УДБА

УДБА

Петнаесет души одметнати в планина

Герасим Лазаров од Конче не сакал да влезе во колективот и бил ликвидиран по предавството на неговиот зет од ќерка

Виктор Цветаноски

Според истражувањата на некои македонски историчари, еден од најголемите гревови на македонските комунисти била колективизацијата на селото, кога се случила најголемата и најмасовната репресалија по војната. Оние што не се согласувале да ги отстапат своите имоти во селските работни задруги биле водени на ноќни испрашувања, некои стрелани, а нивните семејства ги одведувале во логори.

Од тоа време познат е случајот со светиниколското село Немањици, кое во 1950 година цел месец било блокирано, затоа што селаните се побуниле и не сакале да влезат во колективот. Панче Арсов, кој бил учител во селото, раскажува дека специјални патроли на УДБ-а ноќе влегувале во куќите и ги тепале сите што сметале дека се виновни за бунтот. Првите десетина дена секоја вечер имало апсења и малтретирања. Биле затворени околу 30 селани, a десетина од нив никогаш не се вратиле дома. Нивните најблиски до денес не знаеле каде се погребани за да им запалат свеќа.

Не постојат документи за тоа колку селани тогаш биле репресирани, зашто целата документација била испраќана во федералните органи. Во македонските архиви е пронајдено само едно ливче во кое Вера Ацева ги информира во Белград дека во октомври 1949 година биле осудени 80 лица во врска со колективизацијата. Дури и не се знае колку луѓе се убиени за време на колективизацијата на кои семејствата не им ги знаат гробовите.

За тоа како се спроведувала колективизацијата и што презела власта со непослушните карактеристичен е случајот со Герасим Лазаров од селото Конче, Радовишко, кој бил убиен на 13 октомври 1949 година. Тој со уште петнаесетмина од тој крај се одметнал в планина, но бил предаден од својот зет од ќерка. Бил имотен и авторитетен човек во Лакавичкиот регион, а власта настојувала тој меѓу првите да влезе во колективот и така да ги повлече другите селани. Меѓутоа, тој не мислел така и кога му понудиле да влезе во колективот категорички одбил.

„Власта решила Герасим да биде притворен зашто со неговиот однос кон колективизацијата незадоволството се ширело и кај другите селани. Меѓутоа, дознавајќи дека ќе биде притворен, ме извести мене и најблиските дека разбрал што му подготвува власта и оти има намера да го напушти семејството и да оди в планина. Тогаш ни рече: ’Никој не може со неработници и кодоши да другарува и да го дели имотот!‘ Не’ остави нас деветмина (свекорот, седум деца и мене, а едната ќерка беше мажена). На поаѓање рече: ’Кој сака да му потпишам пристапница во СРЗ нека дојде горе, в планина! Таму ќе му потпишан!‘“, раскажува неговата сопруга Марија.

Колективизацијата не била единствена причина за одметнувањето на Герасим. Тој не бил задоволен и од статусот на Македонија во југословенската федерација. Сите негови предци (семејството Лазаровци потекнува од околината на Кукуш) биле за обединета Македонија. Негов идеал било таа да се обедини и да се организира по образецот на САД.

По одметнувањето на Герасим, неговото семејство, татко му, сопругата и децата ги интернирале во Куманово. Таму ги сместиле во туларница каде што правеле тули. Подоцна сопругата ја префрлиле на железничката пруга каде што работеле претежно казненици. Тука минала повеќе од една година, при што била изложена на разни тортури и понижувања.

„Животот во интернација ни беше многу мачен, бидејќи платите беа многу мали. Децата ми аргатуваа и измеќаруваа за да преживееме. Во меѓувреме, во 1951 година, почина најстариот син Спасе, на 25-годишна возраст, кого долго го измачуваа, добивајќи и тешки телесни повреди на ’рбетот. Сметам дека смртта на синот Спасе дојде поради измачувањата и физичкото малтретирање од страна на тогашната власт. Под чудни околности подоцна почина и синот Славко во Белград“, ја пренесува Марија драмата што тие години ја доживувало семејството.

За цело време на интернацијата тие немале никаков абер за Герасим, додека кон крајот на октомври 1949 година не стасала веста дека е убиен. Дознавајќи за смртта на синот, таткото од Куманово пешки отишол во Конче за да ја дознае вистината. Бил присилно вратен во Куманово. Со истата намера во 1955 година повторно тргнал пешки за Конче и таму починал.

