До Основен суд 2 Скопје
Скопје
Тужител: име и презиме ________________________________________улица бр.___________________, бр. на лична карта, ЕМБРГ _________________________ државјанин на РМ со државјанство под број издадено од —————-
Тужен: Република Македонија, Влада на Република Македонија
Правен основ: Утврдување непостоење на облигационо-правен однос и заштита на личните права утврдени со Уставот на РМ и со меѓународните и европските документи за заштита на човековите права и слободи
Основ: Утврдување ништовност на билатерален договор и заштита на лични права
Вредност 40.000 денари
Т У Ж Б А
Со предлог за издавање на времена мерка
- Врз основа на член 98, став 2 од Уставот на РМ, „Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот“,
- Врз основа на член 2, став 1 од Законот за судовите, „Судовите судат и своите одлуки ги засноваат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, и став 2, Судиите во примената на правото ги заштитуваат човековите слободи и права,
- Врз основа на член 3 од Законот за судовите, „Целите и функциите на судската власт опфаќаат: – непристрасно применување на правото независно од положбата и својството на странките, – заштита, почитување и унапредување на човековите права и основни слободи, – обезбедување еднаквост, рамноправност, недискриминација по кој било основ и – обезбедување правна сигурност врз основа на владеење на правото, и врз основа на член 4 од Законот за судовите, „Судот одлучува во постапка пропишана со закон: – за правата на човекот и граѓанинот и правно заснованите интереси, – за споровите меѓу граѓаните и другите правни субјекти, – за кривични дела и прекршоци и – за други работи што со закон се ставени во надлежност на судот,
- Врз основа на член 16, 17 и 95 од Законот за облигациони односи, а во врска со член 177 од Законот за парничната постапка,
Б А Р А М
Судот да утврди дека не постои правно издржан (валиден) облигационо-правен однос воспоставен меѓу државата Република Македонија и државата Република Грција од следниве причини:
- Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 и за воспоставување на Стратешко партнерство меѓу страните (Final Agreement for the settlement of the differences as described in the UN Security Council Resolutions 817 (1993) and 845 (1993), the termination of the Interim Accord of 1995, and the establishment of a Strategic partnership between the parties) е во спротивност со чл. 2, чл. 8, став 1, алинеи 1, 3, и 11, чл. 25, чл.48, чл. 50, чл. 51, и чл. 52 од Уставот на РМ, како и е во спротивност со чл. 9-а, чл. 11, чл.16, чл.17, чл. 39, чл.41, чл. 43, чл. 44 од Законот за облигационите односи на Република Македонија.
- Конечната спогодба е во директна спротивност со принципите и целите на Повелбата на ООН, посебно со член 2, став 1, односно со принципот на суверена еднаквост на сите свои држави и правната еднаквост на државите членки на ООН: „Организацијата е заснована врз начелото на суверената еднаквост меѓу сите членки. (ПРАВНА ЕДНАКВОСТ! Каде е Македонската сувереност во договорот?).
Член 2, став 4: „Во меѓународните односи, сите земји членки се воздржуваат од закани со сила или користење на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на која било држава, или на кој било начин кој не е усогласен со целите на Обединетите нации. (ПОЛИТИЧКА НЕЗАВИСНОСТ, каде е Македонската политичка независност?).
Член 2, став 7: „Ништо во оваа Повелба не ги овластува Обединетите нации да интервенираат во прашања од внатрешните работи на некоја земја ниту пак бара од членките да ги изнесуваат овие прашања на решавање врз основа на Повелбата; но ова начело нема да влијае врз примената на принудни мерки според Поглавје 7.
(ЗАШТИТА НА СТРОГАТА ВНАТРЕШНА ЈУРИСДИКЦИЈА НА ДРЖАВИТЕ).
- Конечната спогодба не ја заштитува правната еднаквост на Република Македонија како суверена држава и како држава која има еднаков статус со Хеленската Република согласно Повелбата на ООН. Со спогодбата се крши 1. Забраната за мешање на една членка или Организација во строгата внатрешна јурисдикција на која било држава. Со спогодбата, на „Втората страна“ како што е наречена Република Македонија и се наложуваат од „Првата страна“, односно од Хеленската Република, обврски што се дел од строгата внатрешна јурисдикција на Република Македонија, со што Грција флагрантно го повредува суверенитетот на Република Македонија и внатрешниот уставно-правен поредок на Република Македонија.
- Конечната спогодба излегува од рамката на Резолуцијата бр. 845 (1993) која што по повикувањето на Резолуцијата бр. 817 (1993) ги охрабрува Грција и Бившата Југословенска Република Македонија на соработка со ко-претседавачите на Надзорниот комитет на Меѓународната конференција за поранешна Југославија со цел да дојдат до брзо решавање на разликата за името. Имено, оваа Спогодба е „договор за решавање на „разликите“, а разликата и преговорите за името во Конечната спогодба се трансформирани во „разлики и преговори за македонскиот идентитет, историјата, македонскиот јазик, културата, образованието, политичкиот и административниот систем во земјата, Уставот на Република Македонија, слободите и правата на човекот и на граѓаните во Македонија.
