Бобан Нонковиќ

Бобан Нонковиќ

Политиката живее од митови, а во последните дваесетина години, далеку најмоќен и упорно наметнуван мит во Македонија е оној за Европската унија. Истиот мит беше присутен и во времето на Киро Глигоров, а потоа и на Љубчо Георгиевски, Црвенковски, Никола Груевски, еве сега и на Зоран Заев, а и тоа како го има и кај лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

Итајќи кон зацврстување на митот кон ЕУ, Македонија доживеја и во името на заедничка иднина со Брисел овозможи промена на национално знаме, прифаќање на референца наместо име, Рамковен договор, територијална поделба, Мајски договор, Мартовски договор, Пржински договор, Преспански договор, Бугарски договор и Тиранска платформа. Сите овие преовладаа над македонската политика и над општествената реалност, со цел “брза интеграција во Унијата”!

Се чини дека со оваа бриселоидна окупираност, влијаеше историската зависност на Македонците од сојузи, но Европа во голема мера беше и бегство на левицата од независна Македонија што никогаш не ја посакуваше, односно замена за Југославија, за која се бореше онолку долго колку што можеше да се одржи.

Колку страста беше донесена до ниво на себенегирање од страна на Македонците, покажаа и насловите на весниците, а еден што постојано се употребува и особено е убиствен е дека – „Македонија не е никој и ништо без Европа“. Во превод, македонските социјалдемократи (екс-комунисти) тоа си го заменија во празните лејки од поранешното „Македонија не е никој без Југославија“.
Ова посебно ако се знае дека вечниот лидер на СДСМ, Црвенковски, како попарен скокаше во македонскиот парламент при гласањето за независност на Македонија, барајќи обврзно најпрво да се интонира југословенската химна, а потоа македонската.

Едноставно, Црвенковски, Шеќеринска, Заев, Милчин, Ѓероски и целото комунистичко друштво од Бихаќска си ги заменија своите јужнокомунистички фрази за „интересите на работничката класа“, „самоуправниот социјализам“, „братството и единството“ со „либерална демократија“, „европски критериуми“, „европски вредносен систем“, „семејство на европски граѓани”, а нивните главни аргументи беа и се во спротивност со „автократското“ правило на Глигоров и „недемократските практики“.

Постои парадокс што историјата не го памети – најжестокото спротивставување на демократската и демократски избраната влада на ВМРО-ДПМНЕ (најпрво на Георгиевски, а потоа и на Груевски) беше од оние што некогаш ја презираа западната демократија.
Тие некогашни анти-европјани, кои полека го враќаат и јавно го манифестираат старото чувство на гадење од Западот по француското “НЕ” за отворање на пристапни преговори за влез во ЕУ на “проектот Северна” на Владата на Заев, што е интересно, се во идилична коалиција со ДУИ, чие, пак, лидерство (Ахмети, Муса Џафери, Џеват Адеми и компанија), на времето беа прогонувани, иследувани и праќани во затвор токму во комунизмот, т.е. од истата клика што до денес го води СДСМ. И, сето тоа е проследено со уште еден незамислив парадокс – европскиот и демократски легитимитет на овие некогашни репресирачи го даваат нивните жртви од поранешната држава во коалицијата во која се сретнаа со нивните џелати!

Македонија и тоа како е злоупотребена од Европската унија во политичката борба за целите на сите македонски политички сили. Имаше наивни луѓе кои, по изборната победа на Георгиевски во 1998 г., а потоа и на Груевски во 2006 година, очекуваа владејачката политика да се сврти кон националните проблеми и теми. Напротив, обожувањето и култот кон Брисел се засили. И покрај тоа што токму на овие двајца вмровски премиери им се случија речиси сите горенаведени погубни-за-Македонија отстапки и договори, тие сето тоа го голтаа заради ЕУ. И во нивно време, а сега уште позасилено, имаше наизменични периоди на очекувања за големи, митски, судбински настани – добивање на кандидатски статус за членство во Унијата, позитивни препораки од Еврокомисијата, одредување на почеток на преговорите и започнување на преговори итн.

Повеќе од дваесет години живееме на митовите на Европската унија, од одредувањето на кандидатски статус, па препораки од неформалната Влада на ЕУ до чекање на датум за почеток на преговорите за членство, а потоа и почеток на преговорите, па до самиот момент на пристапување во Унијата, додека во исто време се продаваат многу национални богатства на моќните земји на ЕУ, а државата се откажа од сѐ она што ја одликува нејзината државност: мнозински народ, знаме, име, химна, територија, историја …

Тежнееме да станеме член на „семејството на европските народи“ како обичен сирак, на кого две децении најголем мит и најголема надеж му е токму тој што нè направи сиромашни!

 

Б. Нонковиќ

Брисел, 26.20.19