Глупаво е човек да се занимава со фејсбук-бесовите на Најчевска. Креативниот ум во секоја цепаница гледа уметност, стол, Пинокио. Неостварени луѓе во напад на фрустрирачки бес и суетна злоба гледаат од високо, надмени се и арогантни. Бесмислено е човек да полемизира со Геровски. За манипулацијата, логиката е лесно обработливо тесто по нарачка на клиентот. Ако клиентот бара да им го полниш умот на луѓето со небулози и омраза кон еден обичен историски период како антика, што има да објаснуваш дека и името Македонија е античко, манипулаторот и онака мора да го одработи своето, па затоа и сонува паднати од небо, генетички модифицирани „славомакедонци“. Беспредметно е човек да се вознемирува од Грчев. Кога еден лик со фашистички идеи ќе почне да бара фашизам кај другите, знаеш дека тој е во очај. Трагикомично е да се бара некаква логика и во нападите кон претседателот Иванов, само затоа што тој разговарал со академици за Аристотел. Дострел на моронското новинарство е кога се пренесува вест чиј извор се или големи уши од соседната маса или учесник во муабетот со озборувачко спинерски манири, па разговорот за метафизика се претвора во таблоидна глупост, демек се зборувало за потеклото на филозофот. А што и ако се разговарало за неговото потекло, за што треба да зборуваат професори, за мачо-опсесиите на порталот на Кабранов?
Овие луѓе што за себе тврдат дека се врвни хуманисти, новинари и уметници со текот на годините навикнале само тие да бидат во преден план, само нивното да се слуша и вреднува, тие да одлучуваат и судат што е добро, а што зло. Некогаш ја имале силата да одлучуваат кој смее, а кој не смее да брани човекови права, која страна да ја фати медиумот и кој новинар како да пишува, како треба да изгледаат Скопје и неговите населби, за нив промената на генерациите, новите идеи и текови, различните мислења и ставови, макар и погрешни, се смртен непријател и примарно зло. Како такви, нивната суета не може да поднесе нешто поинакво од догматски воспоставениот светоглед. Затоа, полни презир, во напад на бес повикуваат да се уништува. Она што би требало да е критика, кај нив станува деструктивна потреба да се етикетира, омаловажи и сатанизира.
Е да, реков бесмислено е да се објаснуваме со нив, како што уште побесмислено е да се занимаваме со ЕУ и со НАТО. Јасно е дека крајот на нашиот евроатлантски пат не е само обично зачленување туку и крај на едно постоење реализирано со самоукинување. Крајот на нашиот евроатлантски пат се вика ГМО-држава со ГМО-народ. Глупаво е, ама ние се занимаваме дваесет и кусур години.
Опасноста е во тоа што оваа комуникација полна со неконструктивна омраза како стил ја негуваат ударните интелектуални тупаници на СДСМ, која како партија претендира да ја води државата. И тука не им се виновни ниту Груевски, ниту Саше Политико. По некоја моја логика, можеби грешам, конзервативноста треба да го негува и чува традиционалното, а она што е вредно во него, да го вклопи во секојдневието. Социјалдемократијата пак треба да е модерна, отворена кон новитети и поинакви ставови, па како такви двете различности логично ми е да се надградуваат, дополнуваат, креативно да се конфронтираат, ама со една цел, да им го направат животот на граѓаните поубав. Проблемот на социјалдемократите е што се затворени во свој свет од каде што фрлаат етикети и згаденост кон конкурентите, неистомислениците и незаинтересираните.
Страшно е што го заборавија она што нив би требало да ги симболизира, слободарскиот дух. Затворени во виртуелен елитизам, тие демек креваат „револуции за слобода“ против омразениот им „непријател“. До таа мера е забегана ситуацијата што од нивните интелектуални тупаници постојано слушаме за странски интервенции, насилна промена на власта, па дури понекогаш и отворена поддршка кон вистинските непријатели на Македонија. Слободарскиот дух како да го затвориле во ламба, а таа сега фаќа прашина во подрумите каде што се одгледуваат новинари.
Драги мои неистомисленици, вие што претендирате да станете менаџери на нашава заедничка татковина, на Република Македонија и на вашите сограѓани Македонци, со години, во меѓународни рамки, им се одзема најголемото право на слобода, правото самите слободно да се идентификуваме и именуваме. Заради фашистичките барања на Грција, произведени и поддржани од сè поочигледно фашизоидните ЕУ и НАТО, само за да се зачува монструмот од 1913 година, ние Македонците сме исправени пред индентитетски геноцид, кој од нас треба да направи робови на сопственото самооткажување. Од нас се бара да ја ликвидираме слободната волја и да се самоукинеме. Зарем не треба да сте први и најгласни во одбрана на нашата слобода, зарем вашите отворени умови(?) и слободарски духови(?) не треба да крикнат „но пасаран“ за фашизмот врз нас? Е, драги мои неистомисленици, не може народот што сакате да го водите постојано да го нарекувате глуп, небањат, без мозок, не може да му го оспорувате историскиот континуитет, не може да му забранувате да се идентификува, да трага и открива, да сонува и фантазира, да гради, твори и создава, не може да марширате во ритамот на омразата на деструктивните, туку мора да застанете и да ги најдете меѓу себе креативните, не може да барате од својот народ да свитка ’рбет пред посилниот, а истовремено да тврдите за себе дека сте слободоумни и правдољубиви. Не може, оти тоа едноставно нема никаква логика.
Ех, а кога опозицијата би излегла од салоните на елитизмот, кога би рипнале против инвазијата за уништување на Македонците, што е крајна цел на грчкиот и бугарскиот шовинизам спонзориран од Брисел и од Вашингтон, тогаш и оние на власт ќе почувствуваат ветар во грбот, ќе добијат храброст гледајќи поддршка за заедничка надворешна политика, што е нормално за другите држави, а народот ќе види дека неговите политичари се единствени околу иднината на Република Македонија ерга омнес, па ќе ви рече бујрум, сега судрете ги економските програми, а ние како цивилизирани луѓе ќе ве избираме.
П.С. Да, Шкотска, ДА!!!
Авторот е уметник
Автор: Александар Русјаков / alekrusjakov@gmail.com