ЈАНЕВСКИ

ЈАНЕВСКИ
Избирачкиот список не бил прочистен. Ете го сега клучниот проблем. И со него се фалсификувале избори. Ама обидете се да најдете некој пример дека на местото на починат човек чие име останало на избирачкиот список, некој друг гласал. Кој за таа работа добил фалсификувана лична карта на починатиот. Кој успеал да го избрише фломастерот од прстот (за изборите од 2014 година), односно спрејот што се проверуваше со УВ лампа (на избори пред тие од 2014 година). И дека тоа е направено 100-тина илјади пати, за да се добие разликата на избори во гласови меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, односно меѓу Ѓорги Иванов и Стево Пендаровски. И дека во сите тие 100-тина илјади фалсификат гласања, ниту еден роднина на починатите не забележал дека името на нивниот близок е на избирачкиот список и дека бројката крај неговото име е заокружена. И дека никој од членовите на избирчкиот одбор и никој од партиските контролори меѓу кои има и локални жители, не забележал дека се гласа во име во човек кој веќе не е меѓу живите.
Нормално, за да биде се поинтересно, во меѓувреме го фатија СДСМ со 70.000 фалсификувани лични карти. Од кои 100-тина независно беа објавени во медиумите. И обидете се после сето тоа да најдете логика и разум во тврдењата за избирачкиот список. Обидете се да најдете приговор од ваков вид по завршување на изборите. Ако се сеќавате, во 2014 година СДСМ не само што немаше дузина приговори, туку немаше ниту еден. И тоа при состав на Државната изборна комисија чиј претседател беше од нивните редови. Настрана тоа што во сите избирачки одбори на сите избирчаки места во РМ, има и локални партиски луѓе кои ако не стопроцентно, тогаш во најголем дел барем визуелно ги познаваат луѓето од таа населба која ја покрива избирачкото место. Да не зборуваме за тоа дека и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги имаат избирачките списоци и дека во секое маало, во секоја улица, имаат луѓе кои во секој момент можат да извршат внатрешна, партиска проверка на квалитетот на списокот за тој дел од  држвата. Па ВМРО-ДПМНЕ не успеа да протне ни неколку стотини гласачи од Пустец, а СДСМ да не примети, не пак да стори нешто посериозно. Да воскресне стотина илјади мртви. Да протне десетина илјади луѓе кои би гласале по два, три или повеќе пати. Но, кој да бара логика во сето тоа продавање магла.
Еден поранешен член на ДИК од СДСМ, своевремено открил некоја завидна бројка од гласачи кои според него не би требало да бидат на Избирачкиот список. Тврдеше дека го започнал чистењето, ама потоа целата операција запрела. Како и зошто, тој си знае. Арно ама, проблемот е што сите тие кои според него требало да отпаднат, да бидат избришани, биле Албанци. Кај Македонците, тука и таму, можеби се проврел некој фиктивен гласач, но воглавно поради грешка и во бројка која е далеку, со светлосни години далеку од некоја сериозна можност за фалсификат.
Се разбира, дури и да не е така, останува да го решите проблемот со лампите и фломастерот, со лажни лични карти и со локалните луѓе во избирачките одбори кои можат да ве откријат, за да изведете некоја помасовна операција на фиктивно гласање, како таа во 1994 година.
И кога сето тоа ќе се собере на едно место, ќе видите дека тоа е практично неизводливо. Но податливо е за сеење магла. Посебно во услови кога сте фатени со фалсификувани лични карти за кои требало да го обвините другиот.
А, патем, еве веќе трет месец МВР е со министер од СДСМ. Кој наместо да брка возачки дозволи, можеше досега да открие барем десетина изборни фиктивни гласања. Оти и тој беше во групата на тие што тврдеше дека изборите се фалсификувани. Да не се навраќаме повторно на ДИК која и во претходниот состав ја водеше СДСМ. И со Министерството за правда кое со години го води ДУИ.
Се разбира, тука и вториот проблем – медиумите. Тие требало да му дадат шанса на СДСМ. Или поточно да го кренат рејтингот на партијата. Што е еднакво на обидот на средновековните алхемичари од камен да направат злато. Или што било еднакво на обидот од Гардијан да направиш весник кој нема да фалсификува изјави.
Не бива таа работа, но ете уште една магла.
Разбира се, да не помине неделава без Катица Јанева. Кога Заев и ги предал снимките, таа не направила записник туку тоа го запишала во приемната книга. Што е исто како на лекар да му побараш историја на болеста на пациентот,  а тој да ви ја даде книгата во која е запишано дека кога болниот бил примен на болничко лечење. Во првото стои од што е болен човекот, како е лечен и до каде се стигнало со лечењето, значи комплетен опис, а второто го има неговото име и презиме и датум кога му е отворена историјата на болеста. И сега сите треба да го премолчиме ова, зашто специјалната била дел од Пржино, а зад Пржино стоеле странците  кои не смееме да ги лутиме, уште помалку ги споменуваме. Не заради друго туку затоа што тие сакале да ни помогнат. Што нам, треба да ни биде ем мило, ем драго. И затоа, нека лета магарето. Додуша ниско, ама сеедно.
Ех, а смееме ли бараме да прашаме, кога деновиве веќе се споменаа парите за специјалното овинителство? Оној милион евра за последните месеци од ланската година  – на што беа потрошени?