Тони Науновски
НЕДОПИРЛИВИ
Бидејќи помина многу време до денес од мигот кога среде центарот на главниот град на РМ со чекани се кршеше светиот Крст, највисокиот симбол на христијанството, а сеуште нема информација дека се поднесени кривични и прекршочни пријави за насилниците, преостанува ние, лојалните граѓани, секојдневно и на секој можен начин да вршиме притисок врз институциите на државата кои се тука, пред се, за спроведување на законите и Уставот. Очигледноста на целиот овој случај, достапноста на доказите – снимки на интернет, јавни изјави во медиумите, а некои велат и полициска патрола како набљудувач (?!), итн. – се доволни за институцијата Јавен Обвинител да поднесе повеќе обвиненија за сторени кривични и прекршочни дела, со барање за одредување мерка притвор од Истражниот Судија. Зошто сеуште ова не се случи?! Се разбира, за комплицирани случаи од областите како, на пример, финансиски криминал, е потребно време и комплексни процедури за прибирање на докази во прилог на кривичната (прекршочна) пријава, меѓутоа, во конкретниот случај со кршењето на Крстот, доказите се толку евидентни, јасни, доволни, што и студент по правни науки ќе состави аргументирана кривична пријава, а камоли искусни професионалци во Јавното Обвинителство на РМ.
Во оваа ситуација, со оглед на овие факти, сепак, на разочарување на граѓаните кои плаќаат данок и со тоа ги финансираат институциите на системот, државата во која живеат и работат, можеби се покажува како соодветна призма за интерпретација она јавно мислење и уверување кое, симплифицирано, тврди дека оваа држава нема капацитет за спроведување на законот насекаде и за секого. Инаку, тоа е клучен услов за самото објективно постоење на држава, а не само на парче хартија помпезно наречено „Устав“ (кој во случајот со РМ и онака го менуваат многу често, последен пат го сменија грст терористи кои наместо да бидат во затвор станаа државни функционери). Долго време владее уверување во јавноста дека постојат многу „Недопирливи“ луѓе во оваа држава, кои се над законите, за кои не важат законите. Последен пат, во контекст на сличен случај како кршењето на Крстот, беше понижувачкото салутирање на офицери во АРМ пред споменици на терористи, за што Претседателот на РМ и врховен командант на АРМ, иако најави санкции, до денес ги нема реализирано.
Но, таквата интерпретација не е можна! Па зарем РМ, држава која исполнува најголем дел од копенхашките критериуми поставени како стандард во високоразвиените и правни држави од ЕУ (и самата ЕУ како синтеза на надобрите политики денес на планетата Земја), држава која ги исполнува сите стандарди за прием во НАТО, држава која е членка на ООН, која има Устав и закони, не може да притвори а потоа и суди пред своите институции неколкумина насилници?! Зарем е можно ние денес да живееме во „држава“ налик на САД на почетокот на минатиот век?! Знаеме од филмови и книги, дека тогаш, таму, имало т.н. гангстери кои буквално биле недопирливи за системот, за државата, и наспроти очигледноста на нивните кривични дела – како и при кршењето на Крстот. Зарем слично е и денес во РМ, на почетокот од 21 век?!
Во директна но первертирана алузија на славните „Недопирливи“ од гангстерското време на САД, се чини дека последниот очигледен случај-настан за кој сеуште нема институционална реакција во смисла на идентификување на сторителите на делото и поднесување кривични и прекршочни пријави со мерка притвор од страна на државните институции, покажува дека ние граѓаните на РМ всушност и не живееме во Држава. Која е гаранцијата дека тие насилници, кои се сеуште на слобода со нивните огромни чекани, утре нема да дојдат да го кршат крстот во нашите домови, или во црквите пред нашите домови?! Каква е нашата правна и физичка сигурност, како и понатаму да бидеме уверени дека наша цивилизациска и граѓанска должност е да ги почитуваме законите дури и кога мислиме дека се погрешни, по овој последен јасен случај на вандализам, уништување на јавен имот, говор на омраза, поттикнување на верска и национална омраза (кон нас, православните Христијани, и кон нас, Македонскиот народ). Кој ќе не заштити, зошто нашата држава не не заштитува, зошто плаќаме даноци на институциите кога не можат (или, сеедно, не смеат!) да процесуираат толку едноставен случај на кривични дела?!
Самоиронично кажано, со оглед на овие свирепи факти – зарем до тоа дереџе дојдовме, Македонци, па да посакуваме да се појави некој наш Елиот Нес?! Зарем до толку можевме да ги посрамотиме илјадниците наши пра-прадедовци кои се бореа да ни овозможат живот во слобода, во своја држава, со свои институции? Како е можно сите ние немо да го набљудуваме кршењето на Крстот што всушност беше кршење на нашата држава, на Уставот и законите; како е можно оние илјадници буџетски потрошувачи кои се вработени во функција на спроведување на јавниот ред и мир, на заштита на граѓаните, во функција на чување на националниот и државниот суверенитет, денес сеуште и покрај толку докази да не поднесат кривични пријави против тие што со чекани кршеа крст?! Каде сме ние, каде е НВО секторот, каде се медиумите, каде се претставниците на ЕУ, американскиот амбасадор итн., да бараат доследно спроведување на законите?!
Ете ги одговорите за сите длабински причини на буквално сите негативни трендови денес во РМ. Од иселувањето на младите Македонци, преку намалениот наталитет кај Македонскиот народ, до изгубената верба дека имаме и можеме да ја сочуваме државата. Кога ќе се соочите со вакви „Недопирливи“ и притоа знаете дека буквално утре токму ВИЕ можете да бидете жртва на тие Недопирливи, што друго ви преостанува? Освен солзите за проклетството наше, и колнењето на пакоста, малициозноста, егоизмот итн. на Македонците како суштинска карактеристика која (колективно) ве остава без капацитет за држава – на крајот ви преостанува да барате начини како да си заминете од ова парче земја и небо, или да почнете и вие да ги кршите законите, да носите со себе чекани, како тие, „недопирливите“!