„Бев другар и блиску живеевме со семејството на Никола Младенов, кој во времето на убиството на мојот татко бил повереник на УДБ-а за Радовишка околија. Еден ден пред неговата смрт, преку телефон бев замолен од син му Борис да му помогнам за лекарска помош за неговиот татко, кој беше тешко болен. Преку моја лична ургенција му обезбедив. Кога разбрал болниот кој му помогнал, истата вечер побарал да се сретне и да разговара со мене. Отидов. Ми се заблагодари за помошта. Ми рече дека чувствува грижа на совеста и дека сака да ми ја каже вистината за убиството на татко ми. Ми рече: ’Да не се сомневате за предавството на татко ти во никого. Него го предаде вашиот зет Марко Димов. Тој дојде во милицијата и ни соопшти дека на одредениот ден, на одреденото место, ќе дојде со група други одметнати во Конче. Постапката потоа се знае: поставивме заседа и го ликвидиравме. Јас не чувствувам вина, само си ја вршев својата должност. Да не беше известувањето, немаше ништо да се случи. Ние од Герасима немавме никакви проблеми ниту, пак, организирано го прогонувавме. Всушност, ние веќе мислевме оти тој одамна е преку граница‘. Следниот ден овој човек почина. Кажувањето на вистината за татко ми како да му беше последна исповед“, раскажува Борис Лазаров, син на Герасим.

Вистинска драма во семејството ќе се случи по педесетина години, во 1995 година, кога ги посетил Алекса Митев од струмичкото село Вељуса, кој дошол од Бразил, а тој бил очевидец на смртта на Герасим. И тој бил одметнат заедно со Герасим, но имал поголема среќа кога налетале на заседата. Успеал некако да се извлече и потоа да пребегне во Грција.

„Кога дојде Алекса Митев во мојот дом, тука бевме мајка ми, брат ми Борис и јас. Дознавајќи дека дошол некој во посета кај нас, дојдоа сестра ми Зоја и маж и’ Марко Димов со неколку внуци. Тие се поздравија со Алексо. По кусиот куртоазен разговор, тој на зетот Марко отворено му рече: ’Марко, ти си предавникот и убиецот на дедо ти Герасим, а истовремено и мене ме предаде за да ме убијат!‘ Марко се збуни и рече: ’Јас бев в болница кога го убија Герасима. Тоа не е од мене!‘ Забележавме дека Марко поцрвене во лицето и почна несмасно да се правда, но Алекса му одговори: ’Тоа што го направи во 1949 година, мене ми го направи и во 1945 година. До 1949 година не мислев дека одлежав 18 месеци затвор во ’Идризово‘ поради тебе, иако некои ми велеа дека ти си предавникот, но случајот со Герасима јасно ми кажа оти ти тогаш си ме предал‘. Алексо Митев му го рече ова на Марко пред сите присутни и видно возбуден и изнервиран, излезе, велејќи: ’Како можеше да му направиш такво нешто на својот дедо и мене, твој војнички другар‘“, раскажува Бошко Лазаров, другиот син на Герасим.

Разговорот со Алекса Митев продолжил подоцна кога тој детаљно им објаснил што се случило тој кобен ден. Одметнатите биле поголема група, петнаесетина души, главно, незадоволници од тогашната власт. Речиси две години се движеле во планините Беласица, Конечка Планина и Кожуф. Очекувале дека ќе дојде до некои промени во политичкиот систем, но откако увиделе дека од тоа нема ништо, решиле преку Грција да заминат во Америка. На средбата Митев им рекол: „Во меѓувреме јас и Герасим имавме неколку средби со Марко Димов, кој работеше како шумар и постојано не’ информираше за семејството на Герасим. Од Марко бевме информирани дека најстариот син на Герасим, Спасе, бил тешко болен. Познато ми е дека тој во мое присуство два пати му даде поголема сума пари за да му ги предаде на семејството за издршка и за лекување на синот. При повторната средба со него се договоривме за пет дена да ни достави информации за семејството на Герасим, да ни обезбеди малку храна и облека, бидејќи немавме намера набргу да емигрираме. На петтиот ден, како што беше договорено, тргнавме за Конче за да се сретнеме со Марко. На закажаното место, наместо тој, не’ дочека заседа и оган од пушкомитролези. Герасим беше погоден во слабината, а јас паднав веднаш до него, иако не бев ранет. Последните негови зборови беа: ’Марко не’ предаде! Ти, Алексо бегај, јас не можам, бидејќи сум тешко ранет“, им ја раскажал Митев на синовите на Герасим вистината за трагичниот настан.

Семејството не било информирано за погребот на Герасим. Подоцна разбрале дека биле присутни неколку жени од Конче, меѓу кои и нивната тетка Гона Панева. Таа им раскажала дека тој бил погребан нечовечки. Го донеле на тезгере и го исфрлиле во една дупка на крајот од гробиштата. При погребувањето биле присутни и неколкумина претставници на власта, а еден од нив, Јордан Дишев, удирал со клоци по мртвиот Герасим.