Љубомир ЦУЦУЛОВСКИ

Љубомир ЦУЦУЛОВСКИ

СТВАРНИТЕ КЕТМАНИ. Една од најпогубните „мудрости“, за која (се претпоставува) дека доаѓа од древна Кина и која, во секој случај, претставува стапица за наивните човечиња, е онаа според која ако те силуваат, а ти не можаш да се одбраниш, тогаш уживај. Во оваа, таканаречена мудрост, се крие неверојатно лицемерие, својствено за кетманството, термин кој прв во Европа го употребил Артур де Гобино (Arthur de Gobineau), а во 20-от век го популаризирал Чеслав Милош во „Заробениот ум.“ Во што е суштината на кетманството? Да ги убедуваш другите дека она што го правиш го правиш за нивно добро, макар што е единствено за твое добро. Односно, дека она што не е за нивно добро е за нивно добро, додека она што е за нивно добро, не е за нивно добро. Притоа, сметам дека е погрешно (дури и програмски подмолно) кетманството да се врзува исклучиво за исламот, односно за Истокот. Денес, тоа е повеќе својствено за Западниот, отколку за Источниот, муслиманскиот свет. Додека Запад те поробува, те убедува дека те ослободува, додека те тепа, те убедува дека те гали, недавајќи ти дури ни офнеш. Целосно те дезообликува/дезинтегира, убедувајќи дека те обликува/интегрира. Те силува, убедувајќи те дека во тоа треба да уживаш.

Денес, на пример, Бујар Османи заминува за Атина за да нѝ го обезбеди името, одземајќи нѝ го името за нашето (всушност, нивното) добро. Тоа не го прави како човек кој му припаѓа на исламот, туку како човек-производ на кетманизираниот Запад. Но, ако е за утеха, сѐ минува и заминува. И овој свет, каков и да е, ќе мине и ќе замине. Единствено срамот негов ќе остане. Сиромашните и бедните секогаш опстанувале, без разлика на цената што ја платиле. Но, суштината е: зошто воопшто да плаќаат туѓ цех за туѓ кеиф?