ЈАНЕВСКИ

ЈАНЕВСКИ

Дарко ЈАНЕВСКИ

МИЛАН БАНДИЌ ОД НАШЕТО МААЛО

ДУИ би сакала во случајот за петте убиства кај Смилковското Езеро да се вклучи ФБИ. Прашање е дали е тоа доволно. Можеби подобро би било ако, освен ФБИ, во случајот се вклучат и американските обвинител и судија, кои учествувале во судењето на Сузан Мери Мелен за која по 17 години лежење во затвор, се покажало дека е невина. И целиот процес повторно будно да го следи американскиот амбасадор во Македонија, Пол Волерс. Зашто од американското судство навистина има што да се научи.

Инаку, жената била осудена за убиство што не го сторила врз основа на лажно сведочење. Еден сведок, еден доказ. Зависните македонски судии учат за едно правило, кое вели дека еден доказ никогаш не е доволен. Но, од каде тие да знаат. Една работа е што не учеле во Америка, друга е што немаат демократски дух, трета е што се зависни. Што е различно од ситуацијата во САД каде што полицијата, обвинителството и судиите носат тежок товар. Да не мисли некој дека е лесно невин човек да го осудиш и по седумнаесет години да кажеш „извини, малку згрешивме“. Затоа, енергична била наредбата на судијата што ја ослободил: „Вие не смеете веќе ни една минута да поминете во затвор“. Човекот ~ наредил да си оди дома. Да беше друго, недемократско општество, судијата ќе ја прашал дали сака да се врати назад или да си оди. Ама кај демократијата нема такви мајтапења.

Навистина, можно ли е во земја како Македонија, со демократски фалинки, кои секој ден ни ги забележуваат, да ве осудат за убиство што не сте го сториле? Странците, овие што се фалат со демократско педигре, велат дека, освен фактичката ситуација, многу е битна и перцепцијата. На пример, не е толку битно дали судството ни е зависно, туку дали вие мислите дека е зависно. Па, согласно со тоа, каква е перцепцијата на македонските граѓани? Можно ли е кај нас да одлежите 17 години за ништо? Или, едноставно, не ви е појмливо. Се во ред, и дека имате перцепција на корумпираност на судиите и дека судството ни е зависно, ама дека можете бадијала да лежите во затвор? Тешко замисливо, нели, освен доколку не сте член на раководството на СДСМ, па сте во мисија на спасување на Велија Рамковски и слични.

Од истите странци македонската влада често е обвинувана за нетранспарентност, што е мошне често точно. Но, зошто истите амбасадори, кога одат да кодошат новинари кај Никола Поповски, како што тоа го сториле за Миленко Неделковски, тоа го прават далеку од очите на јавноста? Внимавајте, не реагираат до тој што сметаат дека нешто им згрешил, туку одат во Владата. На една страна, кажуваат приказни за слобода на медиуми, вилиците им се исчашија од ломотење, а на друга, трчаат кај политичари за нешто што направил, кажал, напишал некој новинар. И за тоа не праќаат известување. Па да направиме директен пренос од нивната средба со нашиот министер. Да им ги видиме демократските лиценци. И да побараме на средбата задолжително да присуствува и претставник на ОБСЕ, најдобро самата Дуња Мијатовиќ, со чија помош би требало да се изготви нов закон за медиуми, во кој ќе стои дека за реакции на амбасадорите за врска со македонските новинари надлежен е министерот за надворешни работи на „оваа прекрасна земја“ без име. За да добие работата и формално покритие. Инаку, вака виси во воздух.

Но, можеби е сето ова колку нашиот министер да научи дека по тој тертип треба да се однесуваат и македонските амбасадори во странство. Па, ако нешто се напише или каже, на пример, во американски медиум за нашиот амбасадор Васко Наумовски, овој би знаел дека треба да отрча кај Џон Kери. Се разбира, ќе стигне до портирницата каде што ќе може да остави како подарок шишенце „блгарска роза“ за некоја секретарка, ама нејсе.

Слободан Унковски топло им препорачува на младите да си заминат од Македонија. Не се седело веќе овде. Инаку, Унковски беше министер во две влади на Бранко Црвенковски од 1996 до 1998 година. Тоа е време кога бројот на невработени во Македонија стигна до 330.000 (стапка од над 30 отсто, што беше историски рекорд), па за да се скрие катастрофата, тогашниот Завод за вработување ги фалсификува бројките. Тоа е времето на ТАТ кога луѓето не си заминуваа од Македонија, туку се самоубиваа. Тоа е времето на приватизацијата, па кога подоцна Љубчо Георгиевски и неговата партија беа обвинувани дека се невидени апаши, тој обично одговараше дека за нив останале само 10 отсто, другите деведесет веќе биле украдени.

Kако и да е, човек некако ќе помине преку тоа. Ама чирот му пукнува кога тие што тогаш имале мека фотелја, сега дрдорат нешто. И демек делат лекции. Е, срам да се немало. Перница да не се купело, преку глава да се стави.

Во Хрватска веќе втора седмица главен настан е апсењето на градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ. Kај нас такви настани нема зашто македонските градоначалници не земаат за себе. Тие и кога во маало каде што има место за триесет семејства, ќе издадат дозвола за градење стотина стана, тоа не го прават за да се офајдат, туку за да му удоволат на кутриот и напатен народ. Немаат врска со плочки, коцки за тротоари, со три пати прекопување на иста улица. Немаат врска со ништо.

Инаку, што се однесува до нашето прашање од минатата недела дали можеме, ако треба, да си порачаме текст од ЦИА или БНД, со оглед на тоа што имаат искуство во уредување медиуми, добивме забелешка од некоја си наша комисија за јавни набавки. Не можело тоа тукутака да оди, туку морало да има тендер. Па кој има најдобра понуда тој да ни се наоѓа при рака. Арно ама, на тендерот може да ни се јави и KГБ. Што не е во ред. Оти ние сме за НАТО и ЕУ. Ама и за тоа имало лек. Па ако сакаш да победи ЦИА, тогаш во тендерот ќе ја одредиш темата. На пример, „како да создадеш ИСИЛ во десет чекори“. Ако случајно сакаш да победи руската служба, тогаш темата може да биде „како да ти ја земат Украина од пред нос затоа што сојузник ти е некој манијакален крадец како Јанукович“. Што тема би одредиле ако сакаме да победи германската БНД? На пример, како да се правиш шизик во мали земји додека дома ти ја прислушуваат канцеларката. И така, и волкот сит, законот испочитуван и овците на број.