ВЕЛИНОВСКА

ВЕЛИНОВСКА

ЗА ВЕРБАЛНИОТ ДЕЛИКТ

Последниве десетина дена, набиени со извонредно важни настани, кои го обележуваат новиот правец на движење на човештвото, ќе ми беа доволни за најмалку дузина колумни и анализи. Реизборот на Вилма Русеф за претседател на Бразил, кој го чекаше во неизвесност целиот свет и разбирливо со голема загриженост цела Латинска Америка. Формирањето на алтернативната светска банка од 21 азиска држава на чело со водечката економска велесила Кина, но и сите преостанати, која од која повитална во економски и човечки ресурси.

Само овие две вести веројатно беа доволни видно да ги унесреќат големите „политичари“ и „планери“ на иднината од евроатлантската алијанса. Заклучокот сам по себе ви се наметнува: многу брзо ќе следува серија од дејства на латиноамериканскиот и на азискиот терен. Нешто како казнени експедиции засолени со многу пропаганда и искреирани инциденти. Е сега, ако главните настани не беа проследени од НВО и медиумскиот пропаганден сектор како што прилега, повеќе од сигурно е дека фингерајките, како соодветна „реакција“ на банкрот-коалицијата ќе бидат претворени во првокласни вести. Како на пример, дека НАСА потврдила оти на 21, 22 и 23 декември планетава ќе потоне во мрак или дека еболата ќе го сотре човештвото, односно дека НАТО ќе му објави војна на вирусот, и тоа уште пред Путин да умре од рак.

Значи, сакав и можев, а ќе беше покорисно да пишувам за сериозни нешта, ако не на светско ниво, тогаш за работиве во регионов и дома. На пример, за нападот врз Владата на Македонија или „студентскиот“ спонтан собир по повод екстерните тестирања предвидени со реформите. Или за резилот на ЕУЛЕКС, ама и на ЕУ во борбата со корупцијата во Косово и во Албанија. Ова во контекст на изјавата на загрижениот службеник Пол Волерс дека во Македонија никој сѐ уште не бил осуден за корупција.
Решив неделава да пишувам за слободата. Оти врти го сучи го, на еден или на друг начин, сѐ се сведува на тоа. Јас сум една од многуте што најмногу од сѐ мразат некој да им сврдла по мозок. Мислам дека само тој што мисли е слободен. А како што гледате, слушате или читате, секоја минута некој се обидува да ве бомбардира со лаги, сензации, квазивести и дезинформации. Привидот, ако не мислите самостојно, брзо ќе ви стане реалност. А оттаму до тоа да се претворите во бројлер патот е кус. И како да не е доволно тоа, центрите на моќ им удриле пик на слободоумни новинари и интелектуалци за да ги застрашат, отстранат и замолчат. Како алатка ги користат џубокс-пропагандистите и невладините „цивилни“ здруженија, кои безобразно дејствуваат како „борци“ на евроатлантскиот калифат, како исилови милитанти (еве ви пример за „западен“ коректен говор иако се работи за умоболни крвопијци и убијци).
Како најчесто оружје го користат обвинението за говор на омраза. Патка на која речиси сите се имаме фатено, и тоа без да му ја мислиме. А да ви кажам право, колку повеќе мислам толку сум поубедена дека се работи за обид за внесување тешка цензура преку медиумите. Споредено со југословенскиот вербален деликт, фамозниот чл. 133 од Кривичниот закон или со идеолошките пандани што ги практикуваа сенаторот Макарти во САД и Берија во СССР, овој денешниов, демократскиов е многу поперверзен и екстремно драконски.

