај Грците се јасни, нема отстапки, освен од наша страна и тие тераат во тој правец).
Од еден претходен наш концепт на цврстина и издржливост (тоа ни е милениумски стајлинг) преминавме на мекост и попустливост. Аспектот е суштински: одлуката кога да се биде цврст или попустлив зависи од суштината на прашањето што е предмет на преговори и од способноста кога да се биде со двете нозе на земја. “Овие” (не можам да пишам “ние” или “нашиве” кога не ми паше) не ми изгледа дека се во насока на цврстина кога во зависност од прашањето, а прашањето е суштинско, се повеќе од попустливи. За разлика од повеќето техники на преговарање во делот за препознавање на можноста или дијагностичката фаза, овие ја избрале најлошата фаза – наведување на главата пред надворешниот притисок. Оваа фаза е резултат на една претходна фаза која сме ја искусиле, а е дел од наводното избегнување на пропаста преку закани и предупредувања (нема членство без решение, нема преговори без решение) со употреба на вето и блокади. Начинот на кој овие пристапиле се состои во класично поклонување пред надворешен притисок, навидум како неутрален, а е застапник на спротивната страна. Не постои ништо што надворешниот притисок и наметнува на другата страна самата да биде суптилна или индиректна, освен свооте добро познати црвени линии за ефикасност. Од таа точка, другата страна ги користи тактиките на преговарање со укажување на ползата од решавање на проблемот или на штетата доколку не се најде решение (користено преку аеродромот, автопатот, спомениците, итн.).
Има неколку опасности во оваа фаза во која овие како мува без глава влегуваат во разговори. Едната опасност е дека начините на притисок би можеле да прераснат во проблем за себе уште пред да се дојде до вистинските прашања (битно е за што се преговара, а не дали се преговара). Втора опасност е дека обидите да се покаже дека се можни корисни решенија преку преговорите, самите преговори се во состојба да ги зголемат очекувањата на другата страна до таа мерка, што би било неодржливо тогаш кога ќе започнат вистинските разговори (оттаму предлозите за Централна Балканска Република или име без зборот Македонија). Третата опасност се состои во опасноста од предвремени предлози бидејќи така се идентификува природата на работите за кои се преговара. Сите овие опасности, поради грешките на “овие” ни висат над глава. Па оттаму, би требало да се пристапи кон сериозно студирање и размислување за решението на “овие” од следниве потточки (потточките целосно и во крајност не ги следи оваа пајтонска влада, туку оди целосно спротивно; кој не се согласува има објаснување за секоја потточка):
1. Разгледај ги и биди добро информиран околу фактите на проблемот, неговите корени, историја, промени и развиток.
Фактите се дека секоја држава според Повелбата на ОН, во делот 7 за Правото на самоопределување, самата е надлежна, односно нејзино исклучиво внатрешно право е да го избере името на својата држава. Корените на проблемот се од ’91ва наваму, а Македонија постои од памтивек, па има и докази во кои Грците се откажувале од името Македонија и Македонците како нивни поробувачи. Историјата е доказ сам по себе, никој не може да ја смени, а камо ли да ја заборави или избрише. Овие тоа го губат за само 6 месеци.
2. Гледај во преседаните со кои се управувани слични референци.
При прием на држави во ОН, постои Советодавно мислење уште од почетокот на работата на Судот на правдата во 50тите години во кое се вели дека условите за членство се доволни и не се потребни дополнителни услови. При приемот на РМ предвидени се дополнителни услови (прием под привремена референца, водење разговори за своето има, промена на Устав и знаме). Не сум сретнал во историјата, млад сум, можеби има ситуации, некој лидер на држава, претседател или премиер, да се откаже од црвени линии при водење разговори и притоа да го изгуби, уништи или осакати постоењето на еден народ, а да не се работи за ситуација во која сте победени (дури и оние кои биле во нееднаква положба имале црвени линии зад кои не сакале да разговараат). Преседани пар екселанс.
3. Разбери ги контекстот и очекувањата кои даваат значење на ситуацијата.
Далеку од тоа да оваа пајтонска влада го разбира контекстот и значењето на ситуацијата. Името МАКЕДОНИЈА и се што е поврзано со него е дадено на продажба и тоа е јасно дадено до знаење кога народот одамна се подготвува за она што следи (Бујар Османи е меѓу главните со настапи за ова прашање, дури повеќе од самиот Заев и Поповски).
4. Обиди се да ги попишеш влоговите и интересите.
Кој е нашиот влог и интерес? Нема Македонија, македонски јазик, македонска историја, македонска култура, се ќе биде интерес на другата и третата страна (надворешните). А влогот: јасно е кој колку губи и добива.
5. Биди свесен за чувствителните елементи во гледиштата за ситуацијата и за емоционалната компонента.
Емоционално ќе не уништат, не Грците, они само ќе го искористат моментот на луцидноста на шупциве наши, туку ние самите, уво не им чуе за чувствата на Македонецот, за патриотот, а тоа е поради наредната точка, убиство во поим како резултат на еднакви во разликите, а без почитување на засебноста и посебноста.
6. Врз овие основи, размислувај за алтернативни решенија.
Губиме од старт, а се продаваме ефтино, зошто за овие нема алтернатива, заљубени се во идејата наши војници да одат во туѓи војни и, не дај боже, да гинат (еден од учесниците во спасувањето на американците од амбасадата во Бенгази и испоставата на ЦИА размислува што би рекол неговиот син доколку му кажат дека неговиот татко загинал: зошто отишол во држава која ништо не му значи, да се бори за цел која ни тој не ја знае). Или немањето алтернатива од ЕУ (се декларирам не како анти-ЕУ, туку како ЕУ реалист), во ситуација кога се повеќе држави размислуваат за излез (Велика Британија има свои црвени линии за излезот од ЕУ, што би било доколку ги нема), кога расте силата на десничарските-националистички движења, кога ЕУ никако не може да се справи со тероризмот, мигрантите, бирократијата, недемократијата (само нека не залажуваат дека се работи за популизам, туку за вистински евро-скептицизам), па од прашања за висината на јачменот во пивото или квалитетот на доматите, ЕУ продолжува да поддржува уривање на режими, двојни стандарди, зголемување на невработеност, намалување на плати и пензии итн. Алтернативни има, само не се за сечиј мозок.
7. Додека таквите проучувања се одвиваат дома, може да се започне да се чуе мислењето на другата страна.
Сосема спротивно. Дома никој ништо не знае и со никој не се разговара, се е тајно, Моне стил, додека со другите отворено се разговара за продажба на се што е Македонско.
За мене, Македонија една и единствена и засекогаш.
21.01.2018
Скопје