Навистина депримира на кое ниво се сведе македонскиот печат. Кој ме знае, знае дека никогаш не бегам од долги и жолчни расправи, но во овој случај, пред да му одговорам на Бранко Героски, човек кој некогаш нешто значеше за новинарството во Македонија, кој ме прозива на својот портал, морам да застанам и подразмислам малку за тоа што ќе ме чека утре. Преписка со Саше Поликлинико?
Но, добро, кога веќе лично сум прозван, убаво домашно воспитување е да се одговори. Особено бидејќи се работи за тема која за мене лично е многу тешка, и на која јас и Героски излеговме на различните страни од приказната.
Сега се актуелни снимки и монтажи, а конкретната снимка за која што зборува Героски е направена некаде на крајот на 2007 година, кога Велија Рамковски, поранешниот газда на поранешната А1 телевизија, отворено им се закануваше на група од 50-ина новинари, уредници, фоторепортери и други вработени во весникот Време. Снимката покажува како Велија отворено се заканува дека сите вработени ќе ги избрка од работа доколку не потпишат отказ од фирмата која во моментот го издаваше весникот, и потоа потпишат договор за истото работно место, но во друга фирма, со што де факто ќе се откажеа од неплатените придонеси и другите права кои им следуваат. Старата фирма, потоа, се разбира, ќе одеше во стечај. Велија, на снимката, воедно вели дека условите за работа кај него и не се така лоши и тој не им се мешал многу на новинарите во работата, освен кога сакале да пишуваат за кривичните истраги против некој од неговите пријатели, како што се Јорго Ќука или директорката на УЈП Петра Митева (ова второто е особено интересно и открива многу за начинот на кој функционираат македонските медиумски олигарси, имајќи предвид дека во 2005 година истото тоа УЈП, под политички притисок, не откри никакви неправилности и и изрече смешна казна на А1 телевизија, овозможувајќи Пајажината да продолжи да се плете уште неколку години и да доведе до нивото во кое ја проголта целата телевизија). Велија овие закани ги изрече по неколкумесечно праќање посредници, кои во негово име се закануваа и ги заплашуваа новинарите. Во таква, крајно нарушена атмосфера во весникот, конечно големиот газда дојде и лично да им се закани на собраните новинари, на кои им должеше пари, дека тие што нема да го прифатат неговиот план ќе бидат отпуштени. Се сеќавам дека по настапот на Велија, на заедничкиот сервер на редакцијата имаше десетина снимки од газда Велија, кои за неколку дена ги имаше пола Скопје и кои служеа за терање мајтап со тоа до каде му отишол паметот на малиот Берлускони од Дебреште. Две од нив Миленко Неделковски подоцна објави во својата емисија, а да проверам низ моите стари компјутери, сигурно ќе најдам уште неколку. Лично не гледам ништо спорно тие да излезат во јавноста, како сведоштво за корумпираноста на еден македонски медиумски газда.
Додека Велија викаше и им се закануваше на новинарите на весникот Време, на другиот крај на ходникот, Героски, денес истакнат борец за слободата на медиумите, и колегите од весникот Шпиц, си молчеа. Јас самиот, и неколку мои тазе избркани колеги, јавно проговоривме за притисоците кои се вршеа кон нас и за очигледно криминалниот начин на кој Велија го водеше својот весник, што подоцна се покажа дека е само мал дел од вкупниот криминал кој се вршел во компаниите на кои газда Велија ставаше свои потчинети луѓе да бидат формални директори. Инаку, неколку години подоцна, кога две од тие снимки излегоа на Јутјуб, се сеќавам дека Героски отворено лажеше дека се работи за полициска снимка на негов телефонски разговор со Велија, од кој неговите реплики биле измонтирани. Денес на истиот Героски треба да му веруваме дека е експерт за немонтирани снимки.
За контекст за помладите читатели, кога Героски го продаде Дневник на ВАЦ на Срѓан Керим, во пакет со практично сите други дневни весници во Македонија, (правејќи неверојатна концентрација и монопол на пазарот) јас го напуштив овој весник за да бидам дел од весникот Време, проектот на Велија Рамковски да ја прошири својата ТВ империја кон печатените медиуми. Одеше како што одеше, тоа е време кога печатените медиуми веќе почнаа да пропаѓаат, а по некоја година кај Рамковски дојде и Героски, избркан од Дневник и во потрага по ухлебување. За човек како мене навикнат да работи во компанија која сама си го вадеше лебот, тоа што следеше беше навистина тажно и непријатно. Весниците веќе не носеа пари, нивното опстојување зависеше од волјата на олигархиските газди, а Героски покажа дека е шампион како таа волја и амбиција да ја подгрее, насочи и искористи. Додека Време се обидуваше колку – толку да зачува некое ниво и допир со реалноста, бесплатниот Шпиц на Героски почна кампања од Велија да прави политички лидер, премиер или барем министер за земјоделие. Героски, како Грима Црвоустиот, му ја полнеше главата на својот газда дека тој е над законот, дури и во тоалет одеше по него не давајќи му ни минута мир, и на крајот го фати на својата јадица. Велија почна да оди по кабинетите во Скопје и да се заканува дека неговата телевизија е калашњиков со кој може да создава или уништува политичари, а новинарската школа на Героски, составена од млади, слабо платени деца, кои главно се потпишуваа на неговите текстови, не правеше никаков проблем да ги извршува наредбите. На крајот, Велија се откажа од услугите на новинарите од Време, кои се обидуваа да задржат некакво ниво на професионалност и допир со реалноста, а ги задржа околу себе ласкавците кои си поигруваа со него, и му ги користеа телевизијата и
весниците како орудие за остварување на своите болни амбиции.
Да не бидам разбран погрешно, сосем е во ред медиумите да бидат критичари или поддржувачи на една политичка опција, но ние дојдовме во ситуација во која најмоќната медиумска групација во земјата правеше се што може за да запре здраворазумски реформи како што беше воведувањето дисциплина во платните односи, затоа што нејзиниот газда не сакаше да ги плати бедните придонесите за здравствено и пензиско осигурување за своите вработени, или киријата за просториите кои ги изнајмуваше. Медиумите на Велија прогласуваа јасни анти-корупциски случаи како тој за Петра Митева, за спорни, затоа што се работеше за луѓе кои му се нашле, или требаше да му се најдат на газда Велија. Почнаа кампања против градоначалникот на Скопје затоа што бараше да се платат давачките за зградата на А1 телевизија. Сето тоа под професионалната палка на Бранко Героски. Оваа школа на крајот, доведе до целосно партизирање на медиумите во Македонија, кои се поделија според партиските линии, и влегоа во отворена војна за преземање или одбрана на власта, за која сите знаеме како заврши. Останувам на тоа дека, многу подобро и за Велија лично, и за А1 телевизија, и за новинарството во Македонија, ќе беше да ги послушаше своите вработени кои му укажуваа дека има граници на неговото однесување и дека не може вечно да го избегнува работењето според законот, место што ги слушаше тие кои го сскаа да биде нашиот Берлускони.