БАЈДЕН ПОБЕДИ ВО САД, ИСТО КАКО МУЈО НА ПОКЕР ВО АНГЛИЈА!
Исходот на лажираните американски избори ме потсети на вицот со Мујо, кој на својот пријател Суљо му раскажувал како си поминал кога првпат бил во Англија. Бидејќи бил коцкар, прво што Мујо направил во Обединетото Кралство било да посети коцкарница за да одигра партија покер со угледните англиски господа. И, така после делењето на картите, дошло време да се „декларира“ кој и што има во рака и Мујо ги ставил картите на маса, при што сите виделе дека има два пара. Но, останатите тројца Англичани, наместо да ги отворат картите за да се види што имале в рака, како што е правилото, тие само соопштувале „јас имам трилинг, јас имам еден пар, јас имам фул“, при што последниот, како победник ги собрал парите вложени за таа партија.
На, ова бурно реагирал Мујо, укажувајќи дека картите мора да се стават на маса за секој да види што имал противникот. Но, угледните Англичани-коцкари му укажале на својот босански колега дека во Англија само господата играат карти, а на еден господин му се верува на збор и дека е еден вид на правило во Англија да се игра „на доверба“.
– Од тој момент, кога мене ми тргна на тоа „на доверба“, ги растурив, им ги собрав сите пари – му појаснил Мујо на Суљо.
Така беше и овојпат во САД, каде дипстејт-алатката Џо Бајден ги доби изборите „на доверба“ во однос на Доналд Трамп, откако целата американска нација, но и целиот свет кој ги следеше изборите во „најдемократската држава на светот“, увиде дека во едно така силно поделено општество, некој „на доверба“ остави речиси сто милиони Американци да гласаат по пошта, а нивните „гласови“ да ги бројат вработените во локалната администрација, при што клучни беа пресвртите и победите на Бајден во државите каде администрацијата ја предводат негови колеги од Демократската партија.
На првиот ден од гласањето на претседателските избори, кога се броеја реалните гласови од гласачките кутии, Доналд Трамп имаше убедливо водство кое гарантираше и убедлива победа во претседателската трка. Но, во преостанатите денови, Бајден успеја како и Мујо против своите покер-противници во Англија, „на доверба“ да обезбеди пресврти „ала ДУИ во кичевски Зајас“ кога во некои градови со резултат 128 илјади наспроти нула гласови во своја корист, успеја да направи пресврти во државите што беше проектирано да му обезбедат доволно електорски гласови за да го добие кормилото на воено најмоќната држава на светот!
Инаку, Трамп беше дефинитивно најнеконвенционалниот државник во светот. Но, како таков, тој го претставуваше срцето на американската држава, а тоа е обичниот американски граѓанин што чесно и мачно се бори за својата корка леб во општеството. Токму затоа и убедливите резултати во негова корист во сите предградија, помали места, во селата. Нaспроти него, метузалемот Бајден и дипстејт-апаратурата зад него ги освоија гласовите во големите градови, во центрите на моќ каде владее олигархијата.
Токму затоа, оваа борба за предводник на американската нација, всушност беше класна борба. Обичниот човек против елитата. И победи системот, надчовекот, победи олигархијата, победи владата во сенка што управува со човештвото! И тоа не го направи со глас повеќе, туку победи со системско крадење и лажирање, недостојно и за најзафрлените автократски држави во светот, камоли за „најдемократската држава“. Победија на начин што ја понижија демократијата, го злоупотребија системот, изуринираа врз обичниот човек кој треба да е столбот на една демократски уредена држава.
Доналд Трамп со гласовите по пошта, на пример, загуби во Пенсилванија, каде првиот ден по пребројувањето водеше со 800 илјади гласови разлика! Се уште актуелниот претседател на САД загуби во Висконсин и Џорџија, каде по првиот ден имаше водство од 400, односно 300 илјади гласови разлика! Па, да беше во Белорусија, Лукашенко веќе ќе беше погоден со наведувана бомба од демократски дрон. Но, во случајов со „земјата на слободните“, западниот свет уште вечерта кога окупираните мас-медиуми објавија победа на Бајден, се наредија кој прв ќе му честита на господарот на нивните души.
Мизерно!
А, уште во јуни месец, кога беше јасно дека дипстејт окупацијата на светот со Корона-приказната нема да заврши со првите сончеви зраци, овде во Брисел, а и во Македонија, на мои познаници им укажував дека местенката со „убиствениот“ вирус е само и единствено со цел влијание врз изборите за претседател на Соединетите американски држави. Сите ми се чудеа и ме прашуваа зошто? Епа, сега се виде.
Да не беше стравот и уплавот на граѓаните од „пандемијата“ со Ковид-19, гласовите по пошта на американските претседателски избори ќе изнесуваа максимално еден до два милиони вкупно, како што беше случај последните неколку избори во САД, а не 100 милиони гласачки ливчиња, кои по потреба со денови пристигнуваа целно во државите каде на Џо Бајден му беше потребен пресврт. Да не говориме за одложеното пребројување, нетипично и за Индија, каде гласовите на над една милијарда гласачи понекогаш се носат и со коњи и магариња, но никогаш резултатот толку не доцнел, како сега во Амеирка.
