ТРИЧКОВСКИ

ТРИЧКОВСКИ

Осветувањето на македонскиот народен театар!

Црвените владици на социјалдемократијата го осветија националниот срам на Татковината! За малку ќе речев: „храм“! Го исшприцаа со скапите парфеми што ги влечат дури од „Монте наполитано“ и го блеснаа со белите рефлектори на телевизиските и новинарски батлери на своите пријатели од редовите на противниците! На прославата на „Дајнерс“.

Театарот не е ни направен за Чехов и Шекспир или за Брехт и Јонеско, тие и онака никогаш не се бореле за Македонија. Туку за Бобо, Орце, Зоки, Рада, Никола, Гордана, Сашо, за сите наши дајнерси и телекоми, за бројните годишнини на нашата тажна бесмисла, за самитите на македонската, десна и лева малограѓанштина! За дијалогот и единството што функционираат, додуша малку подземно, но не толку длабоко за да ја загубиме препораката на бриселската ординација на Европската унија! За посматрање!

За елитата што одвреме-навреме станува од веце-школките само за да касне нешто или, еве, вака, за да удри по некоја фотка, да остави, демек, по некое сведоштво за себе, за веднаш потоа да ѝ се врати на својата буњуелска кењажа како смисла на постоењето. На серењето како постоење, односно на постоењето како срање!

Тоа е таа драстична разлика со светот кој одвреме-навреме оди да се олесни. Тој обичен свет! Сосема обичен, да не речам прост, непарфимиран, дури може да се каже, смрдлив свет!

Дојде една новинарка да ме праша што најмногу ми оставило впечаток во таа блиска средба на социјалдемократската фрустрација со тешкиот провинциски и провинцијален, лажно десен, гламур на вемерето, а јас и реков: Инсистирањето на Шеќеринска да биде меѓу граѓаните, како директор на директоратот и претседател на безвезњатот на големото ништо, да ги чуе маките на граѓанинот Камчев и да му каже дека секогаш може да се потпре макар на еден од столбовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија од неговата (на СДСМ) Стратегија за борба против оваа ненародна власт! И очите на Орцета што беа ококорени како очите на човек што во Шеќеринска не гледа згодна жена туку СЛОБОДА! Сосема јасно во тие окца можеше да се види дека на човекот му е преку кур и од власта, и од парите, и од Срѓан Керим! И дека едвај чека неговиот есдеес да го преземе кормилото на македонскиот брод од џекспароуските пирати на вемерето!

Потоа ми падна на ум дека на фонот на оваа гламурозно осветување и осветлување на македонскиот државен театар, односно на овој велелепен театар од држава, станува бесмислен бојкотот на таканаречениот парламент. Да не речам дека и парламентот како таков тука ја открива својата раскошна бесмисла пред наивчините од форматот на мојата маленкост! А прашање е дали и изборите, сеедно дали ќе бидат фер или нефер, дали ќе бидат чесни и демократски или насилни и фалсификувани, и дали ќе ги организира некоја техничка или, пак, уметничка влада, имаат смисла, ако темелната поделба во општеството не оди по линијата ВМРО-СДСМ или по друга партиска линија, односно не оди по чисто политичка и идејно-идеолошка линија, дури не и по некоја разиграна социјална линија, туку по линијата на луѓе со дајнерси и на луѓе без пари! Каков политички процес може да има тука ако човекот без пари смета дека името му е сосема доволно за да смета дека има се!

Овие и вакви забави ги откриваат димензиите на разорениот вредносен систем во Македонија. Тие сами по себе не се без везе! Ние сме една мала, фамијализирана, да не речам, инцестуозна, средина во која дефектите се шират како пожар на поволен ветер. Главната порака за мене беше пораката за декадентноста како напредната фаза во која Македонија си се ждере самата себе. Како да се сексаме меѓу себе во време на колера! Или ебола! За една минимално нормална држава ние имаме и власт и опозиција и јавност и граѓанство што се однесуваат ненормално, неадекватно, како да се забавени во развојот, како да се кучиња чие исчезнување треба да се огласи на фејсбук ако сакаме да се вратат во некоја нормална, домашна средина! Ова го кажувам од искуство! Не на куче, туку на некој што си го барал и со помош на пријателите, си го нашол миленикот! Макар што, за волја на вистината, како се одвиваат работите, повеќе би сакал да сум му куче, отколку Македонец!