- Со Конечната спогодба се наметнува потреба од итни уставни измени со цел промена на постојното уставно име “Република Македонија“, кое никаде не е споменато во Спогодбата, со ново име на државата „Република Северна Македонија“ и со придавки изведени од новото име. Со Конечната спогодба пропишани се и начинот, времето и надзорот над имплементацијата на сите решенија во правниот и политичкиот систем на „Втората страна“, од Првата, односно од Хеленската република. Овие процеси претставуваат директно грчко мешање во внатрешните работи на Република Македонија како суверена и самостојна држава, формирана врз правото на самоопределување на македонскиот народ согласно одлуките донесени на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година.
- Иако од насловот на Конечната спогодба се утврдува престанок на важноста на Привремената спогодба од 1995, во ниту еден член на Спогодбата не е спомената пресудата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг донесена во 2011 година за прекршување на член 11 од страна на Република Грција со блокирањето на добивањето покана за членство на „Бившата Југословенска Република Македонија“ во НАТО, на самитот во Букурешт од 2008 година.
- Оспорената Конечна спогодба е во спротивност со член 1 од Привремената спогодба од 1995, во која, „Првата страна“ ја признава „Втората страна“ како независна и суверена држава, како и со член 3 со кој “секоја страна се обврзува да ги почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на другата страна“. Конечната спогодба недвосмислено и јасно не ги почитува суверенитетот и политичката независност на Република Македонија со што директно го повредува универзалното начело на “еднаквост на сите членки“ загарантирано во Повелбата на ООН и го дерогира правниот субјективитет на Република Македонија. Исто така, Конечната спогодба го повредува и принципот на недискриминација во претставувањето и членството на државите во ООН.
- Конечната спогодба е склучена надвор од постапката уредена со Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори (“Сл. весник на Р Македонија” бр. 5/98 од 30.01.1998), надвор од утврдените правила во Уставот, но и спротивно на правилата содржани во Виенската конвенција за договорно право. Министерот за надворешни работи на РМ, г-динот Никола Димитров го заобиколил претседателот на Републиката, г-динот Иванов, кој согласно Уставот и законот е единствен надлежен орган да стави потпис на ваков вид договори. Прикачувањето на вториот дел од договорот кон Конечната спогодба за уредување на прашања што никогаш не биле спорни меѓу двете земји, како што се, засилена економска соработка, размена на искуства во земјоделството, спортот, туризмот итн., не го менува правниот факт дека министерот за надворешни работи на РМ презел обврски надвор од своите уставни и законски овластувања. Едновремено, начинот на договарање и склучување на Конечната спогодба целосно го игнорира законски утврдениот формат на водење преговори со национални посредници назначени од претседателите на двете земји. Спогодбата во име на „Хеленската република“ ја потпишал грчкиот министер за надворешни работи, г-дин Коѕијас, а во име на втората страна (која во Спогодбата е безимена страна), министерот за надворешни работи, г-дин Димитров, со што двојно е прекршен член 119, став 1 од Уставот на Република Македонија. Според овој член “меѓународните договори ги склучува претседателот на Република Македонија, во името на Република Македонија“. Претседателот на Република Македонија, вклучително и грчкиот претседател е прв субјект во меѓународните односи, а тој беше целосно запоставен во преговарачкиот процес со што е прекршен Уставот на РМ. Во член 119, став 2 од Уставот на Република Македонија се вели дека „меѓународни договори може да склучува и Владата на Република Македонија, кога е тоа определено со закон“, како втор субјект во меѓународните односи.
Во член 2, став 3 од Законот за склучување, ратификација и спроведување на меѓународните договори се наброени областите во кои владата може да склучува договори, но во нив не само што го нема, туку не може ни имплицитно да се вклучи прашањето за името.
Токму од оваа причина ценам дека станува збор за ultra vires чин со кој потписникот, Никола Димитров, излегол надвор од своите надлежности, односно ги пречекорил уставните и законски овластувања. Едновремено, да потсетам дека никаде во Уставот нема ниту збор за надлежен орган или постапка за промена на нашето име што значи дека ниту Владата, ниту Собранието на РМ немаат овластување, ниту надлежност да менуваат име на државата. Името на државата не може да биде предмет на променам, бидејќи тоа е неразделен елемент од националниот и државен идентитет.
- Со Конечната спогодба практично ни се наметнува ново национално и државно име, односно ни се забранува да имаме национално/државно име по сопствен избор и свој национален и личен идентитет каков што самите го чувствуваме и одлучуваме за него што е спротивно на сите акти од меѓународното право и е спротивно на сите меѓународни и европски документи за човековите права.
