ВЕЛИНОВСКА

ВЕЛИНОВСКА

И ја навивавм за ШКОТСКА.

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=91214108183&id=13&prilog=0&setIzdanie=23271

Шкотска оди на референдум за независност. Шкотите ќе ја одредат својата иднина по 300 години изнудено заедништво во Обединетото Кралство. Изгледа дека Орвел имал прво кога напишал дека „оној што го контролира минатото, ќе ја контролира и иднината“. Ова е многу поучно и треба да го има на ум и секој Македонец. Оти не е тукутака што сѐ живо и диво во соседството и во Европа се обидува да воспостави контрола над нашето минато, и тоа така што сака сосема да ни го одземе. Белки не е дека има некој нормален, кој мисли „наивно“ оти нашиот проблем со соседите и со учките е нерационален или измислен.
Шкотскиот референдум е извонредно значаен настан за иднината во Европа. Последиците од изјаснувањето ќе ги почувствуваме сите и ако се случи независноста и ако не се случи. Го знае тоа и британскиот премиер Дејвид Камерон, како и оние стотина парламентарци што заминаа во активистичка акција да ги амортизираат и неутрализираат желбите за независност, ако можат да го избледат сеќавањето за минатото за сметка на иднината.

Мене овој настан, кој допрва треба да се случи, ми го оживеа сеќавањето на одржаните два македонски референдуми и на еден што ни го „вети“ условно Никола Груевски за во иднина.
Во врска со оној што пред 23 години нѐ воведе во независност, а во светлина на неверојатниот притисок на кој се изложени деновиве Шкотланѓаните, имам да го кажам следново: референдумот успеа зашто никој жив во Европа и другите центри на моќ не сметале дека е реална опцијата Македонците да гласаат за независност. Ги излажала нивната перцепција. Го поистоветиле чувството на политичката елита со чувствата на колективитетот. Затоа и не се потрудиле да нѐ одработат пропагандно. Затоа и референдумот помина мазно и позитивно. Просто речено, поради потценување и процена оти Македонците потонале во самозаборав и го заборавиле сопственото минато, па не ни мислат да ја имаат контролата врз својата иднина, на референдумот не му обрнале внимание. Дури сега, кога гледам на каква монструозна валкана кампања се изложени шкотските гласачи, можам да си го доловам моментот на шок во европските политички кругови кога се соочиле со поразниот резултат од македонскиот референдум за независност. Прво молк, па одговор во вид на лисабонска декларација, па измислување грчка причина за колективно непризнавање на Македонија, па трговско ембарго, па уцени, па кршење на меѓународно право и темелни акти на ООН, па референца наместо име, па менување на знамето, бришење на македонските малцинства во соседството, па атентат гарниран со привремена спогодба, па војна, рамковен… Колку време им требаше да се соземат за да го повлечат својот втор потег, а без да ја симнат маската на цивилизирани демократи?

Вториот референдум, оној за територијалната поделба, оние од Европа го сфатија како посериозен, имајќи го на ум првиот, кој ги изненади непријатно. Затоа во подготвителна фаза прво ги обработија политичките партии и нивните први борбени линии (командната структура), експертутките и медиумските свирчиња од дувачкиот оркестар. Му ја препуштија организацијата на собирање 150.000 потписи на Македонскиот конгрес на чело со Тодор Петров или „Тошо малерот“, што беше осигурителна полиса за неуспех. Арно ама, се случи една „мала“ непредвидливост. Македонците, кои си го контролираат минатото, а со тоа и својата иднина, за нецели пет дена ја натфрлија бројката од 200.000 потписи и референдумот мораше да се одржи. Брисел и Вашингтон се загрижија сериозно. И тргнаа во офанзива на разубедување. Како сега со Шкотска. Што сѐ не слушнавме од кого не. Кој сѐ не се истрти пред камери, кој сѐ не залапа микрофон со пораки. Кај нас во 2004 г. круна беше оној британски несреќник, кабинет-министер што ни го курдисуваше својот рачен саат штимајќи го времено кон иднината наместо кон минатото, кај Шкотите пропагандно им се обрати ИСИЛ со порака „гласајте за независност“, со намера независните Шкоти да им се згадат на сопствените сонародници како „стратегиски партнери“ на исламските терористи, кои убиваат и масакрираат во живо, а пред камери. Чист Холивуд! Ако она нашето го сметавме за грозно, како ли им е на Шкотланѓаните со ваква монструозна бескрупулозна пропаганда! Нашиот втор референдум не успеа поради трикот на американската влада да ја признае Македонија како Македонија во време на предреферендумскиот молк. Невидена фингерајка на која падна Македонецот, ем тоа во организација на Владе Милчин и неговите поддржувачи. Им навре Сорос жолти маици, ги извади на плоштад да слават заедно со Фуере, Бучковски и Астерут. „Нѐ призна Америка“.

