УТРИНСКИ РАЗГОВОР СО МПЦ-ОА
Почитуван Горан Стојчевски, бидејќи вашиот коментар го сметам за многу значаен со темите кои ги загатнува, а е надвор од темата на вчерашниот пост, вашите и моите размислувања ги ставам на утринскиов пост.
Goran Stojchevski: ,,Кои се нашите непријатели? Од 1950 г. до денес над 1.270.000 абортуси, ние сме се самоубиле практично. Годинава сме со најмалку првачиња од 1945г. година, со најмалку склучени бракови, и многу разводи. Отселувања, бугарски пасоши заради кола или мотор, работа во странство оти овде само партиски се виде дека е патот до “успехот”. И сега ние сме имале непријатели, па да, самите на себе сме непријатели.“
.
1. Викате: ,,Кои се нашите непријатели? Од 1950 г. до денес над 1.270.000 абортуси, ние сме се самоубиле практично. Годинава сме со најмалку првачиња од 1945г. година, со најмалку склучени бракови, и многу разводи.“
.
Абортусите во секое општество се резултат на нискиот стандард и ниското ниво на образуваност пред се на жената, која не ги разбира последиците по нејзиното здравје, а потоа и на мажот кој ја дели одговорноста и кој треба да ја заштити. Само неодговорен родител создава многудетно семејство кое не може да го издржува.
Што направи МПЦ за подобрување на стандардот на населението?
Што направи за подобрување на едукацијата?
Што направи како црква, што направи во поглед влијание врз моралот на власта за менување на состојбата?
Одговорот е ништо!
.
2. Викате: ,,Отселувања, бугарски пасоши заради кола или мотор, работа во странство оти овде само партиски се виде дека е патот до “успехот”.“
.
Луѓето не земаат бугарски пасоши заради кола и мотор што е симплификација на проблемот и оправдување кое го имаат партиите на власт, иако инцидентно има и такви. Ги земаат заради причините кои и вие ги набројувате: невработеност, негативна селекција во општеството било партиска или семејна, неможност својот живот да го направат продуктивен. Истите тие луѓе кога ќе се најдат во друга земја, се женат и имаат деца, две, три …Сите млади луѓе околу мене кои останаа тука во САД, го направија точно тоа, се оженија и имаат најмалку две деца, а ниту еден од нив нема повеќе од 35 години. Што направи МПЦ во врска со ова? Ја критикуваше власта за партизирањето на државата, за непотизмот, за иселувањето на младите и образувани или помалку образувани? Било која власт? Одговорот е не! Не направи ама баш ништо!
.
3. Викате: ,,И сега ние сме имале непријатели, па да, самите на себе сме непријатели.“
.
Убавината на животот е во нашата единственост, секој човек е единствен. Тоа прави различно да размислуваме и од тоа произлегува прогресот. Таа различност не значи дека сме си непријатели еден на друг. Одлуките во една држава ги донесуваат институциите, не народот. Претседател, влада, универзитети, судови, цркви…Народот нема никаква контрола врз своите избраници, а уште помалку врз одлуките на оние кои не ги избрал, како црквата на пример. Кога јас и некои други мислиме дека одлуката на црквата е против интересот на народот, таа црква не ја сметаме за непријател на народот, затоа што од непријател и би очекувале непријателска одлука, напротив, сметајќи ја за пријател на народот ја критикуваме. Тоа што вие како црква се ставате во улога на жртва кога постапките на свештениците се критикувани, не може да помине кај никого. Прво, нелогично е да глумите жртва, второ, го загубивте авторитетот кај мнозинството Македонци со сѐ што не правите и со многу работи кои ги правите.
Еве што викам јас!
Нели е срамота, една национална црква, никогаш да не направи ништо за сопстевниот народ освен да му понуди место за молење и палење свеќи? Дали финансирате еден оброк за учениците од сиромшни семејства во кои тој оброк не го добиваат? Дали финансирате училишта? Дали доделувате стипендии на студенти во разни области?
Јас не сум црква, се согласуваме?
Сепак откако сум во САД, на Македонија сум и донел преку $5.000.000 (милиони долари), во долари, за наука, плус лабораториска опрема чија вредност никогаш не сум ја пресметал но и таа е во милиони, сум образувал 40 или повеќе македонски научници на Колумбија со средства од мои научни проекти, а многумина и со мои лични средства, и никогаш не сум побарал било кој доброволно или недоброволно да ми донира било какви пари или кај мене дома да пали свеќа која ќе му ја наплатам…И не го пишувам ова за да кажам кој сум, бидејќи моите деца и моите пријатели знаат кој сум, а тие што не ме знаат, не ме знаат и било да мислат добро или лошо за мене нема значење бидејќи не ме знаат. Но ви го пишувам за вие како МПЦ да се замислите и да се засрамите од тоа НИШТО што сте го направиле за народот кој некогаш се крсти во вас, а некогаш се крсти во црквите кои ги наследивте од претходниците кои имале визија, за разлика од вас како МПЦ. И сѐ додека ве критикуваме, постои некоја надеж кај нас, дека барем некои од вас ќе си ги протресат главите и ќе се освестат дека го забрзуваат разнебитувањето на македонската држава и нација. Дали има некаков суд кога ќе умреме, не знам. Но знам дека на оваа црква, на овие свештеници еден ден ќе им суди овој народ.