Т. Каракамишева – volume 3

Т. Каракамишева - volume 3

Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска

СДС, ЧУВАЈТЕ СИ ГО ДОГОВОРОТ ДОМА АКО ВИ Е ТОЛКУ ЛИЧЕН!
(трет дел)

1.Договорот освен што е спротивен на меѓународното право, меѓународните и европските принципи и вредности, спротивен е и на важечкиот Устав на Република Македонија. Никола Димитров не смеел да склучи договор што се коси со Уставот, а уште помалку да создава обврска за државата да отвора постапка за промена на Уставот. Ваквиот ултиматум врз државата е казнив. Внатрешно-правната јурисдикција на Република Македонија е суверено прашање што го уредува и утврдува само и единствено суверената држава. Чинот на ултимативно наметнување обврски однадвор, а посебно од страна на друга суверена држава е агресорски чин, ставање во поттчинета, подредена позиција на својата држава од друга држава спротивно на меѓународното и националното право. Во нашиот Кривичен законик ваквото политичко однесување се смета за кривично дело против државата уредено во чл. 308 како Загрозување на независноста на државата, но може да се стави и во контекст на чл. 319 Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторна основа.

2. Со Договорот и прифаќањето на новото име на државата ерга омнес се менува се, вклучително и идентитетот, историјата, културата, традицијата на Македонците. Македонците добиваат нов идентитет кој ќе биде сосема нов и до сега непознат за нас и за сите претходни генерации! Јас го нарекувам ГМО идентитет кој ниту ќе ни го зајакне стариот, бидејќи стариот идентитет веќе нема да постои, ниту ќе биде наш, автохтон, бидејќи некој друг однадвор ни го направил и нам сака насилно да ни го даде! Во кампањата за референдумот слушнавме едно чудо лаги и манипулации дека Заев и Димитров ни го зацврстиле идентитетот?! Загрижените Македонци на ова нивно тврдење им рекоа ниту сакаме да ни го “зајакнувате”, ниту сакаме да ни го модифицирате идентитетот, бидејќи ние не сме ви го дале тоа право! Ние си го сакаме само својот, од минатите генерации наследен македонски идентитет! Никако да им стане јасно на овие предавници дека националниот идентитет не е вештачка творба или креација на некаков политички, социјален, или правен инжињеринг, туку идентитетот потекнува од самите нас! Ние Македонците сме креатори на нашиот идентитет! Никаде во светот не постои “компромисен” или “зајакнат” идентитет, туку само изворен идентитет резултат на суверената волја на народот!
Таков национален идентитет не е лично чувство, како што вели Заев, туку правна категорија! Во САД и во другите земји, националниот идентитет е синоним за правниот идентитет на државата како домашен и меѓународно-правен субјект!
Државниот идентитет, кој потекнува од суверената волја на народот, е елемент на дефиницијата на државата како правно лице, и како таков тој не може да биде предмет на договорно уредување, бидејќи спаѓа во ius cogens нормите (највисоките норми со императивен карактер).

И поробените народи имале “лично чувство” дека се на пример Македонци, но дури кога создале своја независна држава, колективното чувство на идентитет се здобило со потребните правни својства на СУВЕРЕН ИДЕНТИТЕТ, а не на “идентитет за по дома”, или идентитет на поттчинетиот или неслободниот. Основното својство на идентитетот е тој слободно да се изрази, без страв, закани од казни и слично, а не да биде предмет на некаков квази-компромис или договор со кој се ограничува оваа суверена слобода!

