ЈАНЕВСКИ

ЈАНЕВСКИ
Пред десетина дена, во некое интервју, Зоран Заев посочил дека Дневник е меѓу медиумите кои ги контролира Никола Груевски. Класична клевета, ама си велите, ај остави му на човекот нека дрдори. Би можел да добие тужба со оштетно побарување, ама како и за Пуч, ќе бега од рочишта, ќе плаче како е репресиран… Би можеле да му вратиме дека е црпнат и слични нешта, ама зар да се спуштаме на негово ниво. И си велиш, пушти го таму, од него толку.
Потоа следеше предлогот неговата партија да имала директор што ќе може да затвора медиуми. Случај за психијатрија, ама после сознанијата за средбата на Аиво Орав со директорите на националните телевизии на која било споменато симнувањето од екран на некои новинари, јасно ви е од каде дува ветрот и им оставате на домашниве партиски загарчиња да лаат. Оти прво, сфаќате дека се само употребна хартија на оние од кои дува ветрот, а се избрани зашто ги процениле дека толку им фаќа, и второ гледате дека тоа се преговори со повеќе страни, а едната од тие „повеќе страни“, нашето славно ВМРО, не мора баш се да прифати, како што беше досега (иако, никогаш не вели никогаш е се уште актуелно). Нели? Патем, каде исчезнаа вечните борци за човекови права од ОНА, се извинувам ДУИ и оние на Тачи?
Но, потоа доаѓа капакот. Врвот. Блескава инспирација на трустот на мозоците собран во СДСМ. Дневник, како и Алфа, Сител Канал 5, МРТ и Вечер биле најголеми политички непријатели на СДСМ. Гледате, слушате, некако не ви е јасно, па пак одново. Ама верно е. Нормален ли е човеков? Тие околу него? Ама веќе констатиравме дека толку им фаќа. И што човек да одговори на тоа? Да се објаснуваш дека медиуми и политичка партија не се исто? Дека они имаат работа со ВМРО-ДПМНЕ, а не со нас? Ама зар не рековме дека ветрот не дува од таму? Видете ја изјавата на бриселското бирократче Маја Кочијанчич дека од Европската комисија не коментирале индивидуални изјави и се ќе ви стане јасно. А, да кажеше Заев дека кулите во Њујорк треба да се урнат? И тоа ли ЕУ немаше да го коментира? Па секоја изјава е индивидуална. На Груевски, на Иванов, на Обама на Путин, на Јункер, на Хан. Какви им се изјавите? Колективни?
И така одново го склопувате мозаикот. Заев е само врв на приказната, Заев е оној што треба да го одработи тоа со што странците не сакаат да си ги гнасат рацете, за да не им остане во досието дека се пресметуваат со медиуми. Но, Заев е нивен. Тој е пулен на Бејли, на Орав, на Гарет, на Германката, а очигледно и на Хан. Не им тргна до крај работата со пучот, зашто на другата страна ги чекаше употребната тоалетна хартија па закочија малку, не им оди со глупави проекти како тие на УСАИД кои мора да ги рекламираат и на спортско радио што емитува резултати за обложувалници, и не им остана ништо друго освен да ги отворат картите. Оти не треба да се биде Ајнштајн за да се види чија креација е овој и ваков Заев и чија креација е храброста на СДСМ да објави отворена војна до уништување на секој оној што не е убеден дека корнишони и ладно трајни можат успешно да ја водат оваа држава. Така што да не се правиме удрени. И затоа баш би сакал да ги видам господата демократи од надвор на чисто – тие се членови на ЦК од 1947/48 или нешто друго?
А, Заев? Добро, тој си го потроши кредитот кој велеше – остај го!