http://dnevnik.mk/?ItemID=CA891458E18BC549825D1E5A4DE4F0D2
Обвинител по свирката на Шеќеринска
Дарко Јаневски
Пред само неколку дена, кога објавивме дека скопскиот кривичен суд на сметка на Законот за кривична постака свесно оддолговлекува со закажување на почетокот на судењето на Зоран Заев и останатите за Пуч, СДСМ реагираше дека така се вршел притисок врз судството. Значи кога се прашува и отвора дилемата за Пуч тоа било притисок врз судството, иако јавна тајна е дека политички се договарало процес за лидерот на СДСМ да нема. За истиот човек за кој неговата партија тврдеше дека е пример за законско и чесно работење по повод неговиоте тендери за сите можни роднини во Струмица.
Со заменичката на Заев, Радмила Шеќеринска, кој стигне игра мајтап со нејзините евра од Дајнерс и наплаќање кирија за сопствениот стан. И ако се праша дали и зошто за тоа нема судско расчистување на сомнежите за криминал, одговорот ќе биде дека такво нешто е притисок од власта и нејзините медиуми врз партиското обвинтелство и партизкото судство.
А не поминаа ни два-три дена од договорот на партиските лидери под европско –американски уцени и закани, со кој е предвидено формирање специјален обвинител за незаконските снимки со кои СДСМ не малтретираше со месеци, најпрвин Шеќеринска па Оливер Спасовски почнаа да се расфрлаат со изјави дека од него очекуваат обвинение против Груевски. Е тоа е правна држава со комуњарски зачин. Уште неформиран, специјалниот обвинител доби задачи од партискиот комуњарски круг, кој на секој процес против нивен функционер организираше демонстрации. За лидерот на партијата и неговата амнестија да не се повторуваме. И сега токму таа партија над чија глава тежат тони и тони криминал (прогледувањето низ прсти за ова е еден од најголемите аматеризми и гревови на ВМРО-ДПМНЕ), партија која бабулињата ни ги распука со лелекање за наводното партиско обвинителство и судство, е таа партија дели лекции за чесност и дава партиски задачи на обвинителот кој допрва ќе се формира и кој ќе треба да биде независен и објективен. Кој ќе треба да ја води својата работа по закон и никако поинаку и чиј напишан или кажан збор ќе биде гледан низ илјадници лупи за да се измери неговата вредност и заснованост на пропис, а не на желби на политички искомплексирани фигури.
Но, така е тоа кога се гради правна држава со шарлатани, со матни типови, со луѓе кои наутро преговараат да бидат изземни од законодавството на државата, а попладне држат прес конференции за тоа како да ни функционира правната држава. Секогаш во нивна полза, се разбира. Наместо да си седат некаде на плажа и таму да си ги трошат паричките стекнати на овој или на оној начин, во време кога вмровците велеа „остај ги“,тие почнаа да се занесуваат и да делат лекции. Така е тоа кога на на комуњарска мафија која се фали (што всушност е уцена) дека има це-де-а за секого од нас, која со дозвола од ВМРО-ДПМНЕ го урна правниот систем во државата, која се колне во граѓаните, а ја множи со нула нивната волја, која не се стеснува да ја употребува во своја полза и смртта на невини деца и полицајци, која ги каменуваше и напаѓаше со шипки истите тие полицајци, а потоа лелекаше дека била цел на бриталности, ќе и се дозволи да помисли дека ја има Македонија во раце. Што ако утре Груевски излезе и каже дека очекува од специјалниот обвинител прво да ги чуеме снимките за Заев и Шеќеринска (зар не беа Груевски и Мијалков тие кои прислушуваа?), а потоа и да добиеме обвинение против нив? Е, тоа ќе биде режим, нели?
Овие изливи на филозофски мисли на Шеќеринска и Спасовски за тоа како ја замислуваат во иднина правната држава, веќе во старт покажуваат дека во договарањето со Јоханес Хан, клучната работа била промашена – на СДСМ не му било ставено до знаење дека не е власт, туку само еден од инструментите со кои наводно (а можеби и вистински) ЕУ и САД се обидуваат да ја поправат власта. Сеедно која таа била. А за да некој стане власт му се потребни 500.000 гласови. Кои за ова СДСМ се сепак, вселенски брод кој се движи со брзина на светлината.