Утрово си станав у 5 наутро. И си тргнав накај фармата пред 6 часот наутро.
Цел ден работев. Собиравме – балиравме јонџа за да имаат козичките зимоска што да јадат. Ги лечевме повредените кучиња. Раните преку лето им добиваат црви од мувите што ги “плукаат“, па бара да се исчисти, дезинфицира и да се стави “плав“ спреј за затварање на раната. Малите кутриња ги третиравме со прашак против буви, големите кучки со средство против крлежи. Проверка дали имаат козите маститис. Фарма како фарма. Заковај овде, поправи онде, она да се пренсе, ова да се донесе. Мерење колку литри млеко даваат козите помалку кога се големи горештини. Проверка по планините дали поилата и извориштата се исчистени.
Цел ден работев, се прибрав околу 5-и-пол поладне. Кога гледам, и други работеле!!! На тастатура.
Се разликува таа работа од мојата. Мојата е во природа, со балгородни и благодарни суштества што Господ ги создал, со органска храна, со оф роуд возење, со пешачење. Но, секој си бира што да си работи во животот.
Сабајлево напишав “Sonceto izgreva Od istok. Od kaj Rusija.“, и постирав слика. И, толку. Кога, попладнево гледам “работеле“ тастатурите. Темата ја исполитизирале, некои анонимуси влегле во лична пресметка со мене(?!), се навредуваат и псујат луѓето… Зошто? Затоа што е Русија на исток. И што на исток изгрева сонцето?! И со ФБ-ков се претера.
Па еве, во колумнава, да појаснам.
1. Јас дипломирав географија на ПМФ при УКИМ во Скопје. Мене, како остручено по географија лице, но и на сите на светов од 3-4 годишна возраст нагоре, познат ми е фактот дека СОНЦЕТО ИЗГРЕВА НА ИСТОК. Тој факт е потврден и од научниците и од црквата и од историјата.
2. Доколку погледнете глобус! Глобус, за оние што не знаат, е топка на која се нацртани морињата, океаните, двата пола, континентите, реките, планините и земјите на целиот свет. Голбус е смалена планета земја, ама со гео-политички појаснувања. Од космосот вонземјаите не знаат што е Арктик а што е Јанг Це, ама на глобусот тоа може да го видиме. Е, на глобусот се гледа дека РУСИЈА Е ИСТОЧНО ОД МАКЕДОНИЈА.
3. Крајно, во однос на местото каде што живеам и паркирам, хотелот РУСИЈА ми е на ИСТОК.
Па така, утрово за мене и за цел свет сонцето (пак) игзреа на ИСТОК. Е сеа, дали сум мислел ја на Федерацијата или на хотелот на Самсоненко, е моја работа. Важно и едното и другото е вистина. А од каде толку дебата, не ми е јасно?!
Утрово, откако констатирав и сликав кај е ИСТОК, се качив во мојот Форд Експолрер од 4.000 кубика бензинец, купен на лицитација од амбасадата на САД во Скопје. 4×4 изработен по US Military стандарди. Значи седнав за волан, го набацив Реј бан цвикерот (пак амерички производ), проверив дали е со мене Леново мобилниот (америчко-кинески), ставив бензин и плин на рускиот Лук Оил (многу подбар е од Макпетрол) и отидов да работам користејки го кинескиот трактор Дон Фенг. Аххх, дааа. За ручек апнав домашни МАКЕДОНСКИ домати, краставици, кромид и ОРГАНСКО КОЗЈО СИРЕНЦЕ. Пиев студена сурутка.
Не знам дали овие податоци ќе им завршат работа на лажните сорсписки профил за да констатираат дека сум прорус, проамериканец, прокинез или пропатлиџанец. Или, едноставно, само МАКЕДОНЕЦ.
Кога се вратив во Скопје, читајки ги коментарите на мојот ФБ статус морав, онака научно географски, да констатирам дека спротивно од изгревањето, СОНЦЕТО ЗАОЃА НА ЗАПАД. Односно НАКАЈ АМЕРИКА.
За жал, каде изгрева и каде заоѓа сонцето, нема сила на земјата што може да го промени тој факт. Евентуално можам ја да променам па да живеам на место каде хотел Русија ќе ми е на запад, накај зајдисонце. Ако тоа на ФБ тастатурашите им врши работа.
Тхе Енд
ПС
А баш се мислев што да напиша за колумна, кога еве помош од ФБ профили.