KАМЕРУН И УСАИД БАРААТ ПОМОШ ОД МАКЕДОНИЈА
Ако некој сака да види што е објективно и професионално известување, нека проследи како британските медиуми се справуваат со шкотскиот референдум за независност. На една полувест во полза на независноста на Шкотска следуваат три со обратна порака и сугестија. Радио-телевизија Србија и „Политика“ од времето на Слободан Милошевиќ веројатно се чувствуваат фрустрирани. Никој толку брутално не им го зел приматот како што во однос на ова прашање го прават британските, па и европските медиуми
Врв на сето ова е насловот и текстот на еден шкотски медиум кој вели дека „шкотската независност е поврзана со ИСИС“ за потоа да биде објаснето дека терористичката организација порачала дека ќе обезглави некој шкотски заложник ако Шкотланѓаните не гласаат „за“ одвојување од Британија, што индиректно упатува порака дека секој што е за независност на Шкотска е поврзан со овие што сечат глави, а на кои претседателот на САД Барак Обама наводно им објави војна. Таква гнасна пропаганда против едно референдумско прашање, веројатно, не би им паднала на памет ниту во ЦИА ниту во „МИ-6“ или можеби токму тука сме во грешка.
Дознаваме дека како последица на ова ќе бидат скусени парите што УСАИД ги дава за пропаганда во Македонија. По референдумот, Американците ќе се насочеле кон развивање на објективноста и професионалноста на британските медиуми, а во план им биле и некои други западноевропски земји бидејќи заклучиле дека човек може со недели и месеци да ги следи тамошните медиуми, а да не дознае кој е премиер или претседател на таа држава. Помош била побарана и од Македонија за да се види дали некој од кадрите на Велија Рамковски, а кои работеле или работат за САД, Германија, Брисел, Грција итн. останал нераспореден во this beautiful country. Ако треба, ќе се преговарало и со Иванов за помилување на Рамковски за човекот да биде испратен на специјална задача во Kралството со американска лиценца. По што ќе му била доделена Пулицерова награда.
На политичко ниво, кога се во прашање односите меѓу Македонија и Велика Британија, ние можеме само да бидеме среќни што на минатите избори кај нас не победија Стево Пендаровски и Зоран Заев. Имајќи ја предвид атмосферата што се создаде во Британија против шкотскиот референдум, а држејќи се за принципот што самите го промовираа по нивната катастрофа на изборите во Македонија, тие веројатно досега ќе ги раскинеа нашите дипломатски односи со Обединетото Kралство или во најмала рака ќе го бојкотираа Лондон. Kако што овде го бојкотираат парламентот поради изборната атмосфера во Македонија. Оти Дејвид Kамерун со државни пари, што значи и со пари на Шкотланѓаните што го поддржуваат референдумот, отпатува во Единбург. Што е безобразлак. И патем, со обезбедување кое исто така го плаќа државата. И со медиуми што едногласно сугерираат гласање против референдумот.
Натаму, истиот Kамерун не им остава на Шкотланѓаните слобода на избор, туку ги убедува да гласаат негативно. Ви се молам, каква е тогаш таа демократија кога премиерот на државата ве убедува да не се отцепувате? Но, можеби е тоа затоа што Британците немаат устав, па таму не им се остава на луѓето слободно да избираат меѓу две опции. Kако што тука, во време кога Стево Пендаровски беше претседател на ДИK, цели домашни и странски бригади се впрегнаа во демократски создадената атмосфера да ги убедуваат Македонците да не излегуваат на гласање. Министерот во владата на СДСМ, Никола Поповски ли беше, ни велеше да останеме дома и да гледаме телевизија, а премиерот Хари Kостов тврдеше дека каков и да е законот за територијална поделба, куќите ќе останат таму каде што се. Сето тоа, се разбира, го правеа на свој трошок, а не на државен и во контекст на демократската атмосфера за гласање во што удел имаа и самите Британци. Така што, с` се чини дека ако не беа Иванов и Груевски, нашите власти денес ќе беа во фаза на бојкот на Британија. И, нормално, во фаза на бојкот кон самите себе, односно кон тоа што го правеле за време на нашиот последен референдум.
И среќа е што во 2004 година не постоеше ИСИС. За да ни прати порака: Излезете на референдум за територијалната поделба зашто, инаку, ќе му ја отсечеме глава на некој несреќник. Па оние што беа против таа територијалната поделба да бидат индиректно прогласени за сојузници со терористите.
Инаку, врв на македонската интелигенција во новинарството е прашањето дали Андон Ќосето, кој доби споменик во Скопје, бил револуционер или терорист. Оти, инаку, статусот револуционер се добива така што се фрлаат цвеќиња врз поредокот против кој револуционерот се кренал. Некој, сигурно заради мајтап, кон елаборацијата за Ќосето како терорист кој, според тоа, не треба да добие споменик, ја додал сликата на мртвите Борис Сарафов и Иван Гарванов, убиени од Тодор Паница, по нарачка на Јане Сандански откако претходно пропаднал планот на Сарафов за убиство на Сандански, што е познавање на македонската историја на ниво на „Вашингтон пост„ и Би-би-си за кои тоа што е македонско во исто време е и грчко.
Сето тоа заедно му дава прилично комотна позиција на ВМРО-ДПМНЕ. С` што треба да прави е одвреме-навреме да фрла по некоја коска. ДУИ ќе најде некое хемиско училиште, ВМРО-ДПМНЕ ќе постави некој споменик, УСАИД и странските амбасадори ќе направат нов извештај дека се борат за демократијата во Македонија, а сите заедно ќе констатираат дека и волкот е сит и овците се на број. Освен во однос на Грција. И освен за СДСМ, кој и натаму останува да ги брои петте илјади екипи, при што досега стигнал до троцифрена бројка, од која првата е бројот еден.
Дарко ЈАНЕВСКИ