За историјата и „проевропскиот“ македонски државен врв
Прашањето за народносната припадност на Гоце Делчев, ги разбранува и македонското и бугарското општество. На површина, за кусо време, излезе целиот демократски дефицит на македонскиот и бугарскиот државен врв. Формираа заедничка македонско-бугарска историска комисија, но не за да се отстранат различните историски толкувања, како што доликува на два високо научни тимови, туку за да им наложат што да напишат.
Толку за балканската научна независност.
Историографијата е наука која има исклучително значајно влијание врз процесот на формирање на националната свест, но и нејзино прилагодување на потребите на современието. Нашиот министер за надворешни работи, кој во една изјава тврдеше дека ние сме ја оставиле историјата зад себе, сме престанале да бидеме нејзини робови и сега „трчаме кон Европа“, претходнава реченица никогаш не ја сретнал затоа што не прочитал ниту една книга посветена на феноменот на нацијата и национализмот. Тој за жал не разбира дека ниту еден поединец, ниту една група на луѓе, која живее заедно, не може да избега од минатото. Тоа е катадневно присутно и го детерминира нашето индивидуално и колективно однесување. Прашање е дали како поединци и колектив сме свесни за ова или не. Секое едно општество, секоја една нација која е свесна за овој феномен, а кој е нараскинлив дел од човечката природа, својата енергија ја црпи од минатото. Да не беше така ниту Бугарија, ниту Грција, денес немаше да не принудуваат да ја смениме нашата историја.
Минатото на секоја една нација, заради енергијата која ја дава за справување со секојдневните предизвици, е прашање од национална безбедност на секоја една држава. Државите ги формираат нациите. Нациите ги бранат државите, црпејќи ја енергијата од минатото. Овие две реченици изгледа ги немаат прочитано ниту двајцата најдоговорни за безбедносна на Република Македонија, премиерот и претседателот.
Нашиот „про-европски“ премиер да знаеше, или да сакаше да знае, за улогата на минатото и историографијата во прашањата поврзани со националната безбедност, пред се’ и над се’ немаше да потпише ваков договор со Република Бугарија. Уште помалку со неговиот бугарски колега ќе трчаше од споменик на споменик, за да полага венци и цвеќиња и да зборува за заеднички одбележување на заеднички настани од минатото.
Договор со Република Бугарија можеше да се потпише само под два услова. Таа да го признае постоењето на македонскиот јазик и да се откаже од својот најголем државен празник- 3-ти март, денот на потпишувањето на Сан-стефанскиот договор. Република Бугарија е единствена држава во Европската Унија и НАТО, која за свој државен празник чествува дата која во себе содржи територијални и етнички претензии. Таа за свој државен празник ја има датата кога на хартија Русите со букви и скици ги одбележаа границите на Голема Бугарија. Уште поважно, таа карта поткрепена со тезата дека се’ што е во нејзините граници е бугарско, за руски потреби, е внесено во секој учебник по историја, од бугарското осамостојување до денес. Денешната бугарска национална свест е формирана врз основа на овој, создаден од страна на Русите, неисториски факт. Токму заради тоа бугарскиот премиер и бугарската министерка за надворешни работи, за разлика од нашиот министер за надворешни работи, а богами и нашиот претседател, истапуваат со „не европски изјави“. Тие, за разлика од нашиве, точно знаат какви се’ последици по нивната национална безбедност ќе предизвика откажувањето од 3-ти март. Затоа се закануваат и по секоја цена сакаат да го сочуваат, инсистирајќи Гоце Делчев, но и останатите македонски револуционери, да ги прифатиме како заеднички – Бугарски. Тие добро знаат дека нивните аргументи се незидржани, но заради потребата за зајакнување на капацитетите на нивната национална безбедност се обидуваат да ја редефинираат македонската историографија, а со тоа и нацијата.
„Ничим изазваним“ во оваа игра влета и господинот Пендаровски. Без да знае што зборува, дава изјава дека Гоце Делчев се декларирал за Бугарин, ама се борел за самостојна македонска држава. Единствено добро што сфативме од оваа изјава е дека нашиот нов претседател нема подлабоки познавања од историјата на својот народ и нација. Во спротивно немаше да даде таква изјава.
Прашањето за нечие декларирање во услови на непостоење на граѓанска урбана класа, како што е случај во Отомаската империја, е исклучително проблематично. Не сум сретнал во ниту една бугарска книга дека Бугари, кои во средината на деветнаесетиот век се декларирале за Срби или Грци, денешната бугарска историографија ги издвојува и ги одбележува како такви. Тие за официјалната бугарска историографија се Бугари. Истото важи и за грчката и српската историографија. Народното самодекларирање, самото по себе заради карактерот на категоријата народ, е растеглива и променлива категорија. Дополнително во услови на Отоманско владеење тоа многу повеќе се однесува на религиска отколку на народна припадност.
Втората е уште поголема грешна на господинот Пендаровски е делот од изјавата во која вели дека Гоце Делчев се борел за самостојна Македонија. Гоце Делчев, но и сите останати македонски револуционери, од ТМОРО, се борат за автономија на Македонија, во рамките на Отомаската империја, согласно чл.23 од Берлинскиот договор. Со оглед на фактот дека во овој член се зборува за правата на сите христијани, подвлекувам христијани, во европските делови на Отоманската империја, кон територијата на Македонија, Тајната македонска органзиација го припојува и Одринскиот вилает и се преименува и во Одринска. Логичен потег, кој за жал, бугарските историчари, но и политичари, го користеа и го користат за да ги оправдаат своите големо – бугарски тези.
Бугарската држава, а со тоа и нација е производ на Рускиот national building process, базиран врз историјата на средновековна Бугарија. Македонската држава и нација е резултат на самостоен процес базиран врз историјата на географска Македонија. Овие два, на моменти, испреплетени процеси завршуваат оној момент кога Бугарија станува вазално кнежевство. Од тој момент натаму македонското прашање станува тактичко во глобалната игра на руската надворешна политика, спроведувана преку Софија, а во функција на нејзино излегување на Средоземното море.
Македонскиот државен врв изминатиов период покажа сериозно непознавање на сопствената национална историја и нејзината улога во градењето на нацијата. Тој од само нему познати причини го дупна балонот на минатото. Македонската колективна национална енергија полека, но сигурно, истекува. Поделеноста на јавноста по настапот на нашата преставничка на Евровизија и по освојувањето на шампионската титула од страна на ракометарите на „Вардар“ се најдобриот показател за ова. Фактот дека претседателот на државата, премиерот и министерот за надворешни работи и понатаму продолжуваат по зацртаниот пат и не покажуваат никаков знак на загриженост за забрзаната ерозија на нацијата, ги прави закана по нашата стабилност и безбедност. Уште повеќе, внатрешната национална криза која секој ден се зголемува, благодарејќи на големите сили, кои и ја предизвикаа, се уште се задржува внатре во рамките на државните граници. Доволен е само еден ненамерен или намерен кикс од нивна страна и Република Македонија да стане регионален проблем. Да не стават на нивната маса заедно со Косово и Босна и Херцеговина. За ова нема потреба да сте видовит. Доволно е да ја знаете историјата на Македонија, на регионот, како и историјата на меѓународните односи.
Автор: проф. д-р Јован Донев за НетПрес