http://dnevnik.mk/default.asp?ItemID=0C63168FC191AB46A18C4949E1FD5E96
Потивка ќелија и од гробишта
Дарко Јаневски
Кога во една држава, меѓу трите главни вести на денот ќе биде дека американската амбасада поздравила некоја акција на МВР, тогаш изгледа работите отишле прилично далеку. Се разбира, тоа не значи дека Американците се јавувале и молеле нивниот поздрав да има таков третман. Тоа едноставно значи дека во меѓувреме успеале да не истренираат до тој степен што сме станале како кученце на кое сопственикот оддалеку му покажува коска, а тоа мафта со опашката и потоа застанува на две нозе. И за тоа, на Америте мора да им се симне капа.
Се разбира, таа усвоена психологија во Македонија, за волја на вистината не многу различна од психологијата во Бугарија, на Косово, Србија или Албанија, во голема мера го наметнува прашањето за референдумот од пред 20 и кусур години. Тој беше за независност и самостојност или за промена на газдата?
Од друга страна, мора да се признае дека и не било така лошо да си протекторат. Ете МВР спроведе некоја акција, Американците ја поздравија и сега никој не смее да писне. Оние од Чаир кои изглегоа да се тепаат за Монструм, сега би требало да демолираат половина Скопје. Оти МВР и неговите специјалци им ровареа во нивното срце. ДУИ, односно нејзините експоненти за вакви ситуации, кои би требало да се трудат да ја оправдаат позицијата на партијата пред Албанците, исто така е полиена со мешалка бетон.
Сепак, најсмешни во оваа ситуцаија се медиумите. Оние кои бараа местенка во Гошинце, оние кои газеа врз телата на осумте убиени полицајци тврдејќи дека и Куманово е режија на власта, оние кои ако Груевски среде пладне каже дека е ден, веднаш ќе се истопорат со тврдење дека лаже и дека надвор е мрак, сега, кутрите, си ставиле струготини во устенцата и нешто џвакаат ама така тивко што дури жал да ти падне. Ете што прават пет–шест реда на хартија. Под услов да се напишани од вистинската рака.
Тука, разбира се, е и СДСМ. Во писанието на Американците стои нешто во стилот дека ја поздравуваат и работата на јавниот обвинител на РМ во овој случај. Колку што ни е познато, тоа беше и се уште е Марко Зврлевски. Па дилемата е: ја признава СДСМ акцијата Ќелија или не? Ред би било, фер би било, доследно и човечно би било, да биде одржана прес конференција и храбро, онако како што тоа само социјалдемкратите знаат, машки да се каже дека акцијата не е валидна. Уште повеќе што таа почнала таму некаде во септември ланската година, што значи ја започнале Јанкуловска и Мијалков. Така ги имаме сите тројца на едно место – Зврлевски, Јанкуловска и Мијалков. А СДСМ молчи. Их, што е убаво кога ќе видите машкост, храброст, принципиелност и саможртва на едно место. И сето тоа, не за нивно, ами за ваше добро! Ама да повториме – ете што прават пет-шест реда напишани од вистинска рака. Водно преку ноќ се наполни со дупки ископани до глувци.
Во секој случај, по сето ова, сега слободно можеме да си свариме кафе, да си ставиме пијалок и да ги кренеме нозете на маса. Зашто по дваесет и пет години, одново го вративме идеалот од времето на социјализмот: нема што ти да му ја мислиш, има тоа кој да го прави за тебе. И мора да се призне дека така и личи – за социјализмот сепак први напишаа Марк и Енгелс, па во ред е кога ќе ни го воведат западњаци, а не таму некои си Руси.
Како и да е, за вакви сиутуации вреди уште еднаш да го споменеме некогашниот тренер на РК Вардар, Буцо Трпчевски, кој кога требаше да се истрча некоја далечна дистанца, на пример 20-тина километри, обично велеше: врзи го мозокот во крпче, стави го во џеб и нема да имаш проблем. Што помалку мислиш, помалку ќе се умориш.
Во Скопје неделава беше некој си Ван Бален. Човекот бил европратеник. И тој вели дека на оној што открил незаконско прислушување требало да му се даде награда, а не да биде соочен со судска закана. И после ова, пред човека навистина повторно се јавува животната дилема за плачењето или смеењето. За првото знаеш дека за некој си Ван Бален не смееш да си го дозволиш оти не вреди, ама второто никако не ти доаѓа. Зашто, внимателност молам, типот гласа во европарламентот. И утре-задутре ќе крене два прста и за некој документ за Македонија, а овде, на лице место добиваш доказ оти човекот е за терапија. И дека бадијала е да му објаснуваш дека со судска закана се соочени Верушевски и Заев, а тие не открија незаконско прислушување, туку првиот го организирал незаконското прислушување (се извинувам, што стана со странската служба?) и му ги дал снимките на вториот. Ама Ван Бален е од Холандија, а таму изгледа миењето мозоци е посебно успешен процес, па не вреди илјада пати повторениот аргумент дека ако креатори на прислушувањето беа Груевски и Мијалков, тие не ќе беа главни актери во снимките. Ама ако не вреди тоа да се повтори, можеби ќе вреди да му се прати поарка: Оди брат, дувни една во некое кафуле во Амстердам, ако уште е дозволено, и не не гњави, жити се!
Ама, третманот на будалетинките е вечна дилема на човештвото: како со нив? Посебно во 21 век. И рака на срце, не постои одговор на ова прашање. Како и за ракот.
Неделава Германците имаа еден проблем. Обвинителот, човек на 67 години, на крај од кариерата кога не би презел ништо ризично надвор од прописите на службата и надвор од тоа за што е платен, истовремено еден од најугледните германски правници, решил да гони двајца новинари за велепредавство. Објавиле документи од кои се гледа дека германската тајна служба ќе го зголеми надзорот над интернет комункацијата на Германците, а документите биле тајни. Обвинителот одлуката ја донел откако ангажирал независен експерт да провери дали обвинението би било цврсто, односно дали би опстојало. И откако се уверил дека се во ред од аспект на германските закони, го покренал механизмот.
Се разбира, тоа значи дека во Германија се гонат новинари. И ете проблем. Кој што е решен така што обвинителот е сменет. Го сменил министерот за правда, откако се консултирал со Ангела Меркел. Молам? Се консултирал со канцеларот? Министерот за правда? Тој во Германија дели лекции и го менува јавниот обвинител? Ах, да, смената е извршена откако министерот побарал обвинителот да се повлече од случајот, а овој тоа го одбил. Чекај, малку, за моја земја зборуваме? За Македонија каде се направи проблем од тоа што министерот за правда беше член на Републичкиот судски совет без право на глас, а обвинителот го избира Собранието? Или за Германија. Каде кривичното право и обвинителот зависат од министерот за правда? Не, не, тоа не може да биде точно. Мора да е пропаганда. Руска. Ама, Русите и Германците се пријателчиња. Тогаш, од каде доаѓаат овие лаги за цветната европска демократија?
Нормално, сега се во ред. Обвинение нема да има, обвинителот е сменет, и работите дојдоа на свое место. Германија пак е демократија. А, што стана со главната афера која двајцата новинари ја открија (патем, едниот од нив кога го контакиравме беше поуплашен од осуденик на смрт). Ништо, тајната служба ќе си продолжи со контролата. На Германците.