Дарко ЈАНЕВСКИ
ШКОТЛАНЃАНИ ВО СКОПЈЕ
Беше убаво однадвор, од дистанца да се гледа шкотскиот референдум. Беше убаво да се гледа како демократските земји ја сфаќаат демократијата кога станува збор за нивната кожа. Слободата на избор, слободата на медиуми, одлучувањето без притисок останаа само празни флоскули кои важат за други. И за нив самите, ама само понекогаш така што, ако во нешто Шкотите успеаја, како еден вид колатерална штета, тоа е да го разголат грдото лице на системот што ни го продаваат по секоја цена. Ги натераа сите да ги заплашуваат, да им ги подметнуваат ИСИС и Северна Kореја, ја извадија од дувло и Дојче банк, која издаде соопштение дека ако Шкотска се осамостоела, тоа ќе значело грешка како американската од 1929 година, која довела до големата депресија. Во принцип, тоа беа приказни за мали деца, но и со нив ефектот беше постигнат. По која цена? Тоа допрва ќе се мери.
За нас, убавината на сето ова ја расипуваше сеќавањето на нашиот референдум од 2004 година. Сето тоа што тогаш ни се случуваше сега можевме да го гледаме како реприза, но на туѓ грб. Впрегнати политичари, впрегнати медиуми, ЕУ, САД и кој уште не. Толку на Македонците им беше оставена можност навистина слободно да одлучуваат. А ако не се лажеме, тогаш претседател на ДИK беше Стево Пендаровски, човекот што не го призна овогодишниот пораз на претседателските избори зашто немало добра атмосфера. Атмосфера? Овие неколку дена можевме да видиме како таа изгледаше кај нас во 2004 година. Шкотите ја расонија и кралицата Елизабета, ние тогаш го натеравме да се помачи дури и американскиот претседател.
Втората работа е што кампањата на која Шкотите беа изложени можеме и ние да ја очекуваме во наредниот период во поглед на проблемот со Грција. Подметнувања, заплашувања, вртење нови часовници, медиумска хистерија, пораки за поглед кон иднината, с` со цел да се спаси грчката кожа. И сето тоа во манир на старите демократии, во кои очигледно се одлучува во стилот на еден некогашен поручник на ЈНА, кој дозволуваше самоуправување на војниците во својата единица, но под услов да биде така како што тој ќе каже. Kај нас целата квака ќе се состои во тоа како да се убедиме самите себе дека ако го смениме името, всушност, не сме го смениле. Во тоа убедување, се разбира, ќе ја имаме сета демократска помош и од Брисел и од Вашингтон.