3. Во Договорот стои дека двете страни ќе работат на надминување на шовинизмот, непријателството, иредентизмот и ревизионизмот, но никој не знае кои се дејствија, изјави, активности и слично ќе влегуваат во овие категории. Ова утре ќе значи дека секоја твоја, моја, наша изјава може да се смета за иредентистичка, шовинистичка, непријателска!!! Ако Грците сметаат дека истата е иредентистичка можат слободно да не кудат, но и да не судат! ДОГОВОРОТ ТРАЈНО ЌЕ НИ ЗАБРАНИ ДА ЗБОРУВАМЕ И ДА МИСЛИМЕ ЗА МАКЕДОНИЈА! Исто така, во договорот се предвидува формирање на Советот за соработка на високо ниво раководен од двајцата премиери кој ќе НОСИ ОДЛУКИ против поединци кои ќе ја прекршат примената на договорот?!
Од правен аспект ова е КАТАСТРОФА! Советот ќе биде инсталиран како вид квази-суд кој ќе има право да носи одлуки во кои ќе бидат предвидени и казни против Македонците, а тие ќе немаат право на никаква правна заштита, бидејќи не се знае каде ќе може да се побара таква заштита! Сето тоа не е предвидено во договорот, а и европското право не предвидува таква заштита! Која ќе биде правната основаност на овие одлуки? Договорот? Како може билатерален договор меѓу две држави да има посилна правна сила од меѓународното и од домашното право за човекови права? Ќе чекаме државата да не заштити пред Меѓународниот суд во Хаг? Ох, кутри ние! Ниту еден меѓудржавен орган не може да ја минира заштитата на човековите права што постои на национално, европско и меѓународно ниво! Токму затоа сметам дека самиот договор е иредентистички, шовинистички и фашистички!
4. Во Договорот е избришана националната припадност. Истата не постои. Постои државјанство кое ниту е риба, ниту е девојка-Македонско/државјани на Република Северна Македонија. Со оглед дека во меѓународните односи државјанството се поврзува со името на државата тоа значи дека ние ќе бидеме државјани на РСМ.
Она што посебно е болно е што ние ќе бидеме државјани на РСМ, нашите сонародници од Егејска Македонија ќе продолжат да бидат Македонци на кои ќе им биде дозволено да бидат поврзувани со Хеленската цивилизација, историја, култура и наследство од антиката до денес, а ние нема да бидеме исти со нив. Ние со Договорот признаваме дека сме македонци/државјани на РСМ со своја територија, јазик, народ и негови обележја што немаат никаква врска со нашите сонародници од Егејска Македонија. Ставаме печат дека ние не сме ист народ, немаме исто потекло, немаме иста историја, култура, традиција, ние сме целосно различни, ние ќе бидеме СТРАНЦИ! Истото се однесува и на Македонците што живеат во дијаспората! И тие ќе бидат различни од нас, бидејќи не верувам дека по имплементацијата на овој капитулантски договор некој од Македонците што живеат надвор ќе прифатат да земат нова патна исправа, ќе прифатат нови документи, нов идентитет! Што значи ова за иднината на Македонскиот народ на сите ни е повеќе од јасно! Во Договорот никаде не се споменува македонска нација. А нацијата е основата на државата, ако нема нација нема ниту држава! Со нашето сведување на државјани на РСМ, односно граѓани на РСМ како што се погласно се пишува дека ќе стои во Преамбулата на Уставот, ние де факто и де јуре од готово ќе направиме вересија.
5. Термините „Македонски“ и „Македонија“ практично нема да постојат. Сите политички институции, државни органи, установи, културни организации, универзитети, научни институти, па дури и приватни ентитети, фирми, корпорации ако во својот назив го имаат терминот „Македонија“ или „македонско“ ќе мора да бидат променети и заменети со Северна Македонија. Опфатот оди до таму што вели сите јавни субјекти што се основани со закон?!, а нека ми посочи некој што не е уредено со закон, и што се финансиски поддржани од државата или од одредени активности надвор, ќе мора да го промени иазивот во Северна Македонија. По логиката на Договорот термините „Македонија“ и „Македонско“ ќе може да ги користиме само во приватна употреба, и за приватни цели, односно ќе имаме право да ги шепотиме по дома! Небулозата да биде поголема вакви рестикции се прават со билатерален договор со кој треба да се означи новата ера на стратешкото партнерство меѓу двете земј?!
Дефиницијата во договорот каде се треба да се изврши промена во називите ги опфаќа сите органи на управа, сите институции, организации, установи во јавниот сектор (вклучително и културни установи, социјални установи, образовни установи, итн.). Исто така, има една дилема по однос на јазичното толкување што значи “by law”, бидејќи во согласност со закон се основани и политички партии, интересни групи, здруженија на граѓани и слично. Дали оваа одредба од Договорот ја обврзува нашата држава да прави целосни промени во трговските регистри, во регистрите на политичките партии, здруженија на граѓани и во сите други регистри во државата?