Приказната со Короната ќе заврши тогаш кога семејствата Ротшилд, Морган и Рокфелер, како сопственици на 90 проценти од светските банки и пред се на приватните корпорации наречени „Светска банка“ и „Меѓународен монетарен фонд“ ќе одлучат дека е доволно за сите држави на светот да бидат економски (а со тоа и политички и општествено) контролирани преку потребните позајмици токму од Светската банка и од ММФ, а со цел помош во справувањето со силниот економски импакт и презадолженост, а како резултат на пандемијата.
Но, да се вратам на изборите. Ако некој заборавил, анти-кампањата против Трамп, како од страна на окупираните и зависни мас-меидуми (Си-Ен-Ен, Би-Би-Си, Фокс Њуз, Гардијан, Њујорк Тајмс и сите други), всушост траеше од почетокот на неговиот мандат пред четири години до денес. Иако исходот на американските претседателски избори се уште не е официјално објавен, тоа веќе го сторија овие дипстејт-медиуми, на чија „вистина“ се налепија и прозападните политичари и медиуми, но и окупираните и контролирани социјални мрежи (Твитер, Фејсбук и др.) па светот, иако официјалното прогласување на нов претседател на САД е се уште далеку и апсолутно неизвесно кога ќе се случи, сепак веќе на големо честита и објавува за плановите и потезите што дисптејт-Бајден ќе ги превзема од Белата куќа.
Во однос на анти-кампањата, да не заборавиме и дека покрај главната шашма со Коронавирусот, изминатите месеци насекаде низ САД, но и ширум светот, беснее и „Black Lives Matter“ кампањата, каде едно случајно убиство на црномурест криминалец од страна на полицаец при апсење во САД, се претвори во хајка врз власта на Трамп небаре тој го нарачал убиството (иако, патем, извршителите во меѓувреме и добија судска пресуда за тоа дело). Намерата беше да се претстави Доналд Трамп како бел супрематист што ги мрази и убива црномурестите афро-американски граѓани во Америка, а тоа да одврати сериозно гласачко тело од оваа група на граѓани што пред четири години сесрдно му ја дадоа довербата на Трамп, како на некој што обичните Американци го сметаат за еден од нив.
Кој се сеќава, дисптејтерите во Македонија го вежбаа овој потег преку т.н. „случај Мартин Нешковски“, кога едно несреќно убиство на човек од страна на еден од обезбедувачите на тогашниот премиер Никола Груевски (при прослава на изборна победа на плоштад), беше повод за сериозни протести и анти-кампања, иако извршителот веднаш заврши зад решетки и беше осуден на долгогодишна затворска казна, која за жал сега веќе не ја одлежува, бидејќи токму власта на дипстејт-магарето Зоран Заев го пушти да избега од КПД Идризово!
Она што го видовме како лажирање и фалсификување на волјата на граѓаните во Македонија, Србија, во Холандија, Германија и Франција, всушност да ти било генерална проба за „владата во сенка“ од САД за нивната премиера – американските претседателски избори.
Уште сега е јасно дека Трамп, иако нема да се предаде и ќе се обиде да ги искористи сите правни механизми за да ја докаже вистината дека убедливо победил на изборите, сепак на крајот ќе заврши со инсталирање на Бајден во Белата куќа, макар и на сила по примерот на Талат Џафери, кога во Македонија го инсталираа на местото претседател на Собранието во 2017 година. Дури, не би бил изненаден дека за пример и вечно замолчување на слободомислечкото и критичко општество, дипстејтот да тргне и во офанзива на лажно обвинување, процесуирање и затворање на Трамп. Тоа би било завршната сигнална ракета кон обичниот човек дека нему му припаѓа правото само да хибернира, и тоа не слободно, туку како кучето од „Павловиот рефлекс“, да отвора и затвора уста кога некој ќе му го вклучува светлото.
– Се додека оние тројца овчари можат да не надгласаат мене и Платон, јас не верувам во демократија – гласи познатата мисла на Македонецот Аристотел, со која овој голем мислител се исмевал со грчкиот производ на народно (демос) владеење (кратеон). Американските претседателските избори беа всушност демонстрација на оваа мисла на големиот македонски антички филозоф, од страна на светската „влада во сенка“. Тие покажаа дека гласот на обичниот човек е безвреден, едно големо ништо, наспроти одлуката на неколкумината милијардери што управуваат со финансиските текови на планетата.
По 70 години, Доналд Трамп беше првиот американски претседател кој не предизвика ниту една војна, ниту оствари целни воени напади со цел „носење на демократија“ во било-која држава ширум светот. Бајден, пак, важи за портпарол на воената-индустрија уште од времето како конгресмен, а посебно кога ја извршуваше функцијата потпретседател на САД во мандатот на Барак Обама.
Токму затоа, јас веќе започнав да си го чистам подрумот, а советувам и целото човештво да си ги подготви скривниците и атомскитe засолништа!