Со Конечната спогодба директно е повредено моето лично право на национален и личен идентитет да ја самоопределам мојата етничка/национална група во која сакам да припаѓам, моето лично право да имам свој етнички/национален идентитет, повредено е моето право на лично и национално достоинство, личен и национален интегритет и чест како апсолутни, неоттуѓиви права кои не смеат да бидат ограничени од никого, а најмалку од страна на властите на две држави.
Повреден е Уставот на РМ, во делот на личните и културните човекови права и слободи, а посебно:
1- Правото на забрана на дискриминација по основ на национална припадност од чл.110, став 1, алинеја 3 од Уставот на Р. Македонија, чија основа се следниве меѓународно гарантирани права и слободи: – правото на еднаквост во достоинството и правата од чл.1 од Универзалната декларација за човековите права, правото на еднаквост на правата и слободите без разлика на јазик, национално потекло и земја на потекло, без разлика на правен или интернационален статус на земјата на припаѓање, без разлика на ограниченост на суверенитетот од чл.2 од Универзалната декларација, еднаква заштита од дискриминација на правата од УДЧП од чл.7 од УДЧП, правото на забрана на мешање во приватноста и напади на честа и угледот и право на заштита од законот од такви мешања или напади од чл.12 од УДЧП, правото на националност, и забрана за лишување од истото од чл.15 од УДЧП, право на обрзование со почитување на човековите права и основните слободи, толеранција меѓу нациите и правото на избор на родителите на образованието за нивните деца од чл.26 од УДЧП и правото на социјален и меѓународен ред во кој правата од УД ќе се реализират од чл.28 од УДЧП, правото на почитување на принципот на еднакви права и самоопределување на луѓето од чл.1 ст.2 од Повелбата на ОН, правото на суверена еднаквост на сите членки на ООН од чл. 2, ст.1, т.1 од Повелбата на ОН, сите членки мора да се воздржуват во меѓународните односи од употреба на закани или употреба на сила за политичката независност на секоја земја од чл.2 ст.1 т.4 од Повелбата на ОН, право на немешање во домашната јурисдикција од ОН или членка на истата согласно чл2 ст.1 т.7 од Повелбата на ОН, еднакви услови за прием предвидени во Повелбата и пресудите на ОН од чл.4 ст.1 од Повелбата на ОН, принципот на еднакви права и самоопределување на луѓето, почитување и заштита на човековите права без дискриминација од чл.55 ст.1 ц. од Повелбата на ОН, правото на забрана на понижувачко постапување од чл.3 од ЕКЧП, забрана за дискриминација од чл.14 од ЕКЧП, правото на образование од чл.2 од Протокол 1 од ЕКЧП, ништавност на договор склучен спротивно на задолжителна норма на општо меѓународно право (иус цогенс) и под принуда од чл.53,52 и 64 од Виенската конвенција за договорно право, намерно наметнување на животни услови на групата, кои се преметани да ја уништат целосно или делумно групата, односно геноцид-културен геноцид, или обид за геноцид, согласно чл.2 ст.1 ц. од Конвенцијата за превенција и санкционирање на геноцидот на ОН, Декларација за правата на домородните луѓе на ОН, Конвенцијата за правата на детето, Меѓународната конвенција за сите форми на расна дискриминација.
- Правото на слобода на уверување, совеста, мислата и јавно изразување на мислата, од чл.110 ст.1 алинеја 3 од Уставот на Р. Македонија, чија основа се следниве меѓународно гарантирани права и слободи: -правото на слобода на мислата совеста и убедувањето или самостојно или во заедница со други и правото на манифестирање на своите убедувања во учење и пракса од чл.18 од УДЧП, правото на слобода на мислата, правото на задржување на мислење без мешање и да се бара, прима и соопштува информации и идеи низ медии без разлиака на границите од чл.19 од УДЧП, право на учество во културниот живот во заедницата од чл.27 од УДЧП, правото на почитување на приватниот живот од чл.8 од ЕКЧП, чл.9 слобода на уверување и совеста од чл9 од ЕКЧП, слобода на изразување од чл.10 од ЕКЧП, намерно наметнување на животни услови на групата, кои се преметани да ја уништат целосно или делумно групата, односно геноцид-културен геноцид, или обид за геноцид, согласно чл.2 ст.1 ц. од Конвенцијата за превенција и санкционирање на геноцидот на ОН, Конвенцијата за правата на домородните луѓе на ОН, Конвенцијата за правата на детето.
