ВОВЕД ВО АНАРХИЈА
Обвинителството на Јанева не влегува во член 106 од Уставот
Во Уставот Обвинителството со кое раководи Марко Зврлевски е дефинирано како единствен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела. Kој е тогаш уставниот основ за дејствувањето на посебната јавна обвинителка?
Дарко Јаневски
Kако што наведовме во вчерашниот број, Законот за посебното јавно обвинителство има два клучни недостатока кои го прават некомпатибилен со Уставот на РМ. Првиот е дека предлогот за избор на посебен јавен обвинител според Законот го дава Собранието на РМ, а според Уставот законодавниот дом нема таква надлежност. Тоа значи дека со закон се навлегува во материја која е уредена со Уставот, што само по себе е неприфатлива ситуација за која било држава која има барем никулци на правен систем, а да не зборуваме за повеќе од тоа. Вториот недостаток што го загатнавме вчера е дека се формира посебна институција, односно во Законот се говори за „јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење комуникации“, што значи дека со закон се основа посебна институција наспроти постојната чии основи се дефинирани во Уставот.
Од вториот проблем произлегува уште еден, кој се чини, дефинитивно, го урива завчера донесениот закон според кој е избрана Kатица Јанева, сеедно што тој ќе опстане во правниот систем на РМ поради тоа што е наметнат од странци и поради политичкото силување на уставниот поредок на РМ. Имено, во Уставот Обвинителството со кое раководи Марко Зврлевски е дефинирано како единствен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела. Значи, според највисокиот правен акт на земјата, во РМ, во нејзиниот правен систем, не може да има друг орган кој би гонел сторители на кривични дела. Чинењето спротивно од ова значи вовед во анархија, во овој случај организирана од неколку амбасадори и лидерите на четирите политички партии. Со асистенција и улога на Собранието на РМ, се разбира. Значи, единствен орган кој според член 106 од Уставот може да гони сторители на кривични дела е Јавното обвинителство на РМ. За да може тоа да го прави и некој друг орган, треба промени во Уставот или вметнување на тој орган во рамките на постојното обвинителство на Зврлевски, сеедно што во тој случај може на таквиот орган да му се даде комплетно иста автономија, но и независност од системот на хиерархија. Бидејќи тоа не е направено, туку е создадена сосема нова институција и тоа со закон, за секој елементарно писмен човек (освен за некои македонски портали кои стануваат мерило за недоделканост) е јасно дека с` што ќе преземе обвинителството на Јанева нема уставна основа и е надвор од правниот систем на РМ. Еве таа самата нека одговори: според кој дел, односно член на Уставот, таа има право да гони сторители на кривични дела покрај веќе постојното Јавно обвинителство на РМ?
За да ги претставиме попластично актуелната слика и нередот што е создаден со неписмениот Закон за посебното јавно обвинителство, ќе биде доволно ако оваа ситуација ја споредиме со ситуацијата во која мнозинство пратеници со закон би основале посебна влада на РМ, која би се занимавала со одредена надлежност на актуелната Влада на Никола Груевски. Па така би имале една влада со која раководи Груевски, и друга, специјална, која би решавала некој проблем за кој би се оценило дека Груевски и неговите министри не можат да го решат. На тој начин можеме да имаме и две институции – Претседател на РМ, два врховни суда итн. И сето тоа двојство да биде изведено не со промени на Уставот, каде што би се дозволила таква можност, туку со закон!
Во секој случај ова може во иднина да создаде сериозни проблеми за дејствувањето на посебната обвинителка која вчера положи заклетва бидејќи с` што таа ќе преземе нема да има уставна основа. Оттука, најкомичен дел во приказнава беше заклетвата што Јанева ја положи, а во која стои: „… ќе го почитувам Уставот на Република Македонија….“ Kој Устав, ви се молам?
Покомично од ова е само фактот што сите што ја разбираат материјата се свесни за ова, но имаат кнедли во грлото. Им е страв да гукнат од газдата на државата. Што значи дека дошло време да си ги врамат дипломите и да си ги закачат за нос. А Владата ако веќе сака да прави реформи во образованието, може да почне така што ќе ги укине правните факултети. Да не даваме пари џабе бидејќи тие очигледно и онака не служат за едукација и образование, туку се најобична битпазарска тезга за вртење пари. И тоа многу пари.