На 14 јули 1907 година на врвот Ножот била одиграна една од најголемите и најхеројските битки во постилинденскиот период, чиј епилог одекнал ширум Европа. По Илинденското востание пропагандите на соседните земји: Србија, Бугарија и Грција, започнале со вооружено дејство над македонското население, тие од просветно-црковни преминале во вооружени. Започнал големиот наплив на грчки-андартски чети, бугарски и српски чети кои вршејќи колеж низ македонските села вршеле етничко чистење на Македонија од Македонци. Македонската револуционерна организација влегувајќи во отворена војна со соседните пропаганди сето свое време, енергија и ресурси ги насочила кон одбивање на нападите од соседните балкански земји. Додека Османлиите допуштале слободно да навлегуваат вооружените пропаганди во Македонија така слабееле и нивните позиции на овие простори. Во таква ситуација дошло до соработка помеѓу пропагандите и османлиските власти. Пропагандните инсталации сред македонското население започнале да ги предаваат позициите на Организацијата кај османлиските власти, на тој начин биле предадени и позициите на четите во Прилепско. Четите на Тане Николов, Михаил Чаков и Христо Цветков западнале во обрач од османлиски аскер кај селата Никодин и Ракле, притиснати кон врвот Ножот. Прилепскиот окружен комитет одлучил четите да се повлечат од своите позиции, наспроти тоа на 13 јули 1907 година војводите извршиле советување на кое одлучиле дека нема повлекување и ќе влезат во отворен судир со аскерот. на 14 јули бројни турски воени единици се упатуваат кон Врвот Ножот од три правци. Четите на Организацијата биле стратешки распоредени на повеќе точки кои требале етапно да ги ослабнуваат османлиските војски. Но Османлиите добиле засилување по што започнале да ги разбиваат силите на Организацијата. Крајна останала четата која се наоѓала на самиот врв, момчињата се бореле до последниот испукан куршум, кога останале без муниција решиле да си го одземат животот со бомбите кои им преостанале. Ги поставиле бомбите на земја, легнале врз нив и се саморазнеле. Дел од османлиските војници започнале да ги сквернават телата на комитите, командантот на османлиските единици веднаш го запрел ваквиот чин, им се обратил на своите војници со зборовите „Вака се гине за својата земја“, по што наредил комитите да бидат погребани со почести и била извршена почесна стрелба во чест на нивната храброст и пожртвуваност.
Благодарение на жртвата и храброста на овие млади момци ние денес имаме сопствена држава и знаеме кои сме и што сме.
На 14 јули 2016 година да им оддадеме почит на нашите херои од Битката на Ножот, тоа е најмалку што ние можеме да сториме.
НА НОЖОТ – Битка 14.07.1907