Согласно ова, можам да констатирам дека Конечната спогодба е во спротивност со следниве меѓународни документи:
-Член 1 од Универзалната декларација за човековите права, повреда на достоинството и на човековите права, каде се вели дека „Сите луѓе се родени слободни и еднакви во достоинството и во правата“,
-Член 2 од Универзалната декларација на човековите права „Секому му припаѓаат сите права и слободи утврдени во оваа Декларација, без разлика на која било разлика во расата, бојата на кожата, полот, јазикот, религијата, политичкото или друго мислење, националното или општественото потекло, сопственоста, раѓањето или друг статус. Никаква разлика не смее да се прави меѓу луѓето врз основа на политички, правосуден, или меѓународен статус на државата или територијата на која човекот припаѓа“,
-Член 1 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, како и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, каде се вели дека: „Сите народи имаат право на самоопределување. Врз основа на тоа право тие слободно го утврдуваат својот политички статус и слободно го развиваат својот економски, општествен и културен развој“.
-Преамбулата и членовите 1, 3, 6 и 15 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права,
-Декларацијата на УНЕСКО, дел 2, кој ја дефинира намерната деструкција на културното наследство како „намерен акт да го уништи во целост или делумно културното наследство, со што се загрозува неговиот интегритет, на начин кој претставува кршење на меѓународното право или неправедна повреда на принципите на хуманоста и јавната свест“.
Во дел 4 од Декларацијата е наведено дека: „Државата која намерно ги уништува или намерно не ги презема потребните мерки за забрана, заштита, стопирање или казнување на кое било намерно уништување на културното богатство кое е од големо значење на човештвото, без разлика дали тоа е утврдено во листата на УНЕСКО или не, или во некоја друга меѓународна организација, ќе сноси одговорност за таквата деструкција до степен утврден во меѓународното право“.
Согласно одредбите содржани во делот 4 од Декларацијата, постои и индивидуална кривична одговорност за намерно уништување на културното богатство, при што се вели дека: „Државите треба да ги преземат сите неопходни мерки, во согласност со меѓународното право, да воспостават надлежност над, како и да обезбедат ефективни санкции против сите лица кои сториле, или наредиле сторување на дејствија за намерна деструкција на културното богатство кое е од голема важност за човештвото, без разлика дали тоа е наведено во листата на УНЕСКО или на друга меѓународна организација“.
–Член 3 од Европската конвенција за човековите права (ЕКЧП), („Службен весник на Република Македонија‟ бр. 11/1997, 30/2004 и 30/2005) „ Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување“, член 8 Право на почитување на приватниот и семејниот живот „1. Секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката. 2. Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречувањето на кривични дела, заштитата на здравјето и моралот, или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество“, член 14 од ЕКЧП, Забрана на дискриминација „Уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус“, член 17 од ЕКЧП, Забрана на злоупотреба на правата „Ниту една одредба од Конвенцијата не може да се толкува на начин според кој, на некоја држава, група или поединец им е дадено право да преземаат активности или постапки со кои се загрозува некое право или слобода што се признати со оваа Конвенција, или да ги ограничуваат овие права и слободи во мерка поголема од онаа предвидена со Конвенцијата“,
– Протокол бр. 12 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи Рим, 4 ноември 2000 година, член 1 Општа забрана на дискриминацијата
- Уживањето на секое право предвидено со закон ќе биде обезбедено без дискриминација врз било која основа како пол, раса, боја, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, поврзаност со национално малцинство, имот, раѓање или друг статус. 2. Никој не смее да биде дискриминиран од страна на јавен орган по било која основа наведена во став 1.
–Член 1 од Конвенцијата против тортура и други сурови, нечовечки или понижувачки казни и постапки кој вели: „Во смисла на оваа конвенција, изразот „тортура“ го означува секој акт со кој на едно лице намерно му се нанесуваат болка или тешки физички или ментални страдања заради добивање од него или од трето лице известување или признание или заради негово казнување за дело што тоа или некое трето лице го извршило или за чие извршување е осомничено, заплашување на тоа лице или вршење притисок врз него, или заплашување или вршење притисок врз некое трето лице или од која и да било друга причина заснована врз која и да било форма на дискриминација, ако таа болка или тие страдања ги нанесува службено лице или кое и да било друго лице кое дејствува во службено својство или на негов поттик или со негова изречна или молкумна согласност. Тој израз не се однесува на бол или страдање што се резултат исклучително од законските санкции, неодвоиви од тие санкции или што тие санкции ги предизвикуваат“.