И така, референдумот не успеа да ја спречи територијалната поделба, која доведе до етнизација на територијата како подготовка за следната етапа на која сега сме сведоци. Да биде сѐ полошо, истата Америка што предреферендумски ни го призна името, веднаш по референдумот почна да нѐ притиска да си го смениме името. И идентитетот. И никогаш, ама баш никогаш името што ни го призна не го употреби ни во усна ни во писмена комуникација. САД редовно ни се обраќаат како на Македонија. Што е име на географска област, а не на држава. Но затоа никогаш никој официјалец отаде Атлантикот не изговорил „Македонци“ или „македонски“. Значи, господо, паднавме на трик. Попушивме! Како кленови залапавме дудинка. Ајде да видиме дали Шкотите ќе паднат на трикот на поддршката од ИСИЛ.
Шкотскиот референдум го чека цела Европа. По него ништо нема да биде исто. Ако победи крилото за независност, Каталонија веќе е на штрек, ама и Баскија, Баварија и Корзика и Тирол, Венеција, Сицилија и Баварија…, а богами и Тексас. Ако не помине, ќе тргне манифестација на сила во сите држави.
Третиот македонски референдум напросто не смее да се случи. Сѐ што гледаме како пропаганда и притисок врз Шкотланѓаните во предвечерието на нивното изјаснување, слободно помножете го со десет. Интензитетот на притисокот врз нас, а во врска со името и идентитетот, ќе биде ужасен и неподнослив. Можно е сѐ да се случи само за да не успее или да нѐ обесхрабри. Овие чудовишта, кои се на чело на „цивилизираните“ држави, се подготвени на сѐ да ја земат нашата иднина во нивни раце. Па видете ги како цело лето нѐ плашат дека ќе ни ги саснеле повторно Албанците и ќе ја поделеле Македонија по етнички исцртаните општински граници. Видете ја Германија како ја презеде улогата на дресер на терористичко-платеничките кучиња од 2001 година, кои потоа ги преоблече во демократски костуми. Па Дојче веле, кој „независно“ го црта Груевски како Путин, со иста веродостојност како кога го произведе Али Ахмети во пасиониран читател на книги. Па повторното наменско будење на „разбуди се“ или изјавата на Еди Рама од самитот на НАТО. А уште не сме ни дошле до референдум. Но подготовки за такво нешто има. Веќе се префрлени пари и од САД (УСАИД) и од Холандија, Германија, за македонските „независни“ медиумски дувачки инструменти. И никогаш не заборавајте ја Соросовата платеничка мрежа, која учествува во највалкани акции против Македонија и Македонците.

Затоа јас навивам за независна Шкотска. Ќе биде тоа во крајна линија прв знак дека светот утре нема да биде животинска фарма организирана како фабрика за одгледување бројлери. Ах, да! Немој некој да почне да продава финта дека независна Шкотска ќе ги охрабрела албанските сепаратистички тенденции во Македонија. Нема шанси такво нешто ни да се случи, ни да успее. Тамам цело НАТО да ги помогне воено. Ви гарантирам, ама за тоа ќе пишувам во вистинско време, кога ќе биде важно. Но затоа оваа ЕУ утре нема да биде каква што е денес, воено окупирана, економски руинирана, политички дезориентирана, интелектуално трауматизирана.

Автор: Мирка Велиновска