АРГУМЕНТИТЕ НА ОПОЗИЦИСКИТЕ БАЈРАКТАРИ СЕ СМЕШНИ
Јас навистина не можам да разберам до кои граници доаѓа јавната дебата во Република Македонија иако се трудам да ги имам предвид сите фактори што влијаат на нејзините правци. Знам дека кај опозицијата, нејзините медиуми и нејзините невладини организации постои огромна нервоза, инает, па дури и политичка фрустрираност поради предолгото отседнување надвор од Владата, но никако не сакам тоа да го прифатам како аргумент за честите залетувања во критицизмот и критизерството кон сите прашања без исклучок. Тука не сакам и нема да спорам за потребата од критика, но нема да дозволам ниту мене да ми биде одземено правото да реагирам на нерационална и неразумна критика.
Последен пример на непресметано залетување со критика по секоја цена беше обидот на видни и етаблирани знаменосци на опозицијата низ невладините организации и медиумите, ликот и делото на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев – Ќосето да ги оцрнат и омаловажат до граница да помислиш дека во него виделе актуелен функционер на власта, а не човек што својот живот го прежалил уште во првиот момент кога влегол во револуционерната организација. Жестина и лутина во претек, а содржина, знаење, одговорност и сериозност ниту за лек.
Прво, со чесни исклучоци, најголем дел од луѓето што си дозволија да фрлаат со дрва и камења по ликот и делото на Андон Ќосето ниту знаат нешто за него ниту нешто прочитале за него пред овие неколку дена, од денот на поставување на неговиот споменик. Сите тези и информации што беа приложени од страна на тие опозициски гласноговорници се базирани исклучиво на неколку реченици прочитани на „Википедија“, што не само што е недозволиво туку е и смешно знаејќи го фактот дека токму тие луѓе пледираат да се претставуваат како интелектуалци. Без да прочитате неколку книги од различни извори, без да направите споредби и компарации и без сами да расудувате, а си дозволувате да влезете во дебата, не значи ништо друго освен дека вашата партиска агенда е позначајна од вашиот личен кредибилитет и авторитет.
Се изначитавме коментари за Ќосето. Те бил масовен убиец, те не бил едуциран, те бил колач, те бил џелат, те бил егзекутор. Да прсне човек од нервоза слушајќи ги и читајќи ги овие срамни квалификации за еден од преданите припадници на револуционерната организација. Дополнително, знаејќи го фактот дека навредите и омаловажувањата доаѓаа најмногу од наши луѓе, од Македонци, човек не може ништо друго да направи, освен да праша: Имате ли памет што зборувате и што правите? Што ви е целта? Политика ли ќе терате навредувајќи ја борбата за слобода?
Да биде јасно. Секоја револуција и секоја борба за слобода, особено во временските рамки во кои живеел и дејствувал Андон Ќосето, подразбираат и подразбирале борба и жртви. Нема револуција во која дејноста на револуционерните и борците била правење бонбони, свирење арии или играње балет. Луѓето што биле во првите редови биле спремни да жртвуваат животи за големата идеја за слобода, но биле спремни да го жртвуваат и својот живот, што во многу случаи било пример. Токму ваквите луѓе како Ќосето и како другите негови соборци биле гарант дека идејата е голема, дека желбата за слобода на Македонија е голема. Толку голема што заслужувала и жртви.
Аргументите што ги презентираа опозициските бајрактари не само што се смешни туку предизвикуваат и пожестоки реакции кај граѓаните на Македонија. Тие тези, за жал, не изгледаат како случајни, туку се плод на една долгогодишна традиција на негирање на борбата и капацитетот на нашиот народ за слобода. Во тој дух е и една сега актуелна дебата. Овие исти луѓе и нивната идеолошка матрица до ден-денес н` убедуваат дека нашата слобода во 1944 е изборена благодарение на Тито, а не благодарение на македонските партизански одреди, кои броеле близу 200.000 луѓе и од чии редови паднале најмалку 24.000 жртви. За овие исти луѓе ние сме народ што нема државен капацитет и сам не ја изборел државноста, туку таа му е подарена. Впрочем за тоа долги години н` убедуваа.