-Член 4 од Римскиот Статут на Меѓународниот кривичен суд, Геноцид 1. Меѓународниот суд е овластен кривично да ги гони лицата кои извршиле геноцид утврден во став 2 од овој член или извршиле некои други дела наброени во став 3 од овај член. 2. Геноцид значи кое било од следниве дела извршени со намера во целост или делумно да се уништи некоја национална, етничка, расна или верска група, како: (а) убивање на припадници на групата; (б) нанесување тешки телесни или душевни повреди на припадниците од групата; (в) намерно наметнување животни услови на групата со цел да се доведе до нејзино потполно или делумно физичко уништување; (г) воведување мерки кои имаат за цел да се спречи раѓање на деца во групата; (д) насилно префрлување деца од една во друга група. 3. Се казнуваат следните дела: (а) геноцид; (б) здружување за извршување на геноцид; (в) директно и јавно поттикнување за извршување на геноцид; (г) обид да се изврши геноцид; (д) соучество во геноцид.
– Член 5 од Римскиот Статут, Злосторства против човештвото, „Меѓународниот суд е овластен кривично да ги гони лицата одговорни за следните кривични дела извршени во вооружени борби, било да се од меѓународен или внатрешен карактер и усмерени против кое било цивилно население: (а) убиство; (б) истребување; (в) поробување; (г) депортирање; (д) затворање; (ѓ) тортура; (е) силување; (ж) гонење од политички, расни или верски побуди; (з) други нехумани дела.
– Член 6, Надлежност врз лица Меѓународниот суд има надлежност врз физичките лица врз основа на одредбите на овој Статут.
– Член 7, Индивидуална кривична одговорност, 1. Лицето кое планирало, поттикнало, наредило, извршило или на друг начин помагало и поттикнало планирање, подготовки или извршување кривични дела наведени во членовите 2 и 5 од овој Статут, индивидуално ќе биде одговорно за кривичните дела. 2. Службената положба на секое обвинето лице, било да се работи за шеф на држава или влада, или за одговорен државен службеник, не го ослободува лицето од кривичната одговорност ниту може да ја ублажи казната. 3. Фактот дека кои било од наведените дела во членовите од 2 до 5 од овај Статут извршени од лице на пониска позиција не го ослободува неговиот претпоставен од кривична одговорност ако претпоставениот знаел или имал причина да знае дека лицето на пониска позиција се подготвува да изврши такви дела или веќе ги извршило, а претпоставениот не презел неопходни и разумни мерки да ги спречи таквите дела или да ги казни извршителите. 4. Фактот дека обвинетото лице постапувало според наредбите на Владата или на претпоставениот не го ослободува од кривична одговорност, но може да се земе предвид за ублажување на казната ако Меѓународниот суд утврди дека така налага правдата.
О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е:
- Со оспорената Конечна спогодба, министерот за надворешни работи, г-динот Никола Димитров и претседателот на Владата на Република Македонија, г-динот Зоран Заев, во мое лично име како и во име на целиот Македонски народ потпишаа договор (спогодба) со кој ми се оневозможува мене лично, но и на сите Македонци да ги оствариме следниве уставно и меѓународно заштитени права: 1. Правото да имаме свое национално име и свој национален идентитет, правото на приватност, еднаквост, почитување на моето лично достоинство, интегритет, приватност, 2. Правото да го развиваме својот политички, општествен, економски и културен систем во рамките на државата како нејзини граѓани, како и 3. Правото да бидеме суверени граѓани на Република Македонија.
- Со Конечната спогодба Владата на Република Македонија де јуре и де факто се откажа од правото на државата Република Македонија и Македонскиот народ да имаат сопствен правен и политички субјективитет и независност поради што е поднесена и кривична пријава против надлежните до ОЈО за утврдување на нивна кривична одговорност.
- Конечната спогодба не е договор, туку е класичен ултиматум на Првата страна, кој содржински уредува материја што е во спротивност и во директен конфликт со перемпторните (jus cogens) кои се задолжителни и апсолутни норми прифатени во меѓународниот правен поредок. Како спротивна на Уставот на РМ и на меѓународното право, оваа конечна спогодба мора да биде поништена.
- Ништовноста на спогодбата како мое барање е и поради заштита на член 42, став 1 од Виенската конвенција за договорното право (Vienna Convention on the Law of Treaties (VCLT)), кој гласи:
„1. Важноста на договорот или согласноста на државите да бидат обврзани со овој договор може да се оспори само врз основа на оваа конвенција“.
–Член 44, став 2 од Конвенцијата вели: 2. На причина за ништовност или гаснење на договорот, повлекувањето на една членка или прекинувањето на примената на договорот што го признава оваа конвенција може да се повикува само во поглед на целиот договор, освен под условите што се предвидени во следната точка и во член 60. Ништовноста на договорот мора да настапи и поради неговите одредби што се во спротивност со меѓународните jus cogens норми.
-Според член 53 од Виенската конвенција за договорно право ништовни се сите договори што се во спротивност со императивните норми на општото меѓународно право (jus cogens).
Ништовен е секој договор кој во моментот на неговото склучување е во спротивност со императивните норми на општото меѓународно право. Според Виенската конвенција, како императивна норма на општото меѓународно право се смета секоја норма што ја прифатила и признала целата меѓународна заедница, и за која не е дозволено, ниту допуштено никакво отстапување. Тоа се норми што не можат да бидат изменети со нови договорни норми.
