КОМЕНТАТОРИТЕ

КОМЕНТАТОРИТЕ

Младен Делиќ (1919 – 2005) тврдеше, и никој не му се спротиставуваше на тврдењето, дека голем коментатор се станува на голема утакмица.

Владан Стојаковиќ (1927 – 1997) тврдеше, и апсолутно никој не му се спротиставуваше, дека не е секоја утакмица голема, историска, решавачка, бити-или-не-бити…

Тие, заедно со Никола Солдатов, Иван Мировски, Иво Миловановиќ (Словенија), Милка Бабовиќ, Марко Марковиќ, Едо Пеци и Драган Никитовиќ се доајените и основоположниците на спортското коментирање на ЈРТ, од која подоцна се осамостали МТВ.

После неуспехот во Гдањск секако неможат за тоа да бидат виновни коментаторите.

Но, овој нивен последен коментаторски настап дојде како кулминација на неколкугодишно (не)коментирање на спортските коментатори од сите телевизии во Македонија. Некоментирање – ами навивање.
Почеток на пренос со тврдења дека “мотивацијата на нашите јасно кажува дека ќе се пласираме во Рио“, па натаму дека енергијата зрачела, имало изблик на емоции и слично – а натпреварот незапочнат, е вовед во коментаторска катастраофа. Катастрофа на ниво да и покрај очебијната очајна игра од првата секунда (која сите освен коментаторите ја видоа), дури и на 5 разлика коментаторите не убедуваа дека еве сега ќе се вратиме во резултат… Дека еве овој гол кога од 6 намалуваме на 5 разлика е пресвртница и слични глупости се карактеристика на навивачи на трибините, заложници на обложувалниците – или со еден збор публика. А не на професионални спортски коментатори.

Еден од најголемите киксови на Владанко е кога на полувреме седна дрво пијан на коментаторската позиција на натпреварот Југославија – ДДР. Па така не го виде голот на Источногерманците.

Владанко овој кикс не го плати бидејки беше институција во Југославија. И не му беше прв пат така да доаѓа на коментаторско место. Ама он беше шармантен, духовит, општо прифатен од народот.

Нашите сегашни коментатори, на сите телевизиии, ја немаат “километражата“ на коментаторите од СФРЈ (освен Калински), а и македонскиот екипен спорт не дава можност да се стане голем на голем натпревар.
Единствено на Трпе (Игор Трпевски) му се посреќи една утакмица. Кошаркарска со Хичкоков крај и радост за нас. Сите други фудбали, ракомети, кошарки (екипни и репрезентативни) не оставаат простор за еуфорија.

Коментатирање е работа за професионалци, не за навивачи. На луѓе со контрола врз своите емоции, не на малолетни балавци. Коментирањето е работа на баланс помеѓу она што се случува на теренот и сликата која оди во домовите на гледачите. Бара претпазлив пристап. Една утакмица е равна на една драма, опера, филм, книга… Ако крешендото е на почеток, што ќе се случи ако по некој случај нашите успеат да победат?! Коментаторите јавно ќе сечат вени на коментаторска позиција? Во крими филм не може убиецот да биде откриен во првата минута.

Никој жив на планетава не може да знае која утакмица како ќе заврши. Каква радост или тага ќе донесе. Што ќе се случи. Затоа е коментаторот таму да оди да искоментира она што фактички се случува на теренот, а не што тој си замислил во хотелската соба.

ЈРТ имаше и тапа коментатори. Повеќемината беа тапа. Така на пример Звонко Михајловски (Белград), пред секоја утакмица си имаше напишано во тетратката на станциата лево “ако победи ….“, на страницата десно “ако победи …..“. Значи кој и да победи во дуелот, тој имаше напишано хвалоспев за “победникот“. Многу беше бедно тоа да се гледа. Мене нашиве, како што ги слушам, ми личат дека се однапред подготвени со реченици, изрази, еуфорија… Е, ама така нема станување голем и бележит спортски коментатор. Така има станување подпросек.

Доколку случувањата на теренот не те понесат, доколку не те инспирираат, доколку од тоа не добиеш мотивација па зборовите и речениците само да ти течат од мозокот низ устата, тогаш ништо од бизнисот.

Мене ми се имаат посреќено неколку преноси. Сена со победата со Лотус во Есторил на пороен дожд. Келн – Ѕвезда, Југославија – Шпанија во Верона на Светското во Италија 1990-та… Спортскиот натпревар и драмата, која е единствнеа во моментот, е таа што може да го понесе коментаторот. Вештачки, однапред подготвени “умни мисли“ не прави некој да стане коментатор, ами абдал.

Секој коментатор сака веќе следниот натпревар да е голем натпревар, за и тој, како што велше Делиќ, да стане голем коментатор. Ама, тоа така не бива. Утакмицата не кажува кога ќе е голема, а кога просечна.

Затоа, колеги, од еден искусен коментатор како мене, со над 2.000 преноси, поука: Без брзање. Утакмицата сама ќе дојде. И, пуштете чувствата да излезат од вас… Да говорат за вас. Ослободете го мозокот. Не се заробувајте во цифри, статистики, вчерашни изјави на актерите… Пуштете срцето да ве води.

Така, со срце, коментираа сите големи коментатори што сум ги познавал. И затоа, како во случајот на Владанко, јавноста им простуваше и најголеми киксови. Затоа, Младен Делиќ можеше во пренос да каже “ја сада не знам шта предвиџају правила“.

Народот, баш како и во политиката, баш како и кај спортистите, така и кај коментаторите чуствува кој е вистински а кој вештачки.