Тони Науновски
(Ретро, пак)
МАКЕДОНСКИОТ SKYFALL
Континуираното затворање на сите перспективи на Македонскиот народ и на државата во сите можни колективни хоризонти симболично (во алузија на високо-апстрактните пораки во новиот филм за Џ.Бонд, за посветеноста кон татковината), но и мошне соодветно, денес може да се означи како Македонски skyfall. Во буквално сите можни позиции и аспекти од реалноста, фактографијата е безнадежнa со параболите на постојаниот пад – од економските индикатори, преку надворешно-политичките состојби, до посуптилните деформации на Македонската национална свест. Секаде денес се случува Македонскиот skyfall. На улиците, во институциите на системот, малубројните фабрики, во самосоочувањето со фактите.
Но, најголемиот „самрак на боговите“(Ф. Ниче) кај Македонците сепак е можната анихилација на митот за ВМРО, долги агонични години олицетворен во политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Ниту падот на индустриското производство, ниту инфлацијата, ниту агресивните политики на соседните држави кон РМ, ниту нивото на државна (кредитна) задолженост, или детските и пакосни караници за небитни нешта додека среде Скопје дивеат странски знамиња – туку токму демистификацијата на митот/реалноста (К.Л. Строс), е Македонскиот skyfall.
Од 2008 г. до денес, од мигот на најголемата историска грешка на ВМРО-ДПМНЕ, кога направија коалиција со ДУИ (и тоа токму кога за првпат самите имаа мнозинство во Собранието односно добија апсолутен демократски легитимитет!), кога сите перспективи се практично затворени, се наоѓа проклетиот круг во кој се случува крајот на Македонскиот колективен ум. Во оваа временска рамка од само дваесетина години, се случи погромот на сите подзаскриени извори на колективна енергија лоцирани околу вербата во (митот) – ВМРО-ДПМНЕ.
Реконструкцијата на т.н. објективни фактори за сите погрешни политики веќе нема валидност, нема да биде оправдување, не може да биде утеха – сонот е скршен, надежта практично веќе ја нема. Кога и современите персонални еманации на Македонската суштина рефлектирана во светите букви ВМРО ги дозволија сите понижувачки случувања на кои Македонците беа и сеуште се, се повеќе, подложени веќе премногу години, преостанува единствено болното сознание дека – толку беше! Трансферот на историското значење на ВМРО за Македонскиот народ не се случи кај номиналните носители негови во денешнината наша траорна – тука е метафизичката одгатка за реалистичниот хорор кој ни се случува, за затворањето на погледот кон иднината, за изгубената колективна надеж и перспективи. Во комбинација со уште поирационалните акти и говори на другата голема Македонска политичка партија (СДСМ, кои први направија коалиција со ДУИ), кругот се комплетира, линиите на можните излези се зацврстуваат, уништувањето е комплетно!
Оправдувања и рационализации за сите порази на Македонскиот народ во овие тегобни години – денес повеќе нема! Апологијата на денешното ВМРО, никогаш нема да се напише/вреже во свеста на Македонците, ако воопшто и не има како колективен субјект, во некоја структура на некаков и нечиј државен систем. Едноставно, нема оправдувања за континуираните напуштања на најсветите Македонски национални и државни интереси, посебно покрај демократските укажувања и мноштвото основани критики за погрешноста на определени политики. Измислените (агит-проп) приказни за некакви странски влијанија, нужноста од послушност односно следење на геостратешките процеси наметнати од страна на „помоќни“ држави и алијанси, всушност само ја засилуваат одговорноста за поразот на трансисториското ВМРО и на нивните современи претставници.
Никој и ништо на овој свет не може да биде апсолут над Македонските работи, господар на Македонската судбина – освен ние самите, Македонците како народ и нација. РМ не била, ниту пак е нечиј протекторат,ничија земја – на која друг/други ќе управуваат со клучните политики и процеси, а кои денес мора да почнат да ги рефлектираат најсуштинските и најдолгорочни стратешки интереси и потреби на народот на оваа земја. Дури и во најмачните и ропски времиња на Македонскиот народ немало ваков skyfall, толку бескруполозно (само)уништување на егзистенцијалните одредници кои ја структурираат националната самосвест.
Македонија е на работ од историскиот амбис. Таа не може да егзистира повеќе на овој начин, со безбројни и секојдневни удари од разни страни и врз сите есенцијални параметри и позиции на системот. Дваесетина години се доволно време да се сфати дека упорното продолжување на таквите државни политики само ја закопуваат Македонија се подлабоко во калта на современите форми на погром на цел еден народ/нација. Политичките елити мора да направат радикален пресврт во секоја смисла, затоа што дваесетина години константно пропаѓање е доволен аргумент дека избраните и практикувани модели на политички дискурс и ориентации се погрешни. Заложништвото на мисловниот хоризонт на државата кон очигледно антимакедонските структури, сојузи, итн., ја дотроши колективната „животна енергија“ (А.Бергсон) на Македонците.
Но, каде е опасноста, таму е и спасот! Денес, Македонија мора да го направи токму спротивното од она што го правеше во овие исцрпувачки дваесетина години. Уште денес ВМРО мора да ги врати своите свети букви како автентични означители на сите Македонски дејства, како референтен систем на политичките партии, на самото ВМРО-ДПМНЕ – со спротивно делување од ова кое агонично го дозволуваше и повнатрешни како партиска-државна политика. Враќањето на целосниот (посебно политички) суверенитет и автономија во одлучувањето, согласно историските традиции на многубројните Македонски херојски парадигми, следејќи ги примерите на артикулација на Македонскиот колективен ум, неопходното свртување во обратни насоки од оние кои доминираа досега, е последниот зрак среде тмурното небо во кое се наоѓа Македонија. Превземањето на акции против сите изблици на аномија и кршење на законите, што впрочем е демократски стандард на високо-развиените современи држави, ќе го означи почетокот на враќањето на Македонците во креирањето на – Македонија, на нејзината сегашност и иднина.
Излезот од „Језидскиот круг“ направен преку проклетството на историјата струполена врз Македонскиот народ е последната задача на партиско-политичките елити. Бесконечното отстапување (повлекување) во практично сите аспекти – а посебно во односот кон некои политички претставници на албанското малцинство кое живее во РМ – не и донесе ништо добро на оваа држава, токму напротив! Проклетството на skyfall, симболично изразувајќи ја најреалната животна стварност на Македонија, нека биде во својот финален стадиум сепак поттик за пронаоѓање (и создавање) на последната енергија на Македонците, со која комплетно ќе ја изменат не-македонската реалност.