–Од член 30, став 1 на Виенската конвенција за договорно право, може да се заклучи дека во дефинирањето на ништовноста поради кршење на императивна норма на општото меѓународно право влегува и член 103 од Повелбата на Обединетите нации кој гласи: „Ако постои противречност меѓу обврските на две или повеќе членки на Обединетите нации преземени согласно оваа Повелба, од една, и обврските кои произлегуваат од кој било друг меѓународен договор, ПРЕОВЛАДУВААТ, ИЛИ СЕ ЗЕМААТ ПРЕДВИД ОБВРСКИТЕ УТВРДЕНИ ВО ПОВЕЛБАТА.
Во нашиот случај, Конечната спогодба е во спротивност со принципите и целите на Повелбата на ООН.
- Конечната спогодба е асиметрична, затоа што „Првата страна“ има права, а „Втората страна“ обврски, ако се изземе онаа одредба „за ратификација на договорот, по усвоените амандмани на Уставот и завршувањето на сите правни постапки, нужни за влегување во сила на истата (член 1, точка 4, под ѓ) и онаа :“да не приговара на апликацијата за зачленување или на членството на Втората страна (член 1, точка 3, под а).
Речиси идентична формулација со оваа содржи и член 11, став 1 од Привремената спогодба која Грција ја прекрши, а Меѓународниот суд на правдата во 2011 година ја прогласи за виновна, иако не следеа никакви правни и политички последици за Грција.
- Согласно Конечната спогодба „Првата страна“ има статус на надреден договорен субјект, додека „Втората страна“ на подреден, што всушност ја прави објект, иако, двете држави, како признати меѓународни субјекти, треба да бидат рамноправни договорни страни. Власта и нејзините поддржувачи, но и Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, во пресрет на референдумот на 30.9.2018 година, кој согласно извештајот на ДИК беше прогласен за неуспешен поради неисполнувањето на уставните и законските услови, истакнува дека прифаќањето на „Преспанскиот договор“ е неминовно за влез во НАТО во следните две години и почеток на преговорите за ЕУ. И покрај неуспешноста на референдумот на кој граѓаните со неизлегување на гласање практично кажаа дека се против промената на државното име, власта продолжи да ја негира волјата на граѓаните и ја отвори постапката за промена на Уставот.
- Името на државата е нераскинлив, суштински елемент на правната личност на државата. Тоа е нејзино суштинско право кое влегува во нејзината внатрешна надлежност, а не право на друга држава (Република Грција, Хеленска Република) или на која било меѓународна организација. Иако географската одредница содржана во новото државно име се аргументира со потребата од нејзино разграничување од трите административни региони со назив Македонија во Грција (Источна, Централна, Западна) кои беа воведени во 1987 год, се поставува прашањето: може ли да се разграничи држава од регион на ваков начин кога тоа не е дозволено со меѓународното право? Зошто власта на Република Македонија не бараше да се промени името на Министерството за Македонија и Тракија во Грција, туку се согласи со промена на нашето државно име? Зошто властите во РМ не бараа да биде вратено старото име “Микра“ на прекрстениот аеродром „Македонија“ во Солун кога Република Грција одлучи да издејствува промена на името на нашиот аеродром во Скопје? Би било логично да се направи разграничување на регион од регион, но не и држава од регион со предност на името на регионот. Дали Република Грција има проблем со географијата, или со македонската нација кога како причина за барањето промена на нашето име го истакнува нашиот „иредентизам“ кој согласно пресудата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг е констатирано дека не постои, го нема. Зошто не е земено предвид ниту мислењето на Бадентеровата комисија каде е констатирано дека нема македонски иредентизам дури ниту во членовите кои беа предмет на уставни измени во 1992 година под директен притисок на Грција?
По мене, токму новото име може да иницира иредентизам на двете страни, затоа што каде има северен и јужен, западен и источен, горен и долен ентитет секогаш има опасност од можно обединување, што е видливо од историските примери, но и од современите тенденции. Самиот термин “Република“ пред Македонија јасно ја прави диференцијацијата меѓу државата Македонија и регионот Македонија на грчката страна. Со терминот „Република“ се утврдува обликот на државното уредување, додека со „регионот Македонија“ е дефиниран конкретен регион, област, единица на локалната самоуправа што се две различни работи.
Од друга страна, античка Македонија која се споменува во Конечната спогодба не може да биде ексклузивна сопственост на Република Грција, туку станува збор за заедничко културно наследство на целиот Балкан.
