Тања КАРАКАМИШЕВА

Тања КАРАКАМИШЕВА

Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска

Веднаш престанете со овој национален срам!

Колку и да се трудам да ја разберам оваа Влада што прави во однос на проблемот со името никако не ми успева. Се трудам да ги пофатам чекорите што ги преземаат, секако имајќи ги предвид меѓународните правни акти (Повелбата на ООН, Резолуциите на ООН, бр. 817 и 845, Времената спогодба) зад кои сме застанале како држава, и пак ништо. Заклучокот дека Владава нема компас во однесувањето кон соседите, и дека не се однесува како Влада на независна, суверена и самостојна држава е повеќе од точен, бидејќи сите аргументи што ни стојат на располагање ја демантираат Владата дека ги штити националните интереси и дека работи за доброто на сите граѓани.

По ратификацијата на Договорот со Бугарија кај нашиот сосед видовме огромен политички и национален триумфализам, видовме невидена национална еуфорија. Кај нас, во Македонија, национален срам и знамиња спуштени на половина копје. И малку ни беше едно национално газење, сега гледаме на ред е уште едно, и кој знае уште колку до исполнувањето на крајната цел-членството во НАТО и во ЕУ.

Парадоксално ама вистинито. Наместо членството во НАТО и ЕУ да биде поврзано со почитување и остварување на демократските стандарди и вредности, со реформи и развој на државата на секаков план, тоа станува ретрограден процес воден според максимата колку повеќе си згазен и безрбетен толку поблиску ти е „наградата“. Мора да се признае дека членството за сите други држави одел по некој нормален ред. Само за Македонија важат сосема други правила и стандарди кои доминантно се поврзани со степенот на погазување на националното достоинство и убивање на националниот интегритет.

И прашањето што следи е дали ваквиот „ексклузивен“ пристап кон нас е, всушност, благодарение на нас самите, на нашата понизност, на нашата неосвестеност, и немањето чувство да си го браниме тоа што е наше, или навистина во меѓународните односи има скриени шеми и притисоци зад сцената. Не, не, да не се залажуваме со притисоците од зад сцената. Категорично тврдам дека шемите и притисоците секогаш доаѓаат во идентичен обем и јачина со (не)покажаниот национален патриотизам. Колку помал патриотизам, толку поголем притисок. Колку пониско ниво на национално почитување, толку поголемо газење. Исто како и во животот. Колку си поголема мивка од човек, толку посилни се сигналите што ги испраќаш до другите дека секому му е дозволено да те тепа и да те малтретира без никаква казна, без ништо да му се случи на тепачот.

Зошто во политиката да е различно од животот.

По истиот бугарски рецепт, гледаме нашиве билмези прифатиле Грците да ни токмат нацрт-договор во кој, како што вели Коѕијас, Грција ќе ни нашла решенија, секако целосно прифатливи за оваа држава, ни помалку ни повеќе туку за седум отворени прашања: 1. името, 2. употребата на името, 3. идентитетот, 4. јазикот, 5. трговската употреба, 6. акронимите и 7. знаците (топонимите).

Епа Македонци на здравје нека ни е националниов понор!

Не навикнаа секој месец да си голтаме по неколку кнедли на срамот за разлика од соседите кои си го полнат резервоарот на национална среќа со извојуваните политички победи на сметка на нашите политички непресметливи потези. Грција уште еднаш јавно се отвори и без никаков проблем си ги нареди сите работи што ќе ни ги менува.

Се гледа дека Грците немаат проблем само со нашето уставно име, туку со се што значи Македонско во најдетална форма. А ние како напупени стрини си гледаме и си молчиме. Секојдневно ги слушаме експертскиве платени метузалеми вкалапени цицачи во сите досегашни Македонски влади како не убедуваат дека ништо нема да било страшно ако сме поминеле низ процес на целосна национална лоботомија. Па што ќе ни фалело!

Па ништо, велам, за вечни платеници и лигави метузалеми од ваш калибар ништо не е свето, ни сопствена мајка, ни сопствена рода, а камоли држава, нација, идентитет достоинство.

Ја сведовте државата на обична крпа со која сите соседи си го бришат својот под после мрсење!