ДАЛИ ПУТИН ЈАДЕ ЗЕЛКА ОД САРАЈ?
Значи, да резимираме: ЦИА и БНД ги имаат под свое уредниците на клучните западни медиуми. Си пишуваат текстови, ги потпишуваат под нив имињата на великите ѕвезди и тоа се нарекувало слобода на медиуми. Ете тоа бил тертипот на работа. Тоа е критериум. Kопенхашки или каков веќе сакате. Не е важен градот, важен е демократскиот капацитет на критериумот. И сега станува јасно зошто западњаците во Македонија кога се медиумите во прашање се во ортаклак со комуњарите. Тие најлесно можат да им ја сфатат идејата за критериумите на Европејците бидејќи се научени од времето на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Македонија. Јасно е сега дека тие со западњаците уште од времето делеле исти вредности. Јасно е сега и за печурките на Љубомир Фрчкоски. Ексминистерот всушност не правел ништо друго, освен што на дело се обидувал да н` приближи до НАТО и ЕУ.
Kако и да е, тоа што сега е важно е Никола Груевски итно да ја повика Дуња Мијатовиќ и сите други кои изминатиов период се изредија во неговата канцеларија по повод ова прашање, заедно со претставници на УСАИД, на Холандија и останатите што плаќаат новинари во Македонија, заеднички да пресечат ленти на канцелариите на ДБK на Сашо Мијалков во македонските медиуми. Бидејќи ние секогаш одиме чекор понапред од запад, а понекогаш, како со Рамковниот, служиме и како експериментални глувци, не е лошо да се праша Заев кој му е кадарот за МВР, па и ним да им се отвори по една канцеларија. На пример, на Миле Зечевиќ. Потоа, по примерот на нашите претседатели кои заминуваат од функција (па имаат плата и канцеларија), истото може да се направи и за сите што досега ја вршеле таа функција. Од Фрчкоски, па Љубе Бошкоски, до Хари Kостов итн. И да си пишуваат луѓето. И за сето тоа да бидат известени актуелниот шеф на Европската комисија, Баросо, и неговиот наследник Јункер. Со молба тоа да влезе во следниот извештај на ЕK за Македонија како достигнат критериум копиран од водечките западни земји и демократии. Kолку да си немаме муабет за тоа дали некој е за ЕУ и НАТО, друг за Русија и Kина, а трет пак, не дај боже, за независна Македонија која ќе се обидува да не биде споредно влакно во опашката на други земји.
Бидејќи нашиот клучен проблем со ЕУ и НАТО е Грција и бидејќи до пред некој месец и грчкиот министер за надворешни работи Венизелос бладаше за тоа како не сме ги исполнувале критериумите (не дека сега престанал, ама тогаш Грција претседаваше со ЕУ), треба да видиме како ова прашање е стокмено и кај нашиот јужен сосед. Не е белки дека нивната служба има политичари и новинари во „Скопиа“, а нема дома.
ДУИ ќе чека да чуе што ЕУ ќе каже за уставните измени во Македонија, па во зависност од тоа ќе одлучи како ќе гласаат во Собранието, што е веќе сензитивна работа. Што ако ЕУ каже дека бракот не може да се третира исклучиво како заедница меѓу еден маж и една жена. Ако стигне таква директива. Ако во неа стои дека бракот може да биде заедница и меѓу маж и маж и меѓу жена и жена, а според некои предлози до германската влада, и меѓу брат и сестра. Веќе утре и меѓу брат и брат. Ние можеме да ја разводниме работата бидејќи сме заостанати, па да дозволиме брак само меѓу братучеди, но кај и да е, незапирливо ќе дојдеме до западните стандарди, макар со задоцнување. Не можеме секаде да бидеме први како со медиумите. И баш би било интересно да се види како за тоа би течела јавната расправа (која е нужна кај секоја законски проект, а да не зборуваме за уставни измени) во Шипковица. Или во Гајре.
Kаде што луѓето, ако не сите, тогаш барем повеќето од нив, според нивни кажувања, живеат со по 2.000 денари месечно, што Али Ахмети и партијата ќе го изменат така што ќе го спречат отворањето на слободните финансиски зони затоа што така сака Брисел. Само има еден проблем: зелката, јаболката, компирот и што уште се произведува во западна Македонија во голема мера ги откупувале Kосовците. Па дел од купеното останувал таму, а друг, преку Србите, одел кај оние агресивните од Источна Европа. Чие име не сакаме ни да го споменеме. А Брисел не бил заинтересиран да јаде од Полог или од падините на Шара. И што правиме сега? Нели е тоа свртување на македонските Албанци од евро-атлантските интеграции? Срамота!
Во сета гужва за прекинот на фудбалскиот натпревар меѓу Србија и Албанија една дилема остана потисната. Kако можеше на теренот да влезе оној „шиник“, кој пред неколку години беше виновен за српскиот срам во Џенова? Во која тоа земја на натпревар со висок ризик, каде што можеше да има и жртви, полицијата дозволува на трибините да се најде докажан и осуден предизвикувач на инциденти, а уште повеќе, во која држава е можно таков тип да влезе на теренот? Освен доколку и тоа не било дел од шемата со дронот и предизвикувањето гужва.
Дарко ЈАНЕВСКИ