Промената на името Република Македонија во „Република Северна Македонија“ со новите уставни амандмани за надворешна и за внатрешна употреба, а кои амандмани се наметнаат како ултиматум со Конечната спогодба не само што е во спротивност со меѓународното и националното право, туку е во спротивност и со добрите обичаи. Не постои друг случај на европско или светско ниво, сосед или меѓународна организација да му наредат на друг суверен ентитет, на друга држава промена на своето историско и уставно име, а со цел влез во некоја меѓународна организација. Дополнително што таквата промена се коси со начелото на владеење на правото како најважен принцип врз кој е засновано работењето на меѓународните организации, но и на демократските држави. Предложената промена на нашето историско име претставува непочитување на нашето право на самоопределување како Македонци, но и на нашето национално достоинство и интегритет.
8.Конечната спогодба е во спротивност и со Завршниот Акт на ОБСЕ од Хелсинки каде е утврдена обврска на сите земји да ја почитуваат суверената еднаквост и индивидуалноста на државите, како и правата што произлегуваат од суверенитетот, вклучително и правото на секоја држава на правна еднаквост, територијален интегритет и политичка независност. Во Завршниот акт на ОБСЕ е утврдена и обврска да се почитува правото на другите држави да направат свој избор и да го развиваат својот политички, општествен, економски и културен систем, како и правото да донесува и утврдува свои закони и регулативи. Со Конечната спогодба не се почитува правото на Република Македонија да донесува свои закони и Устав, ниту самостојно да го развива својот политички, културен, општествен и економски систем. Овој договор како ултимативен по својата природа создава голем број обврски само за едната страна при што сериозно навлегува во суверената зона на Република Македонија преку наметнување да се создаде нова историја, нов национален идентитет, нови обележја и нова сегашност на Македонскиот народ.
- Конечната спогодба се повикува и на принципите и вредностите на Советот на Европа, почит кон човековите права, развој на демократијата и достоинството, а со неговата содржина флагрантно се повредуваат и поништуваат фундаменталните права на Македонците да имаат право на достоинство, да имаат право на свој културен и национален идентитет во согласност со правото на самоопределување и меѓународното право на човековите права!
-Како државјанин на Република Македонија имам правен интерес да ја поднесам оваа тужба од причина што согласно приложеното Уверение за државјанство јас сум граѓанин на Република Македонија, а со Конечната спогодба јас ќе бидам приморан да бидам граѓанин на Република Северна Македонија иако името на мојата татковина во која што сум роден е Република Македонија.
Поради причините наведени погоре, а согласно член 95 и член 177 од Законот за облигационите односи ја поднесувам ова тужба, при што надлежноста на овој суд е определена со член 16 и член 17 од Зааконот за облигационите односи со цитирање на нужната примена и на законите и мегународните договори набројани погоре.
Во член 16 од ЗОО стои дека „Врз облигационите односи кои се уредуваат со други закони и со мегународни договори кои ги ратификувала Република Македонија се применуваат одредбите од овој закон во прашањата што не се уредени со тој закон, односно меѓународен договор“, додека во член 17 од ЗОО е наведено дека „Одредбите на овој закон што се однесуваат на договорите се применуваат врз сите видови договори, освен ако за трговските договори поинаку не е изречно определено“.
Во член 17-а од ЗОО се вели дека „Учесниците во облигационите односи кои во согласност со закон самовласно прибават или штитат некое свое право, се должни тоа прибавување или штитење да го остварат во рамките на допуштеноста предвидена со закон, а во спротивно одговараат за направеното пречекорување“.
Согласно член 95, став 1 од ЗОО се вели дека „Договорот кој не е во согласност со Уставот, законите и добрите обичаи е ништовен, ако целта на повреденото правило не упатува на некоја друга санкција или ако со законот во определениот случај не е предвидено нешто друго.
Конечната спогодба која барам да се поништи НЕ Е ВО СОГЛАСНОСТ СО УСТАВОТ НА РМ, ниту со меѓународното право. Едновремено го потсетувам Судот дека Спогодбата не е ратификувана со закон, бидејќи указот за ратификација на Спогодбата не е потпишан од страна на претседателот на РМ.
Поради сето горенаведено барам судот да утврди дека НЕ ПОСТОИ облигационо правен валиден однос помеѓу Република Македонија и Република Грција, барам Судот да ја прогласи Спогодбата за НИШТОВНА во правниот промет на државата, бидејќи со неа се повредуваат моите лични права заштитени со Уставот и со меѓународното право, а кои се набројани погоре поради што барам Судот да ја донесе следната
П Р Е С У Д А
Тужбеното барање на тужителот/ката _____________________ _____________СЕ УСВОЈУВА.
