ЈАНЕВСКИ

ЈАНЕВСКИ

http://dnevnik.mk/?ItemID=47A78BAD16DE38439DD2C0D5F6872993

Што да се каже за договорот од вторникот? Сите прогласија победа и сите се среќни и задоволни. Еден автомеханичар од Скопје, еден сосема обичен, нормален човек кој се потпира на својот разум и својата логика, меѓу две увозни пива – се откажал од нашите зашто го нервирале „недоветни шминкерски реклами“ – се чеша по главата и прашува: Нешто не ми е јасно. Како може и едните и другите да победиле?
Ако прашате некој политичар, ќе ви каже дека тоа е умешност на водење политика. Ако му го кажете тоа на обичниот човек, тој во кого сите се колнат и на чиј грб всушност ги товарат сите нивни неумешности и кој не мора зад себе да има ниту книги за политичка филозофозфија ниту животно политичко искуство, ќе ви одмавне со рака, обидувајќи се покаже пристојност и воздржаност: Марш таму, не ми го расипувај меракот со пивото.
ВМРО-ДПМНЕ допрва ќе треба да им објаснува на своите, но и на неутралните, што стана со тоа дека преодна влада е можна, ама само без ВМРО-ДПМНЕ и дека Груевски нема да поднесе оставка. Слично како и Ципрас пред кого оние 61 отсто Грци кои на 6 јули го поддржаа, поставуваат едно обично прашање: А зошто не извади на референдум?
ВМРО-ДПМНЕ всушност допрва ќе треба да си го врати зборот. Оти сега, на секоја буква излезена од партијата, ќе се гледа со две лупи. Тргни-врати се политиката, ќе дава обратен резултат. Со нова Градска болница во Скопје веќе нема да може да се покрие фактот дека таа болница и натаму ја води директорка во чие време, лани, за читање снимки се чекало и по еден месец. Со нови апарати нема да може да се покрие фактот дека на шалтер во Државна може да заглавите 45 минути и без да има редица од луѓе, затоа што нема компјутери и затоа што треба да се пополнат некои десетина листи. И, да не редиме натаму.
Во секој случај, ВМРО-ДПМНЕ има неколку месеци од Македонија да создаде држава која фунционира како часовник. Не мора швајцарски, зашто сега рацете на партијата и на владата се прилично врзани, ама тука некаде. ВМРО-ДПМНЕ веќе не може да се откаже од системот воспоставен во овие девет години кој подразбираше прогледување низ прсти и колаборација со секој што е нешто повеќе од гранапчија, ама може барем да се обиде да ги спастри работите. И да не ги нервира веќе луѓето со самобендисаност и со проекти за кои нема потреба, како хонорари и слични глупости.
На другата страна, и СДСМ слави. Машала. Ама што со 24 април 2016-та? Да не се правиме наивни. Деведесет отсто од желбите на Заев и неговата партија се состоеја во една единствена – да нема избори, а во наредните две години во владата да насади некои кадри од оние истрошените скопски комуњарски варијанти чија заслуга за Македонија се мери со пари што ги имаат ставена на својата сметка и во мрчење како ништо не чини секогаш кога не се во игра. Како Заев на 24 април ќе се справи со Груевски? Мисли ли СДСМ дека народот ќе го заборави ова малтретирање кое траеше со месеци? Мисли ли СДСМ дека странските служби кои не ги видовме се избришани од свеста на луѓето и дека ќе одат на товар на ВМРО-ДПМНЕ? Или дека ќе му го заборават подигрувањето со Смиљковското Езеро? Напротив. Посебно сега, откако партијата на Груевски ќе нагази на друго поле. Сопственик на киоск во Скопје се жали дека веќе еден месец не може да најде продавачка за плата од 12-тина илјади денари плус 1500 денари за храна. Како ли е во помалите места, каде се отворија фабрики, веројатно не треба ни да се прашува, сеедно што таму платите може и да се токму на тоа ниво поради кое во Скопје невработениот веќе жали што воопшто завртил телефон, не пак да оди на разговор. Како СДСМ ќе се извлече од таа кал, кога на глава ќе му струполат обвинувањата дека токму разурнувањето на економијата била негова цел, посебно што сега сите изгледи се дека опозиционерите допрва ќе научат од актуелната власт како се формираат 5.000 тимови и како тие ја ораат Македонија? Оти Груевски можеби нема многу луѓе од кои ако му треба може да чуе нешто умно, ама за орачи ги има колку сакаш. За нив, и она ВМРО-ДПМНЕ со Змејковски и оној СДСМ со Бузлевски и Иљовски се капка вода.
Да не го заборавиме Владимир Пешевски. Навистина не му личеше така. Нека го види видеото од претходната вечер и можеби ќе научи како треба кога некој ти истура мокрача врз глава споменувајќи ти и жена и деца. Сеедно каков психопат го подбуцнувал. А жута Дуња од ОБСЕ, не можеше пониско да падне. Каква мизерија. Отвори вулканска дупка и се изгуби во неа.