НОВАТА ДУДИНКА и ДРУГИ ПРОЕКТИ

НОВАТА ДУДИНКА и ДРУГИ ПРОЕКТИ

Еве дојде време да одговорам на неколкумесечното поставување прашања “зошто не си доволно активен“, па потоа “зошто не пишуваш како порано“, па потоа “и вас ве замолкнаа ко Латас и забранија ко Јанко и Васко“, со крешчендо “каде може да ја читаме Мирка“.

Одговорот е, се подготвував(ме) за долготрајна, исцрпувачка и нерамноправна борба против непријателот, против “enemy foreign and domestic“. Посебно против овој домашниот.

Моја, наша (на преостанатите преживеани) задача е да не биде заборавено кој и каква улога одиграл во овие последни 70, последниве 25 а особено последниве три години. Никој не смее да биде заборавен, амнестиран, помилуван или релативизиран. Сите ќе си се појават ачик пред судот на народот и како такви, како предавници, ќе бидат запишани во историските читанки. Сите: дипломати, министри, бизнисмени, тајкуни, професори, интелектуалци, преговарачи, премиери – сите.

НЕРАМНОПРАВНА БОРБА

Тоа, велам, е нерамноправна борба.

Прво, финасии. Ние немаме некој “Родиќ“, уште помалку сме некоја си “Радко“ организација… Ние го немаме Сорос зад нас, а немаме ниту Кондоминас, Рафинерија, Веро или слично. Значи, ќе работам, дај боже ќе работиме, од народ за народ.

Второ, безбедност. Таа е апсолутна нула. Никаква безбедност не постои од секојдневни напади на орди домашни платеници и странци, домашни криминалци и багабонти, на се живо што сака да ја снема Македонија.

И трето, идеологија. Мојата (нашата) идеологија е Македонија. Идеологијата е национална, националистичка, патриотска… Идеологијата е романтична, а не прагматична. Јас (ние) не сме политичари заробени во уцени заради се и сешто, ние сме обични, домољубиви Македонци. Национални романтичари што сметаат дека правдата е на страна на Македонија и на страна на Македонците.

КОЛКУ СМЕ?

Малкумина сме. Малкумина некорумпирани и со непроменета страна, за разлика од оние што страните многукратно ги менуваа заради “прагматични“ причини. Лично, никогаш не сум променил страна, од оваа моја националистичка, патриотска и романтична. Никогаш не сум основал партија, не сум преминал во друга (трета, четврта…) партија, никогаш не сум имал функција, ниту сум бил член на управни одбори, никогаш никој не ме направил директор, амбасадор, било што… Никогаш не сум плукал по лидер кај кого потоа сум се молел да се “вратам“ и да добијам позиција. Никогаш. Такви знам уште два-тројца – и, толку.

Борбата на два-тројцава плус мене е за народот, нацијата и државата. Не е за фотељите, привилегиите, мерцедесот, морските плодови или шницлите од бизон.

ШТО СЕ РАБОТЕШЕ?

Во овие изминати месец-два, Дудинка ја презема (откупи) швајцарска фирма. Затоа е сега поинаку адресирана. Оваа Дудинка е безбедна од хакерски и дипломатски напади. Сметам дека ќе ја задржи истата уредничка политика, иако Берн е далеку.

Започнав со пишување на книга (побајаги сум напреднат) во врска со настаните во последните две-и-пол години. Ликови, настани, сведоштва, кој што рекол а издржал, кој што ветил а не остварил, кој на кои состаноци бил и што кажал или излажал… Сите ќе се насликани со име, презиме, настан, време на дешавање… Сведоштво. Издавачката куќа е од Берлин, истата што го издава еден од најрелевантните политички магазини во Германија. Рецензент е Бобан Нонковиќ. Откако му ги испратив првите 50-тина странци, неговиот коментар беше: “Лелееее, па, па, па…“. Се мислам за наслов! Можеби “Кој тоа ја предаде Македонија“ е вистинскиот. Ама не сум решил сеуште.

Најважно од се е она што би требало да се појави на Македонската медиумска сцена во рок од месец или месец-и-пол. Место кое нема да е корумпирано од било која политичка опција. Место (медиум) кој ќе каже не само што било, туку и ШТО ТРЕБА ДА СЕ НАПРАВИ за да излеземе од оваа септичка јама во која не‘ напикаа “пржинските“ преговарачи.

УСПЕШНОСТ

Дали ова ќе биде успешно?! Дали ќе даде разултат? Одговорот е: ПОЈМА НЕМАМ.

Ако на народот му треба таква информација, медиуми, литература, ТВ емисии – тогаш оваа работа ќе биде успешна.

Ако пак нема интерес за ова, па победи “прагмата“ дека “еден е изборот“, односно патот кон фашистичката ЕУ и милитантно-окупаторската НАТО е решението – тогаш нашиот труд ќе биде залуден и заборавен.

Но, мое е да се потрудам и да дадам се од себе. После тоа, се е во Божји раце.

ПС
Ќе заборавев. Спремаме неколку продолженија на НОКТУРНО.

Миленко Неделковски

Некаде на Балканот

18.07.2017 08.49 ч.