6. Член 1 (3) (h) од Договорот ја отвора Пандорината кутија и во делот на интелектуалната сопственост, посебно во однос на термините трговски марки, трговски имиња и географски индикатори кои се целосно измешани. Ова е направено без да се консултираат експерти од областа на интелектуалната сопственост, област која е уредена со правила содржани во широка мултилатерална рамка. Имено, во оваа област се воспоставени правила и регулативи што не можат да бидат избришани со еден билатерален договор. И Македонија и Грција се потписници на меѓународни документи што постојат во оваа област.

7. Со член 19 (3) се определува дека споровите што би произлегле од договорот ќе се решаваат пред Меѓународниот суд на правдата. Земајќи ја предвид пресудата на Судот од гледна точка на непочитување на Грција на Времената спогодба (меѓународен договор ратификуван од страна на РМ, но не и во грчкиот Парламент) се поставува прашањето кои се гаранциите за правната сигурност на Македонците и на државата?

8. Во Договорот се предвидени уставни измени до крајот на 2018 година со кои новото име на државата ќе биде за официјална внатрешна и надворешна употреба. Уставот треба да го утврди новото име на државата „Република Северна Македонија“, кратко „Северна Македонија“ и да го усогласи целиот внатрешен систем согласно новото официјално име на државата. Освен новото официјално име, потребно ќе биде да се усогласат сите терминологии како ОБВРЗУВАЧКИ И НЕПОНИШТЛИВИ! Оваа обврска е спротивна на меѓународното право и суверената власт на секоја држава ЕКСКЛУЗИВНО ДА ја уредува својата внатрешна јурисдикција така како што смета дека е најдобро за државата! Последователно по прифаќањето на амандманот за промена на уставното име, ќе треба да се променат сите членови каде што се споменува името Македонија или македонско/и. Едновремено ќе треба да се внесе задолжителна примена на новиот договор ерга омнес, како за домашна така и за надворешна употреба да се интервенира во Преамбулата на Уставот, во членот 3 и ќе треба да се внесе нов член на местото на постојниот член 49 кој се однесува на грижата на државата за македонското малцинство во соседството и за македонските иселеници во дијаспората! Не е прецизирано што точно ќе се менува во Преамбулата и зошто токму промени во неа кога се знае дека во Преамбулата се содржани сите позначајни историски факти и настани кои се НОТОРНИ, и за кои не смее да има каква било дискусија, а најмалку промена!
Се внесува задолжителна примена на новиот договор ерга омнес, како за домашна така и за надворешна употреба спротивно на меѓународното право. Се брише целокупната историја за потеклото на Македонскиот јазик и се утврдува почеток на нова историја. Ова ќе се одрази врз промена на сите учебници по македонски јазик, историја на македонскиот јазик и другите наставни програми во училиштата, факултетите, институтите и слично.
Целосно откажување од натамошна употреба на досегашното разбирање и користење на термините „Македонија“ и „Македонски“ во внатрешен и надворешен план. Ова ќе значи ЦЕЛОСНО ЕМБАРГО да се употребуваат термините „Македонија“ и „Македонски“ ако не е нагласено дека станува збор за термини кои не се однесуваат на Хеленистичката цивилизација, историја, култура и наследство од античко време до денес.

