ЈАНЕВСКИ

ЈАНЕВСКИ
 Абдалите на Аиво Орав
Дарко Јаневски
Претставникот на ЕУ во „оваа земја“ Аиво Орав се пожалил на слободата на медиумите. Посебно на МТВ која била финансирана од парите на даночните обврзници. И навел пример: кога Европската комисја ги нотирала забелешките за тоа дека независноста на судството ни е проблематична, МТВ не го пренела тоа. Што покажува дека Орав не ги знае Македонците. Оти, работата навистина е забегана, ама не дошла до таму на некој во Пехчево, Струмица или Охрид, да му е потребен Брисел да му каже дали му чини судството. Небаре човекот не знае. Небаре не бил во суд. Ама, од друга страна, ако тоа што тој го знае, му го каже Брисел, некако го фаќа инает. Ти ли ќе ми кажеш мене? Е, не е така. Судството ни чини. Независно ни е. До толку што не смее едно писмо да напише за тоа дали лидерот на СДСМ се јавува или не се јавува во судот, така како што му е наредено. Така што, Орав очигледно не ја сфаќа суштината на МТВ: таа во овој случај ја одработува евроатлантската агенда на нашата сакана власт и уште посаканата опозиција, на чело со меѓународните губернатори на ФИРОМ, а не обратно. Телевизијата едноставно не сака ги нервира луѓето со тоа дека тие се глупави, па некој од таму некаде треба да им каже како им е дома. Не знаат тие. Пијат нафта, нели? И тоа од шкрилци, оти е американска, а не онаа погана диктаторска од Русија.
Се разбира, тоа не значи дека Орав не е во право. Дека медиумите ни се слободни. Не се. До толку што никој, освен чесни исклучоци, не смееше и не смее да се запраша како тоа МВР погрешно изброи 14 убиени терористи во Куманово (се извинувам, смеам да го употребам терминот „терористи“?) Оти не знаеме како е тоа во демократскиот свет, ама во Македонија броењето не е сложен процес. Еден труп, два трупа, три трупа… и се стигнало до 14. Нормално, ние како совесни и лојални граѓани на оваа земја имаме полно разбирање за МВР. Згрешиле во броењето. Цајканска работа. Ама господине Орав, македонските новинари, односно голем дел од нив, не се глупави. Или барем не до толку. И некако на сите им фалат четири трупа. Што мислите, зошто беше и се уште трае молкот за ова? Автоцензурата за која говорите е во прашање? Или нешто друго. Или и едното и другото заедно? А некако, сите знаеме дека ниту Груевски ниту Заев не се виновни за конкретната слобода на броење.
Така што, убаво е кога се држат лекции. Убаво е, исто така кога гледате некој како си ја одработува тезгата. И сега треба да каже дека медиумите во ФИРОМ не чинат. Ама обично реакцијата на тоа е „терај си работа“. Само немој да ја минуваш црвената линија и да ги правиш останатите абдали. Оти тие, абдалите, не се НАТО бомбардер, ја немаат неговата сила, можеби не можат да парираат на некое ново Куманово, па затоа молчат, други се со зашиени устуи затоа што ги плаќате, па си велат, ќути и глеј си го лебот! Лета магарето. Да лета. Ниско или високо, сеедно. Нема слобода? Нема, тоа е сега модерно. Ама не се абдали! Или барем не до толку. И не до толку за да не знаат дека ништо од ова не влегува во поимот слобода на медиуми. За тоа ја имате онаа госпоѓа Мијатовиќ. Таа е задолжена да тресе зелени. За Македонија, Молдавија, за Папуа Нова Гвинеја, сеедно што не е во Европа. Таму каде што и го знаат името.
Така што, се во ред. И дека социјализмот е светски процес и дека не чека светла иднина и дека сите се воодушевени од македонскиот ајвар и дека планините ни се многу убави. Ах, да, и дека овие денови е многу топло. А во Љубљана, види богати, завчера било свежо. Околу 20 степени. Е тоа ја развива демократијата во светот. Храбороста да се се каже такво нешто. И да се испрати порака на солидарност до Словенците во овие тешки денови. Нормално, да не го заборивиме Путин. Дека е диктатор и фашист и дека има расипана шестка. Па му мириса од устата. Што било лесно да бидеш слободен новинар, нели?
А видовте ли господине дека Владата го повлече законот за хонорарите? Само шест месеци отакко велеше дека такво нешто го има во секоја западна земја? Дали тоа ќе се најде во извештајот на ЕК како критика за владата? Па нека го промолчи МТВ. А, прво и велевме дека законот не чини затоа што ги погодува оние со ниски хонорари. Ама таа велеше дека и тие луѓе треба да бидат осигурани. Па потоа го повлече целиот закон, па сега слават по факултетите низ државата каде земаат плата од по илјада евра  и плус уште два пати по толку на име на хонорари за кои нема да плаќаат ништо повеќе од некој процент на име на данок. Хм, по кој стандард е тоа? Естонски, дански, шведски или германски?
Патем, што мислите, зошто во Македонија не е проблем ако Груевски или Заев ги наречеш идиоти (или со други зборови со исто значење но соодветни ан нашата спосбност за сочен израз) ама е проблем ако со таков збор наречеш странски дипломат кој реално гледано ја има улогата на домашен политичар? Наместо нашите политичари за кои гласаме на избори кои се фер и дмеократски, ама и не се фер и демократски. Дали и тоа влегува под дефиницијата „слобода на медиуми“?
Ете, господине при сето ова некако го заборавивме Жерновски. Прототип на современ европски политичар. Нели?