Новинарството е чудна професија. Чудни се новинарите, исто како и архитектите, фудбалските тренери, хирурзите, политичарите, пеачите… Чудни се оти се себични, субјективни, самобендисани, егоцентрични, осамени…
Но, како и во секоја професија, постојат мерила кои на крајот на денот (годината, десетлетието, кариерата…) покажуваат разлика помеѓу вистинските вредности и локалното самозалажување.
Во телевизискиот бизнис тоа е таканаречениот “шер“. Таму се гледа кој колку е гледан. Исто така постои и проверка на влијание. Тоа оди преку истражување на јавно мнение што е доста скапа алатка, но и преку просто пребројување на цитираност (за арно или лошо, се едно), каде се гледа кој е кој во бизнисот.
Секако, тука постои и третиот сегмент на “докажување“ кој е кој во професијата, а тоа е омразата. Што повеќе те мразат, значи дека си по гледан, релевантен, следен. Еве во фудбалот. Колку повеќе не го сакаат Мурињо, му ја спорат “автобус“ тактиката – толку во поголеми клубови го бараат и толку му се договорите поскапи.
Но, за новинарството ми беше муабетот.
ЗНМ оваа година доделуваше награди, како и секоја година. Нивно право. Член на ЗНМ, ниту на МАН, не сум. Сепак, сите можни асоцијации, невладини соросоидни групировки и самонаречени новинари, пред две години со месеци ја малтретираа јавноста, и на крај успеаја, во новиот закон за медиуми да не влезе дека порталите се медиуми. Тие не се регистрирани, не функционираат и немаат одговорност како медиуми. Ерго, и тие кои работат таму не се новинари. Никој не спори дека Менче Точи била (и е ) одличен новинар. Но, формално-правно НОВА ТВ на Борјан Јовановски не е медиум, па со самото тоа и Точи не е новинарка. Особено не за награда. Доделувањето на признание од ЗНМ на фашист каков што е Ван Хојте е исто така скандал без граници. Затоа и таа асоцијација нема членство, нема релевантност и нема тежина. Затоа Претседателот на таа асоцијација Насер Селмани нема свој став и мислење, туку мора да прашува (денеска на пример): “ЕУ и САД да кажат дали ќе има медиумски реформи пред изборите“???!!! Во сопствена држава, при сопствени медиуми, публика и јавност, за свое мислење претседателот на ЗНМ прашува странци. Игра пиперевка како што странците свираат. И тие велат дека се бореле за слобода на новинарството!!!
Во новинарството во Македонија, покрај доделување новинарски награди на неновинари, нов феномен е копи-паст колумникарствто. Отвори сајт и преземај си туги текстови, туги колумни, туги ФБ постови… Во ред, има и пристојни сајтови кои прашуваат за дозвола да реемитуваат или репостираат, ама главно двата табора си ги препостираат колумните од “своите“ колумнисти по народната “ја тебе војводо, ти мене сердаре“.
Оваа колумна одговара – постирај. Оваа не – хммм, ај да не таласаме.
Премиерот Груевски (не е грешка, за мене е Премиер, сето друго е државен удар) денеска при посетата на повеќе приградски скопски општини ја објасни и идејата за новиот универзитет Дамјан Груев. Впрочем, како и идеата за евалуацијата на професорите од УКИМ, Македонија може да го гледа својот прогрес и иднина само во луѓе што ќе се одлично остручени и едуцирани, исклучително талентирани и надарени за да можат државата да ја претставуваат во странство релевантно и рамноправно со странците. Како и неколку други негови пораки дадени во минативе години, јас оваа негова заложба ја сметам за сериозна. А не ја сметам дека е евтин предизборен трик за добивање глас-два повеќе.
Делов што следи во текстов е егоцентричен, но базиран на факти. А пред фактите… Веќе знаете…
Егоцентризмот нема да го базирам на далечниот минат труд и проекти, емисии и интервјуа што сум ги направил јас, и никој друг (во Македонија и Југославија). Не, не. Ќе се задржам на последниве 10 месеци.
Само во последнава нецела година, Миленко Неделковски беше поканет да говори и настапува самостојно или да биде дел од меѓународна дебата во Париз, Бања Лука, Вишеград, Белград, Виена, Москва и пак во Париз. Сите новинари заедно да се соберат на купче во Македонија немаат повеќе од едно-две гостувања (ако воопшто и имаат). На сите овие настани бев поканет од различни организатори, различни институции и на различни теми. Значи, не е тоа шема на ЕУ, па да измислуваат различни поводи, а се од иста централа. Не се тоа институции финансирани од ЦИА и слични белосветски сатрапи. Не, тоа се дебати на слободоумни интелектуалци, аналитичари, новинари, колумнисти… Настапи кој ја откриваат спротивната страна на вистината од онаа вистина на мејн стрим диригираните медиуми.
Згора на тоа во мојата емисија гостуваше интелектуалната елита на светот и бројни дисиденти, пред се од земјите на ЕУ. Најзначајниот жив интелектуалец во Швајцарија и Европа Даниеле Генсер, воедно и дисидент во својата држава по волја на САД. Александар Дугин, најголемиот жив филозоф (заедно со Ноам Чомски). Професори на Сорбона, доктори на наука од Оксфорд и Лјпциг, добитник на Нобелова Награда Рахме од Мексико и десетици други продефилираа низ Миленко Неделковски шоу.
Крајно, минатата недела во среде Париз, град каде е универзитетот Сорбона, музејот Лувр, уметноста на Монт Мартр, музејот на Пикасо, нокните клубови и концертни сали (Олимпија) на Едит Пјаф и Џони Холидеј – во среде Париз ми беше врачена награда за новинарство од страна на Светската асоцијација на независни новинари која е со седиште во Берлин.
Нормално, таа награда не беше проследена од ниту еден медиум (освен Инфомакс), иако во некои имам и пријатели (Дневник) а со некои и соработувам над 10 години (Канал 5). Мојот текст и настап кој ја третираше МАКЕДОНИЈА како земја која ја држи европската одбрамбена линија на фронтот кон терористите што напаѓаат од Грција, исто така не беше обавен (само во мојата Дудинка и Инфомакс).
Претпоставувам дека имало поважни теми, подобри текстови и повлијателни текстописци. Не би сакал да се мешам во уредникувањето.
Мене сепак ме куражи она го што вели народот, поарно да те мразат него да те сожалуваат.
Но она што го знам од мојата 32 годишна новинарска кариера е сознанието дека после 25 години од моето интервју со Сена, тој ТВ производ се памети. Ме среќаваат луѓе, го коментираат, бараат видео линк… После четврт век… Тоа е затоа оти производот бил добар. Па така знам и за сегашниве новинарски дострели. Сите редакции да се соберат на куп, и да ги соберат гостите што ги донеле од странство а се релевантни, не можат ниту до колена да дојдат на бројот што Миленко го има направено во последниве 4 години. Тоа ќе се памети. А реобјавувањето на колумните во стилот “ти мене војводо, ја тебе сердаре“ ќе остане за успомена. Како што оној поранешен газда на Мечос пицерија носеше една-две “колумни“ што ги напишал некогаш превиткани во буџелар, па со возбуда ги вадеше да ни ги покаже на мене и Мирка.
Јас веќе ги достигнав меѓународните дострели што Груевски ги бара од сите професии. Да видам до каде се на тоа поле моите колеги.
Егоцентрично расположен
Миленко во Скопје
26.02.2016
19.52 часот