9. По стапувањето во сила на договорот сите регистерски таблички на превозните средства регистрирани во РМ ќе мора да ги содржат новите државни кода NМ или NМC. По стапувањето на Договорот во сила, страните ќе ги користат името и терминологиите за севкупна употреба, ерга омнес, односно домашно, во билатералните односи, во регионалните и во меѓународните организации и институции. Ќе ги воспостави и покрене сите административни постапки и ќе ги преземе сите мерки за внатрешна употреба на името и терминологиите во сите нови официјални документи и документации, во коресподенцијата и другите релевантни материјали. Сите официјални документи и материјали на јавната администрација за внатрешна употреба, како и оние за внатрешна употреба кои можат да се користат и надворешно, ќе треба да бидат ОБНОВЕНИ СО НОВОТО ИМЕ И ТЕРМИНОЛОГИИТЕ НАЈДОЦНА ПЕТ ГОДИНИ ПО СТАПУВАЊЕТО ВО СИЛА НА ДОГОВОРОТ. Ова практично значи дека најдоцна во рок од пет години ќе треба да ги усогласиме личните карти, изводите за родени, венчани, возачки дозволи за домашна употреба, меѓународните дозволи ќе мора веднаш заедно со патните исправи, сите други официјални документи што ги издава јавната (локална и централна) администрација со новото име и новите терминологии. Сите документи и материјали што се ексклузивни за внатрешна употреба на втората страна како и издавање документи и материјали ќе се усогласат со почетокот на секое од поглавјата од преговорите со ЕУ и ќе треба да завршат пет години потоа. Ова практично значи дека сите документи и материјали од отвореното поглавје за почеток на преговорите ќе мора да бидат усогласени со новото име и терминологии пред почетокот на поглавјето.

10. За крај, да бидеме на чисто. Договорот од Преспа е ништовен и рушлив во Меѓународниот суд за правдата затоа што „втората страна“ не е означена ниту со Скопје, ниту со БЈРМ, а меѓународните договори МОРА да содржат ИДЕНТИТЕТ на двете договорнички страни. Резолуцијата 817 која што се споменува во Договорот е слаба правна основа врз која истиот се базира. Имено, во резолуцијата стои:
„Welcoming the readiness of the Co-Chairmen of the Steering Committee of the International Conference on the Former Yugoslavia, at the request of the Secretary-General, to use their good offices to settle the above-mentioned difference, and to promote confidence-building measures among the parties,
Taking note of the contents of the letters contained in documents
S/25541, S/25542 and S/25543 received from the parties,
1. Urges the parties to continue to cooperate with the Co-Chairmen of the Steering Committee of the International Conference on the Former Yugoslavia in order to arrive at a speedy settlement of their difference;
2. Recommends to the General Assembly that the State whose application is contained in document S/25147 be admitted to membership in the United Nations, this State being provisionally referred to fоr all purposes within the United Nations as “the former Yugoslav Republic of Macedonia” pending settlement of the difference that has arisen over the name of the State.”
Од една страна, нема стандардна безбедносна формулација „за зачувување на мирот и безбедноста”, туку само “Secretary-General, to use their good offices to settle the above-mentioned difference, and to promote confidence-building measures among the parties,” во превод генералниот секретар на ООН ги нуди своите “добри услуги за градење мерки за доверба меѓу страните” !!!, за потоа да биде наведено само “Urges the parties” односно “ургира” (а не обврзува), и употребува “settlement of their difference”, што значи “надминување на недоразбирања” (дури не се користи ниту терминот „спор”) и на крај стои “Recommends to the General Assembly”, односно му ПРЕПОРАЧУВА и ништо повеќе од тоа!
Оваа препорака НЕ МОЖЕ да биде основа за договорот! Во неа е содржана само УРГЕНЦИЈА без обврзување! Исто е и со Резлуцијата бр. 845! И таа е УРГЕНЦИЈА без обврзување! Она што е најважно е дека и двете резолуции немаат безбедносен карактер.
Понатаму, во резолуциите 817, 845 и 47/225 имаме случај на пречекорување на овластувањата на органите на ООН, бидејќи се креираат нови, трансцедентни услови кои го надминуваат чинот на приемот.