Миленко Неделковски е константен муштерија на идејно-политичките цензори, кои се скоцкани во евроамериканските организации за утврдување правоверност, а дејствуваат во Македонија. Последнава кампања против него ја води „македонскиот“ хелсиншки комитет. Најавува тужба на страницата за обожаватели на Миленковиот профил. Што не е првпат. Ама е ептен патетично и смешно. На времето, поради чл. 133 не можевме гласно да кажуваме вицови со политичка содржина, ама вицовите не престануваа слободно да течат по неформални канали или низ други форми на искажување на слободната мисла. Денес, бате, нема таква инвенција. На секое ќоше те демне понекој маскиран агент на инквизицијата. Не знаеш од каде ќе те нападнат. Дотичниов Миленко, кој ужива да провоцира за јавно да ја исмева лудоста, да не речам пасионирано фаќа крапови на дудинка, стана општо место за панел-дискусии и громогласни активности на секакви тутурутки (опа, говор на омраза!). Пред две недели само што не се шлогирав кога од еден добро информиран евроатлантски новинар (значи, подобен во секоја смисла) дознав дека амбасадорите од земјите-членки на западната инквизиција отишле на средба со министерот Никола Поповски за да му се жалат на Неделковски. Биле негови жртви. Шокот ми беше дотолку поголем што за „веста“ никој нема слушнато. Ама затоа зачестените дрон-напади и во медиумите и во НВО-секторот, кои се на платен список на западните влади, ептен видливо нараснаа, што ме води кон заклучокот дека битката за ослободување на Македонија од Миленко почнала. Штом веќе нема никаква реакција на двете слободоумни новинарски здруженија, јасни се џанам и порачката и тематиката.
Би се смеела на овие будалаштини во изведба на дувачкиов инструментариум во Македонија да не ме фрапираше фактот дека амбасадори на божем демократски држави, чија основна функција е извоз на слобода ем демократија, одат дрско и тајно да вршат притисок врз претставник на македонската држава за да му ја укине слободата и да го забрани Миленко Неделковски. Наместо за овој СКАНДАЛ да слушне цела нација, за него разговаравме шепотејќи во кафуле. Добро, јас не шепотев, туку се дерев та ечеше улицата, ама сакам да прашам зошто министерот Поповски не ги ногирал во истата минута амбасадорите затоа што му го трошат на заебанција драгоценото време за кое го плаќаме. Зошто не свикал прес за јавно да ги исмее. И кога веќе за настанов дознале избрани новинари, зошто никој од нив (првенствено колегата што ме извести за случката првенствено) не нарипал јавно во одбрана на слободата на говорот? Оти гледате, нели, како работиве ескалираат. Молкот ги храни оние ловци на неподобност каков што е Хелсиншкиот комитет, за да сеат страв и да перат мозок со матракуки од типот говор на омраза. Бараберија мизерна!

Што им спаѓа под говор на омраза на овие дудуци можете само да си мислите. Нема список, зашто тој се проширува како ќе им текне – за да не им секне полето за работа (пропаганда и манипулација). Веќе искусивме дека гомно е неподобен збор за разлика од елегантната верзија на англискиот „шит“. Истото важи за „сексапил“, кој е подобен за разлика од ебоповикателен, кој се смета за омразителен говор. За македонскиот народ секој слободно може да го употребува поимот стока, овци, волови, свињи, но тоа е незамисливо ако се стави како опис на американскиот амбасадор. Новиве идеолошко-инквизиторски комисии мислат дека на ваков начин ќе го искористат секојдневниот уличен говор, кој изобилува со „говор на омраза“, а ќе ги дисциплинираат неподобните новинари. Само што тоа никогаш не успеало. Македонците симболично секогаш за некарактерен ќе употребуваат „педер“, за плашливец „нема газ“, за поткуплив слабак, „давајгаз“, за Африканци ќе вели црнци или „ќумбе“, за Роми „Цигани“, и тоа со или без Миленко.

Она што мене вистински ме плаши е отворената агенда на шупелките од НВО-инквизицијата. Што правиме ако тргнат во кампања за цензурирање на поимите што се однесуваат на флората. Посебно овошјето и зеленчукот. Ами, ако на некој американски амбасадор му засмета зелката, кромидот, гравот, на пример, па во говор на омраза го сместат изразот „прост ко грав“ или „човеков не е кромидова глава“ или „пушти го оној зелкарон“, па забранат да се вели „сељак“, „сељачишта“, смрдле, шупелка, дудук…
Како и да е, ако продолжиме сите ние, а особено државата сериозно да ги слуша и восприема овие кеширани фолиранти без сопствен мозок, а со амбиции да бидат чувари на „демократските“ гулази и голооточки затвори, ќе ни се одмили животот.
Препорачувам, кога веќе не може законски да се изрегулира глупоста, да им го омеѓиме барем просторот за да можат слободно да дудлаат. Нормално со бардовки на копитата (опа, пак говор на омраза). Нека им се вика калифатот „иќи ќеф“. Ем ќе си ги заслужат парите ем газдите им ќе бидат задоволни од нивната работа.
Бог те… Хелсинки ќе тужи страница за обожаватели!? И потоа Цацко им е крив што никој нормален не ги зема за сериозно.

Автор: Мирка Велиновска