- СЕ УТВРДУВА спрема тужениот – Р.Македонија, Влада на Р.Македонија дека НЕ ПОСТОИ облигационо правен однос помеѓу тужителот и Р.Грција врз основа на КОНЕЧНАТА СПОГОДБА ЗА РЕШАВАЊЕ НА РАЗЛИКИТЕ ОПИШАНИ ВО РЕЗОЛУЦИИТЕ 817 (1993) И 845 (1993) НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ, ЗА ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ВАЖНОСТА НА ПРИВРЕМЕНАТА СПОГОДБА ОД 1995 И ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО МЕЃУ СТРАНИТЕ Р.Македонија и Р.Грција
- СЕ УТВРДУВА СПРЕМА ТУЖЕНИОТ ДЕКА ТУЖИТЕЛОТ ИМА ПРАВО НА САМООПРЕДЕЛУВАЊЕ КАКО МАКЕДОНЕЦ – ДРЖАВЈАНИН НА Р.МАКЕДОНИЈА врз основа на Уставот на Република Македонија, Европската конвенција за човековите права (ЕКЧП) и други меѓународни документи за заштита на човековите права.
- СЕ ЗАДОЛЖУВА ТУЖЕНИОТ ДА ГО ВОСПОСТАВИ ПРАВОТО НА ТУЖИТЕЛОТ НА САМООПРЕДЕЛУВАЊЕ КАКО МАКЕДОНЕЦ – ДРЖАВЈАНИН НА Р.МАКЕДОНИЈА ВО ПОРАНЕШНА СОСТОЈБА КАКО ПРЕД СКЛУЧУВАЊЕ НА СПОГОДБАТА ЗА РЕШАВАЊЕ НА РАЗЛИКИТЕ ОПИШАНИ ВО РЕЗОЛУЦИИТЕ 817 (1993) И 845 (1993) НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ, ЗА ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ВАЖНОСТА НА ПРИВРЕМЕНАТА СПОГОДБА ОД 1995 И ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО МЕЃУ СТРАНИТЕ Р.Македонија и Р.Грција, во рок од 15 дена од приемот на оваа пресуда, а под страв од присилно извршување.
ПРЕДЛОГ ЗА ВРЕМЕНА МЕРКА
Со оглед на тоа дека тужителот е државјанин на Р.Македонија и има право на самоопределување како Македонец, има право на забрана од дискриминација по национална припадност, забрана на мешање во приватноста и напади на честа и угледот, право на заштита од законот од такви мешања или напади, право на националност и забрана за лишување од истото, право на приватност, право на достоинство, право на личен интегритет, право на еднаквост и рамноправност и други лични права кои произлегуваат од посочените, а како со стапување во сила на КОНЕЧНАТА СПОГОДБА ЗА РЕШАВАЊЕ НА РАЗЛИКИТЕ ОПИШАНИ ВО РЕЗОЛУЦИИТЕ 817 (1993) И 845 (1993) НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ, ЗА ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ВАЖНОСТА НА ПРИВРЕМЕНАТА СПОГОДБА ОД 1995 И ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО МЕЃУ СТРАНИТЕ Р.Македонија и Р.Грција, на тужителот му се ускратуваат овие права, а за истиот би настапиле штетни и ненадоместливи последици изразени преку неможноста од нивно целосно и непречено остварување, а кои се загарантирани со Уставот на Р.Македонија, со Европската конвенција за човекови права, и со други меѓународни договори набројани во тужбата, му предлагам на надлежниот суд да го донесе следното:
Р Е Ш Е Н И Е З А П Р И В Р Е М Е Н А М Е Р К А
СЕ УСВОЈУВА предлогот за привремена мерка на предлагачот/чката____________________.
СЕ ЗАБРАНУВА на тужениот да презема дејствија со кои на тужителот му се ускратува правото на самоопределување како Македонец – државјанин на Р.Македонија и останатите лични права гарантирани со Уставот на РМ и меѓународните и европските документи за заштита на човековите права до правосилно завршување на поведената постапка.
СЕ ОГЛАСУВА ЗА НИШТОВНА
КОНЕЧНАТА СПОГОДБА ЗА РЕШАВАЊЕ НА РАЗЛИКИТЕ ОПИШАНИ ВО РЕЗОЛУЦИИТЕ 817 (1993) И 845 (1993) НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ, ЗА ПРЕСТАНУВАЊЕ НА ВАЖНОСТА НА ПРИВРЕМЕНАТА СПОГОДБА ОД 1995 И ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО МЕЃУ СТРАНИТЕ Р.Македонија и Р.Грција.
Се донесува следната ВРЕМЕНА МЕРКА
- Се запираат сите закажани расправи за измена на Уставот согласно оваа спогодба до правосилно одлучување по тужбата.
- Се задолжува тужениот ова право да му го признае на тужителот и да трпи обврска тужителот и во иднина да го запишува како Македонец во сите лични исправи и во сите лични документи и да му ја гарантира заштитата на сите лични и културни права утврдени во тужбеното барање.
Тужител, _______________________________________________
ЕМБГ ____________________________________________