http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=81514184231&id=13&prilog=0&setIzdanie=23251
Сега наместо педесет, ќе плаќам педесет и пет денари за „дрина“. Сто десет денари на ден. Каков само удар за мојата грчка економија. Сега ќе мора да намалам на храна, оти цигари не оставам. Ха, можеби е добро тоа! Да вратам линија. Ама едно никако не ми стана јасно со ова цигариве. Прво направија светска хистерија. Веќе не можеш да видиш филмски јунак со цигара во уста. Потоа политичарите одлучија да ги исполепат цигарите со она „пушењето убива“ и десетици други глупави информации. Како ние да не знаеме дека политиката побрзо и помасовно убива. Па нѐ избркаа од кафеаните. Оваа антипреверовска, антихемингвејска и антибогартовска кампања ги претвори кафеаните во собиралишта на фини, чисти, здрави и политички коректни ликови од кои на циник како мене веднаш му се фаќа азил за Уругвај. Аман веќе, доста сте толку загрижени за моето здравје, остајте ме да се трујам на раат. Не сфаќате дека ќе ме снема побргу? Што ќе сум ви само да мрчам и да трујам „омладина“ со политички некоректен антиглобализам?
Туку, какво налудничаво прашање добив пред некој ден на Фејсбук, онака останав бајаги подзинат. Пазете прашањево! Како бе ти вмровец, а го сакаш Џон Оливер? Ај сега земи ти одговори. Инаку, Џон Оливер е комичар. Не е во роднински врски со сер Оливер од Алан Форд. Како бе ти вмровец, а го сакаш Алан Форд? Тоа е исто како јас да го прашам Фрчкоски, како бе ти сдсмовец, а слушаш џез? Инаку, тоа ви се оној тип прашувачи што доколку не го имаш нивниот светоглед, веднаш си од спротивниот табор. За нив трето нема. Логиката им е ако сметаш дека НАТО е терористичко-психопатска организација тогаш по дома сигурно лепиш постери на Путин. Логика без логика. Башка, овој тип прашања во себе носат и одговор. Демек, ако си гласал за ВМРО-ДПМНЕ нема шанси да го сакаш Ален Гинзберг, оти генијот бил хомосексуалец. Заокружи ги СДСМ и веднаш добиваш чувство дека Џон Фанте ти е прв братучед. Кој сега Фанте? Како бе тоа гледате индиски серии, а не знаете кој е Артуро Бандини?
Туку, кога ми се испуштија од уста СДСМ, кај ни е опозицијава, а? Некои велат дека се на колективен одмор цело лето. Не ми е логично. Мојата логика вели дека се задоволни од власта, па немаат забелешки. Ете, имаме министер за одбрана што не си го знае името на државата, а кога бугарски фашизоидни политичари плукаат по Македонија во негово присуство, уста не отвора како Шулц пред Самарас. Згора на сè, државава ни ја шпартаат американски морнари, генерали и не знам какви таму фаци што уценуваат македонски бизнисмени да не тргуваат со Русија како да сме факинг протекторатот Република Бондстил, кој некои го нарекуваат Косово. А бидејќи ни е познато дека СДСМ и ДУИ со прст не мрдаат ако не добијат ишарет од американската сојузна држава Кале, тогаш јасно ни е дека ако продолжиме вака како држава на следните избори СДСМ ќе гласа за оваа влада. Инаку, да беа вистинска опозиција ќе ја прашаа Владата како смее уште да бара членство во НАТО кога нивните војници сакаат да ја пијат нашата крв. И ќе прашаа уште зошто нашиот официјален протест беше упатен до Атина, а не до седиштето на НАТО, оти токму НАТО-вампири пееја песни за пиење туѓа крв, а пред тоа за дерење кожи. И наместо со ова да ги затрупаа медиумите, опозицијата по два месеца летаргија се јави со обвинување до Владата дека нашите банкноти не се обележани за слепите да можат со нив да ракуваат. Генијално! А вие на последните избори ја испечативте ли програмата со азбука за слепи за да прочитаат луѓето какви благодати ќе им донесете? Уште логика без логика.
Инаку, ја разбирам потребата на Грците и грчките Кипрани да пијат туѓа крв. Да се оправи нецивилизирано племе му треба квалитетна крв. Ова ми има логика.
Баш е цакано лудилово што нѐ опкружува. Мене ме радува до сарказам и назад. Како само да го дефинира човек? Ај да пробам! Наводници сами ставајте.
СДСМ тврди дека се бори против диктаторската и ненародна власт на ВМРО-ДПМНЕ за која гласа ненародното мнозинство и како демократска опозиција сака да добие власт без демократски избори за конечно да нѐ внесе во ЕУ и во НАТО, каде што режимот на Груевски сака да нѐ однесе најбрзо што може, оти тоа му е приоритет, па спроведува закони со европски знаменца, за што секоја година добива позитивни извештаи од Европската Унија сосе безвизен режим, само уште да стави потпис врз укинувањето на македонскиот идентитет менувајќи го името на Македонија.
Уф, оди па разбери! Или вака!
Диктаторот Груевски ја путинизира државата поставувајќи проамерикански чиновници како министер за одбрана и преговарач за името, а провладините медиуми ни збор не кажуваат за очигледните докази што покажуваат дека украинската војска всушност го срушила малезискиот авион (американските сателити сето тоа го снимале), како и за бесното куче Нетанјаху, кој врши геноцид врз Палестинците со амин на САД, ама затоа нѐ отекоа со муабети за ебола за која знаеме дека е заразна болест, па не е ни чудо што независните медиуми на опозицијата се заразија со медиумскиот мрак на Си-ен-ен машинеријата, па и тие онемеа пред очигледната медиумска американизација на нашето секојдневие.
Се изморив. Ама уште малку исчашена логика!
Провладините мегафони Мирка, Миленко, Русјаков и други фрлаат дрва и камења по Владата заради нејзиното однесување спрема ЕУ, НАТО и САД, кои пак упорно се однесуваат како Македонија да е нивна приватна прчија и протекторат, наместо фино да затнат муцка на таа тема и да почнат да го прашуваат диктаторот, дали тој мисли на слепите пензионери да им воведе билети на кои ќе има кратки реченици за пророкување судбина напишана со азбука за слепи што ќе им го направи возењето со автобус позабавно.
Заклучок! Слободоумен опозициски демократ си ако поддржуваш ЕУ-интеграции, ако сакаш да станеш дел од НАТО-крвопијци, ако испраќаш војници да окупираат туѓи држави и, секако, ако го мразиш Груевски што и да направи, кој пак тера ЕУ-интеграции, сака да станеме дел од НАТО-крвопијци, не повлекува наши војници од окупирани територии. Јухууу, а светот е плоча за некултурен натпревар меѓу китовите.
Авторот е уметник
Автор: Александар Русјаков/alekrusjakov@gmail.com