Ние сме мравка што одбива да води сметка за тоа во кој правец се движат слоновите на заедничкото поилиште! Што треба да значи молкот на државата по изјавата на Лавров дека Русија ќе го смета за провокација членството на Македонија и на целиот регион во НАТО?! Што треба да значи отсуството на јасна државна позиција по прашањето на заедничката европска политика во однос на руската агресија во Украина?! Што треба да значи отсуството на јасна позиција кон светската коалиција против џихадистите од Исламската држава на Ирак и Левант?! Што треба да значат најавите за одземање на препораката за преговори со ЕУ и што значи спремноста на општеството до бескрај да ги трпи заебавањата со темите за името, идентитетот, достоинството и со сличните колективистички тралалајки?!

Пропаѓа светот во кој е родена Македонија. Светот чии основи и механизми се изградени од резултатите на Втората светска војна. Тоа само по себе не мора да биде фатално за Македонија, но треба да се знае дека ние имаме власт што ги смета тие резултати за национална несреќа и опозиција која што ја натераа да чувствува грижа на совест што не успеала да создаде голема Македонија само затоа што комунистите одбиле да се борат на страната на поразените!

Неколку точки се битни за денешната геополитичка и геостратегиска возбуда на светот. Што Македонија ги набљудува како наркоман кој тукушто си ја зел дневната доза. Прво, исцрпени се можностите за саморегулација врз основа на резултатите од Втората светска војна. Односот на силите и институционалниот и вредносниот инструментариум, што беа воспоставени пред седумдесетина години, под притисок на реалниот развој на глобално ниво, дојдоа во многу сериозна дисхармонија со нивните одговорности. Второ, епохалните промени во односот на тие сили, што се случија со дисолуцијата на Советскиот Сојуз и падот на Берлинскиот ѕид, не произведоа доволно моќни перформанси за беспрекорна работа на светскиот часовник. Обратно, станува сѐ појасно дека си имаме работа со еден прилично зарибан механизам! За тоа говори третата точка во овој преглед, неуспехот на Соединетите Американски Држави од позиција на единствена глобална сила, да го уреди светот според своите стандарди. Четврто, консолидацијата на Русија и нејзините аспирации во однос на светските работи произведува нова динамика на односите на глобално ниво. Петто, глобалното влијание на Кина добива димензии што ги изместуваат основите на светската конституција утврдена пред седум децении.

Во рамките на оваа карабина се случуваат две, односно три крупни промени на внатрешното уредување: прво, тоа се длабоките промени во западните општества и во општествата што гравитираат кон запад или паднаа под западно влијание во насока на десубјективизација и своевидна дезинтеграција преку адаптација на вредносните системи на либералниот капитализам на светските предизвици со кои се соочува, второ, ако на либералниот капитализам му било одредено да ја заврши историјата на светскиот општественоекономски развој (Фукујама) тогаш е многу веројатно дека тој крај ќе биде многу тажен, болен и неславен; трето, судирот на цивилизациите (Хантингтон) сепак ќе се случи односно веќе се случува, но не како глобална верска конфронтација, туку на епохална основа при што радикалниот ислам го обединува светот точно на тоа цивилизациско ниво.

Не сум оптимист. Нуклеарното оружје ја блокира идејата за Трета светска војна како закономерна инсталација на нови основи, принципи и односи!!! Тишината на атомските бомби ќе ја уништи цивилизацијата не помалку темелно отколку што тоа можат да го сторат најразорните експлозии! Човек не знае дали повеќе да се секира затоа што е така или затоа што не е така!