Ако Ќосето не заслужува споменик затоа што убивал, се поставува дилема кој наш историски лик заслужува. Негирањето на Андон Ќосето е негирање и на луѓето под чија наредба тој работел, негирање на организацијата заради која тој дејствувал и негирање на идејата за која се бореле. Ако тврдењата дека не треба да го имаме Ќосето се точни, зошто имаме споменици од Дамјан Груев, од Гоце Делчев, Христо Татарчев и од Сандански? Дали цар Самуил не предводел војска и не војувал? Дали генерал Михајло Апостолски не предводел војска и не војувал? Дали гемиџиите не биле на ниво на идејата? Дали посегнувањето по оружје, како последна алатка, за извојување национална слобода на овие луѓе е грев?
Што очекуваат и што размислуваат денешниве критичари? Дали можеби наместо оружје сите овие луѓе требало да се зафатат со производство на цвеќе и чоколада, за да ги одоброволат окупаторите, освојувачите и нивните шпиони? Дали требало беспоговорно да им се потчинат на законите и пропагандите на противниците? Дали мислат дека нивниот ’рбет можел да го истрпи притисокот на каков што некои денешни личности би се прекршиле? Дали не треба да им оддадеме почит за нивната жртва и нивното дело настанато во многу полоши услови и многу полоши околности? Kонечно, дали овие ликови се запрашале зошто Британците го слават Черчил, Американците Џорџ Вашингтон, Србите Kара Ѓорѓе, Турците Мустафа Kемал? Дали овие луѓе не се бореле и не војувале? Дали нивното дело е само поезија и литература или зад себе ги има истата борба и истиот жар?
Јас можам да ја разберам и прифатам нервозата на опозициските знаменосци кон оваа власт. Можам до некаде да ја разберам и нивната одбивност кон идејата и борбата на ВМРО низ историјата, но ниту ја разбирам ниту сакам да ја разберам нивната омраза кон с` што оваа држава носи како државотворно наследство. Да сме имале илјада луѓе повеќе како Ќосето, како Делчев, Груев, како Апостолски, Јосифовски, ние веројатно многу поодамна ќе сме се избореле за своја држава. Затоа ним треба да им се поклониме и да бидеме благодарни. Треба да ни бидат огледало низ кое ќе ја гледаме пожртвуваноста за нашиот непокор за идеја за слобода, за нашата идеја за Македонија.
Ни велат дека не сакале да има споменици на вакви личности, но ниту еднаш не ги слушнавме да поздрават поставување споменик ниту на Пулевски, ниту на Чуповски, ниту на K. П. Мисирков ниту на Шишков и на ред други преродбеници, уметници и културни дејци. Нивната критика нема содржина бидејќи е партиска и бидејќи е политизирана до срцевината. Жално е ако мислат дека на тој начин ќе успеат во својата замислена цел, бидејќи вака само си го покажуваат своето вистинско лице пред граѓаните и се дозакопуваат.
П. С. Kога зборувам за идеја, мислам на идеја. Гледам дека овие денови некои луѓе не ја разбрале доволно пораката што сакав да ја испратам со својата претходна колумна, па додаваат нешто што јас веќе го напишав, а тие не го прочитале. Или можеби ме разбрале, но сакале да внесат малку секојдневие за да градат впечаток за себе и за своите добри пријатели. Ако, во ред е и така. Но, треба да се знаеме и да се познаваме за еднаш да почнеме да го работиме тоа што е добро и потребно. Принципот на префрлање на приказната од драма во комедија е дозволен, но е несериозен, освен ако тој што го прави тоа не е Тарантино, а такви се малку.
http://dnevnik.mk/?ItemID=026033B891A0F048A9DFF5B68BE312AD
#