ВЕЛИНОВСКА – КОЛУМНА ЗА ДНЕВНИК

ВЕЛИНОВСКА - КОЛУМНА ЗА ДНЕВНИК

Заминувањето на Никола Груевски во Вашингтон на ад хок средба со Џо Бајден во чија потпреседателска надлежност е да витка раце и удира чврги на ,,државниците,, кои не прават кротко она што на САД и е потребно да го прават за нејзините интереси, е доказ повќе за уште една кашканица подготвена, организирана и финансирана од центри на моќ, односно, под закрила на странски чадори. Сметките правени дома не се исти како оние на реален пазар. Симулациите не се исто што и реалноста. Но моќникот никогаш не учи со мозокот,туку со мускулите, па е осуден и да греши. Во Македонија последниов пат кој кулминираше со Пржино слободно може да се нарече дипломатско политичка гротеска. Пиесата дојде речиси до крај, а нема на повидок разврска.

Да резимираме: Кога ја стартиуваа репризата на Маидан во Скопје сценариатите  го замислуваа Груевски како Јанукович, а Заев и Шеќеринска како Јатцењук и Кличко. Дилемите на балканските ситаџии и кибицери беа ,,дали тој ќе заврши како украинецов или како турчинот Ердоган по ,,еколошката,, револуција. Во обата случаи како губитник. Деновиве, значи, по речиси една година, истиве ,,набљудувачи,, сконтале дека Груевски сепак го дочекл силниот напад на нозе и со неколку боботки, па на национална ТВ на Србија во интервју со уредничката на Спутник за Србија, аналитичариве ги интересираше што се криело зад оваа издржливост на македонскиот премиер, дали добро водена соло игра или нечија силна а невидлива надворешна подршка. Одговорот е едноставен. Груевски е избран со волја на народот на слободни избори. Значи е легитимен. Силувањето на таа народна непосредно изразена волја со секакви керефеки и матракуки за кои некои странски влади истураат пари за локални подизведувачи на проектот, некогаш лесно успевало, ама сега не. Планерот успеа да ја претвори Македонија во нефункционална држава со умртвување на уставот и киднапирање на ингеренциите на власта, ама не успеа да го еутаназира народот кој го брани своето право на политички избор. Политичарите, партиските лидери беше лесно да ги клекнат на колена и принудат на капитулација, но се отвори друг проблем, на такво нешто не можеш да го натераш и нивното членство. Барем не она што го има ВМРО-ДПМНЕ.

Со тој непријатен факт амбасадорот Џес Бејли замина во Вашингтон пред грегоријанскиот божик а гледате, ќе го дочека сега во Вашингтон Груевски кој тукушто ќе ја прославува јулијанскиата нова година. Џо Бајден сега, најверојатно од него ќе бара да ги измие американските и европските валканици и видливи траги во бомбашките собитија кои кулминираа со обидот за терористички напади спречен од страна на МВР во Кумановската дива населба и фабриката за штанцање афери, пасоши, лични карти, сметки и тел. разговори во Скопје.

Пржинскиот ,,рамковен,, се покажа  како лош сериски произведуван и продаван артикл специјално во Македонија сиве 25 години на независност. Во земјава речиси никој веќе не го купува. Официјален Вашингтон и Брисел со својата политика кон Македонија, нејзиното понижување, прескокнување и третирање како резерват, односно, гето, го постигнаа невозможното – Македонците речиси сто насто имаат лошо мислење за ваквите насилнички политики. Така структурираниот отпор не се крши со никакво оружје, туку се зацврстува како генетска граѓа.

Сеега што правиме? Портпаролката на еврокомесарот Хан, Маја Коцијанчич дипломатски ни најави дека на Австриецот му е тешко да слета во Скопје за да ја спасува пржинската експертско-политичка помија откако вече нема аргументи за убедување. Груевски со судни маки и под притисок на народот, односно, јавноста, мораше да рече стоп на калакурницава на Заев и компанија. Ако нема избори, нема ни негова демисија, ни имплантирани министри ни пржински закони. А ако тие се одржат, мора да бидат валидни, што значи на нив да учествува и власт и опозиција. На такви победникот се знае. Народот. Со ваков кљакав пржински менаџмент под диригентската палка на ЕУ и САД таквиот исход (речиси стопостотна победа на Никола Груевски) баш и не е производ со кој тековната администрација на Барак Обама би сакала да оди во историјата. Особено што на европски терен се игра важна партија за прераспределба на моќта меѓу Русија и Америка. Македонија е само парче земја на кое се води војната.

Затоа сега и во Вашингтон и во брисел, а најмногу во Скопје ,,математичариве,, ќе решаваат квадратура на кругот. Според Бајден најдобро ќе биде ако успее да го ,,убеди,, Груевски да се повлече од политиката целосно и кротко да ја прифати судбината на македонски Јуда. Уште подобро ако се согласи на американскиот ултиматум да од позиција на премиер и партиски лидер, по изборите да издејствува смена на името на државата за експресен влез во обесознаеното НАТО и активно да поработи на тоа машинеријата на ВМРО-ДПМНЕ тивко да го бојкотира референдумот за да се слушне гласот на народот за новото име и идентитет, по што само формалност ќе биде преуредување на полјаната по урнекот на Хари Костов. Ми се чини дека на ваков историски крај нема да се согласи ни Груевски. Колкав и да е притисокот врз него и колку и да се големи заканите врз Македонија. Оти тој ги нема ни убедуввањата ни размислувањата на неговиот постар колега Љупчо Георгиевски дека се се продава за пари или од страв. Плус на чисто е конечно со речиси консензусниот став на инаку идеолошки испокараноито македонско население во врска со името и идентитетот.

Повикот на сослушување, порција викање, закани или галење и тинтрање (главно распоредени во временски квоти според правилата на стап и морков кај политиката на сила) што го практикуваше и Сталин и неговите наследници до крајот на Варшавскиот пакт, сепак е прв позитивен сигнал за дребната Македонија и победа на нејзиното население над надменоста, дрскоста и чаламењето на одредени моќни кругови и над сите оние кои својски помагаа Македонија да се расттури како држава  а сотоа да стане површина на која се организират туѓи журки.

Значи, внимателно ќе ја анализираме фацата на Груевски по средбата со жестокиот Бајден и уште повниимателно че ги анализираме секој збор и секоја реченица произлезена од таа средба во корелација со говорот на телото, интонацијата, бојата на гласот. Во тој контекст, ќе го чуеме и Џес Бејли чие враќање и насоки за дејствување ги исчекува збунетиот Хан за да ни соопшти нова европска ,,директива,,.

Во оваа равенка со се живо познато, единствен икс фактор е Шумарот. Во народните песни едно време тој сам не се знаеше. Во комуникација меѓусебе, постојано се обвинуваше за дребност, молчеливост и колебливост. До Пржино! Годинава ете почна така што сите го запознаа и признаа дека Македонија нема шумарчиња ами Шумариште., па мора сега да го внесаат во сметките како цена на коштање.