ЈАНЕВСКИ

ЈАНЕВСКИ

МАКЕДОНСКИТЕ НОВИНАРИ ЌЕ МУ СВРТАТ ГРБ НА ПОЛ ВОЛЕРС?

Тешка работа била демократијата. Можеби затоа западњаците кај нас најдобро се разбираат со комунистите, односно со нивните наследници. Тамам ќе помислите дека ако бакнете американска рака, сте ја оствариле смислата на постоењето на овој свет, ќе се случи некоја глупост во некое гратче во САД за кое не сте ни знаеле дека постои. И во лулката на демократијата, на некој новинар, полицаец, ќе му ја тресне главата од ѕид, а во друг ќе пукаат со гумени куршуми.

Kако што дознаваме, по ова, македонските првоборци за слободниот збор ќе прекинеле да земаат пари од УСАИД и ќе му објавеле бојкот на американскиот амбасадор Пол Волерс. Односно при првата прилика ќе ги поставеле камерите и фотоапаратите, ама кога Волерс ќе пристигнел, ќе му го свртеле грбот оти така се постапува со диктаторски режими што вршат репресија врз слободната мисла, нели? Истовремено, сите овие борци за слобода побарале од новинарот на „Њујорк тајмс“, Џејмс Ризен, можност да се потпишат на неговата петиција. Имено, на типот му се заканува затвор поради тоа што одбива да го открие изворот кој му доставил некакви документи поврзани со Иран. Пред три дена тој објави дека собрал 100.000 потписи против неговото гонење, а ете, сега хистерија завладеа и меѓу македонските новинари кои сакаат да го стават својот потпис во друштво со оние 100.000. Сето тоа во склоп на бојкотот на Волерс.

Се разбира, во сето ова не учествуваат македонските „провладини“ новинари. Зашто наспроти овие првите, тие се за репресија врз себе, па, така, не се против репресијата и врз другите. И затоа тие не објавуваат за Фергусон и, не дај боже, не им паѓа на памет да се осврнат на случајот на Ризен.

Или можеби сето ова нема врска. Првоборците не смеат ни да гукнат. Не дека не сакаат. Сакаат, ама им забранил лекар. Имаат гнојна ангина. Од студена вода. Така што никој не ни помислува дека оној роднина на мачорот Том што имаше патолошки страв од глувците за нив е на ранг на Христо Узунов или Методија Патчев. А кога подобро ќе размислат, голема работа што американската полиција пукала. Па за тоа е платена. И затоа нема потреба од солидарни демонстрации пред амбасадата на нашиот стратешки и за навек партнер со пораки во стилот „овде сме, пукајте“, „доста е“, нема демонстрации како оние пред Музејот на ВМРО кога полицијата не ни изреагира кога овие се обидоа насилно да го пробијат кордонот. А нема ни зошто. Впрочем, во САД никој не се возбудува поради пукањето. Не даваат ни пет пари. Kако е можно тоа? Уште помалку се возбудуваат поради Ризен. Ќе го уапселе. Па што? Така му треба.

Но, од друга страна, Американците нека прават што сакаат. Ние мора да сме принципиелни и така да докажеме дека не сме „шајшутки“, кои еднаш се залагаат за едно, друг пат за друго. Во зависност од тоа од каде дува ветрот. Или не е така?

Инаку, од ЕУ и од НАТО и натаму молк за пиењето крв на скопјаните од страна на грчките специјалци, што и може да се разбере бидејќи нам ќе ни треба време да сфатиме дека за овие организации пиењето крв на мали народи е како средновековното лекување со пијавици. Тоа не се правело за некому да му се наштети, туку за да биде излекуван. Таков третман да има и оваа песна. Таа е во рамките на методите со кои треба да н` излекуваат од глупавата помисла дека ние самите ќе си одредуваме некакво си име. Ви се молам. Тоа се организации со ред и поредок. Се знае кој што може. А тоа што не може е кој како сака да си се нарекува. Тоа е цивилизациско достигнување. Ако некој како нас с` уште е во средниот век, па мисли дека може да прави што сака, тогаш од теглата се вадат пијавиците. И тука нема ништо нејасно.

Тоа што не е јасно е како е можно ние да имаме ваков проблем со развиените земји кои се фалат со својата демократија, а немаме проблем со оние земји што поради истата демократија, се постојано на тапет. Зар не треба да е обратно? Зар не треба проблем со името да ни прават некои недемократски режими, а САД и ЕУ да се тие што ќе се обидуваат на тие недемократски режими да им стават до знаење дека не може во 21 век некој да н` малтретира поради таква причина?

Дарко

ЈАНЕВСКИ