Утре е годишнина од катастрофалниот земјотрес во 1963-тата во Скопје.
На сликава од текстов се гледа фамилијата Неделковски сликана за време на пречек новата 1963-та година во домашна атмосфера.
Телевизор Филипс со само италијанска програма и тоа само неколку часа во денот. Останатото време се емитуваше “снег“. На телевизорот има миленце и вазничка.
Татко ми Борче почина 1985-та. Мајка ми Виолета денеска наполни 90 години. Моментно е во “Клиниката Жан Митрев“. Благодароност до Жан, човек – натчовек.
Брат ми Ратко има сега 57, а јас 60 години.
За време на земјотресот татко ми се наоѓал на перонот на старата железничка станица, пиејки кафе на терасата на ресторанчето и чекајки воз за Белград. Одел да суди фудбалска уталмица. Татко ми, да потсетам, е привиот меѓународен судија со знак на ФИФА од Македонија. Има над 60 меѓународни натпревари во својата биографија.
Борче Неделковски во моментот кога задрмува земјотресот смета дека е експлозија на некоја неексполдирана бомба од Втората светска војна. Во годините пред тоа, околу “железничка“ биле пронајдени поголем број неексплодирани проектили и авионски бомби. Физички извонредно спремен, Борче успева да прескокне неколку перони и да се фрли под композиција од вагони што стоела на 4-от или 5-от перон. Тогаш станицата се срушила, вклучително и сите сводови од перонските хаустори (настрешници изѕидани од тврд материјал). Шасиите на вагоните го заштитиле да не биде убиен од шутот од рушевините, па ползејки под композицијата излегува на “Мала станица“ (терминиве им се познати на скопјани). Од тука пешки кон дома, гледајки ја разурнатата Пошта. И си рекол, кога ќе дојдам до “Молитвен дом“ ако ги видам керамидите од нашата куќа, значи дека моите се живи.
За време на земјотресот, брат ми спие до мајка ми во брачниот кревет, а јас во креветче до нив. Значи во истата, спална соба. Кога задрмува, мајка ми го зема брат ми и мене под другата мишка, и со двете деца во рацете се упатува да бега. Од лулањето на нашата куќа на улица Страшо Пинџур бр. 11, вратите биле заглавени во касите. Таа, со две деца во пазувите успева врата од спалната и влезната врата да ги сруши со удар со телото и да избега по скалите кои зад неа се рушат.
Потоа дедо ми Стојан (столар по професија) прави импровизирана барака во безбедниот дел од дворот на школото Петар Петровиќ Његош (сегашно Песталоци). По извесно време не‘ префрлаат на кратко да живее во зградите на обвинителствата во Белград, а потоа и во Охрид (татко ми беше шеф на писарницата на обвинителството од завршетокот на војната до 1965-та). На крај, цела година живееме под кирија во Титов Велес, во една улица каде имаше голем чинар, а околу него работилници на колари и ковачи. Имаше лагери за играње џамлии, се сеќавам.
Скопје беше 80% разурнато. Нашата 4-спратна куќа не се сруши. Дедо ми Стојан и баба ми Перса саглам ја изградиле.
Фамилијата Неделковски продолжи да постои.
За жал, многу други фамилии го немаа тој к‘смет.
Миленко Неделковски, неколку часа пред 26-ти јули
Во сеќавање на татко ми Борче.