КАПИТЕНОТ АУТ!

СЕ РАЃА ЛИ УШТЕ ЕДЕН КАМЕН НА СОПНУВАЊЕ ПОМЕЃУ ФФМ И ВАРДАР?
Нема повик за капитенот: Грнчаров отстранет од националниот тим поради кавга со претседателот Ѓорѓиоски?!

Бобан Грнчаров, дефанзивецот на Вардар и капитен на македонската фудбалска репрезентација не добил повик за претстојниот квалификациски натпревар со Шпанија на 8 септември. Изненадување за сите, особено за доброупатените во приликите, но причините се непознати (читај: се кријат).

Фудбалската федерација на Македонија од претходно најави дека списокот на репрезентативци за дуелот со Шпанија ќе биде објавен в понеделник, но сликата за тоа како ќе изгледа тимот на Бошко Ѓуровски е горе-долу позната. Тоа се гледа од поканите кои канцеларијата на „куќата на фудбалот“ ги испраќа до клубовите кои треба да ги ослободат своите играчи. Покана во Вардар за Грнчаров не е стасана, а со оглед на тоа што останатите репрезентативци добија известување уште пред десетина дена, повеќе од јасно е тој нема да биде на списокот на селекторот.

За причините поради кои новиот селектор се откажува од неговиот прв капитен наголемо се шпекулира во фудбалската чаршија, но вистината за овој потег ќе биде позната в понеделник, на прес-конференција.

„В понеделник ќе има прес, кога селекторот ќе ги образложи причините за стие кои што се повикани или што не се повикани“, вели Златко Андоновски, портпаролот на ФФМ.

MACEDONIA SOCCER RED DEVILS BELGIUM VS MACEDONIA

Во отсуство на логично образложение за неповикување на Грнчаров, кој е стандарден, во добра форма игра во Вардар, реално, нема соодветна замена за неговото место во А-тимот и е најискусен од целиот ростер, веднаш почнаа да се плетат приказни дека ова е само најнова искра во војната помеѓу ФФМ и Вардар, која е разгорена деновиве.

Но, малкумина знаат дека Грнчаров имал голем конфликт со претедателот на ФФМ на подготвителните натпревари во Австрија и Италија, кога вардаровиот стопер и беше капитен на тимот. Имено, во разговор со играчите за начинот на премирање на репрезентативците (плаќање на повик, премии за победа и нерешено…), Грнчаров реагирал кога слушнал дека ФФМ има во план ептен да ги намали премиите, плаќањето на повикот за настап…

Како што дознаваме, во кавгата со Ѓорѓиоски, Грнчаров говорел без влакна на јазикот, јавно прашал зошто ФФМ големите пари кои ги заработува од националниот тим ги насочува за плати на администрацијата, а не за подобри услови за фудбалерите од сите репрезентативни категории. Била отворена и темата за летањето со нискобуџетните авио-линии, сѐ со цел да се заштеди секој денар, а ФФМ добро се офајдува од секој пријателски натпревар – платени се сите трошоци од организаторотл, згора на тоа се плаќа и дополнителна премија…

Грнчаров засега не сака да коментира ништо, вели дека ќе го чека официјалниот список на Ѓуровски. Се обидовме да го прашаме и селекторот, но тој не одговара на нашите телефонски повици.

Златко Крстевски

Преземено од: http://sportmedia.mk/nema-povik-za-kapitenot-grncharov-otstranet-od-natsionalniot-tim-poradi-kavga-so-pretsedatelot-gorgioski/