http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=82314050109&id=13&prilog=0&setIzdanie=23257
Дали се чувствувате глупи? Ете, јас се чувствувам многу глуп. Оти така треба. Да си глуп денес значи дека си во тек, дека си на прав пат, дека цврсто стоиш на здрави нозе, дека си ја избрал вистинската страна. Глуп сум, значи постојам, ме има, придонесувам за светот, државата, општеството. Кога си глуп, тогаш си вакциниран од љубопитност, желба за учење и откривање, немаш потреба да размислуваш. Сркаш што ти сервираат. Голташ без да џвакаш. Вариш лесно. И веруваш во сè. Денес, кога станувам глуп, давам чесен збор дека гордо и вредно ќе правам како што ќе ми речат, ќе прифаќам без да проверам. Кога си глуп ти си демократ, слободоумен, во дослух со глобалниот свет. Биди глуп, кампања на новиот светски поредок. Волја, не благодарам. Сакам вакцина против духовност и духовитост. Затоа оглупете „секундарно“, врзете појас и мозочни бразди, па ајде да летаме! За почеток малку со малезискиот авион над Украина.
Ако веќе имате заборавено (а така е модерно, демократски и правилно), некој го рокна авионот над Украина и сите патници, повеќето Холанѓани, загинаа. Се разбира дека го урна оската на злото составена од еден Русин, еден Владимир и еден Путин. Да бев Холанѓанец, и јас ќе крикнев: Путин ги уби нашите деца. Немаше мене да ми текне, ама ќе го прочитав насловот во еден од многуте слободољубиви весници од западниот демократски свет. Докази не требаат, докази денес бараат само затуцани, ретроградни, антидемократски елементи. Снимки од сателити, снимени разговори од контрола на летање, отворање неоштетени црни кутии, сето ова се само бесполезни детали што залудно би го вознемирувале мозокот, кој е испратен да пасе тазе полевана и косена глупост. Затоа мирољубивиот Запад, кој има ексклузивно право да шири мир и љубов од Багдад до Каиро, од Кабул до Белград, од Триполи до Дамаск, реши да ја затвори операцијата по следниве преземени чекори: авионот е погоден и сите загинаа, Путин ги уби нашите деца, кога дојде време да се извадат сликите и да се чујат црните кутии, нема веќе што да зборуваме за тоа. Само политички некоректен злобник што сака да ги уништи стремежите на модерниот човек ќе праша која е вистината. Вистината ја сакаш, а гаду? Фала му на Гад, за ваквите антиглобалистички елементи постои Големиот Мегафон, кој преку Светскиот Разглас му одговара вака: „Вистината моментално е недостапна, ја задржавме во карантин, бараме присуство на ебола! Повторувам, вистината моментално е недостапна…“
И македонските медиуми, во името на слободата на говорот и информирањето, ги затворија муцките на оваа тема. Ете, на пример новинарскиот бард Геровски, следејќи го глобалниот медиумски тренд, се фати за една необработувана тема за која малку е пишувано, а се вика „Скопје 2014“. Па нормално, 2014-та сме. Накратко, Геро го видел другар му Сељо на телевизија, овој се жалел дека со проектот „Скопје 2014“ градот веќе не бил мултикултурен, туку само македонски. Геровски го исправа. Градот не бил ниту македонски, ниту албански, туку грчки. Се разбира, зборува за спомениците на Филип и Александар… Македонски. Тие за Геро се Грци, па автоматски сите други споменици се на Грци. Демостен, Плутарх, Борза кој ги врти! Историчари, покрај новинари, не ни се потребни. Е тие споменици на Грци го убивале „словеномакедонскиот“ идентитет. Ова да не ве чуди. Геровски е само во дослух со цивилизираната политика на Грција и ЕУ спрема Македонија, па така за „словеномакедонски“ идентитет ќе чуете само од демократи како Самарас, Златна зора, Аиво Орав и Геровски. Секако, секогаш има антидемократски идиоти што мислат дека идентитетот меѓу другото се гледа и во културата, традицијата, приказните што се пренесуваат од колено на колено, имињата што најчесто родителите им ги даваат на своите деца, па така ако се види дека најчести имиња кај нас се Александар и Филип, а не Хацон и Пребонт, тогаш е јасно дека со огромен процент од тукашниов народ нешто не е во ред. Затоа Геровски, во духот на „словеномакедонството“, може да си ги посоветува своите деца неговите идни внуци да ги крстат Хацон и Пребонт. Инаку, Хацон и Пребонт се единствените две историски личности, речиси без биографии, што им биле водачи на Драговитите, Сагудитите, Березитите, оние што дошле од зад Карпатите, на кои им го акнаа древното име Словени, кои, ако не сте знаеле, длабоко се врежале во културата и традицијата на „словеномакедонците“. А да, дел се од „Скопје 2014“.
Што друго, во духот на слободата на изразувањето, нема на македонските медиуми? На пример, нема муабети за Фергусон. Не Алекс Фергусон, туку Фергусон, Мисури. А треба да има. Треба да се праша македонската полиција кога ќе почне да воведува демократски стандарди како американската полиција. И да се праша уште зошто троши народни пари на Јети, наместо да купи оклопни борбени возила што ги гледаме во демократските збратимени градови Кабул и Сент Луис. И на крајот на краиштата, имаме ли ние амбасадор во САД? Сакам да прашам, до кога ќе заостануваме зад демократскиот свет, оти ако имавме амбасадор, кај е да му каже на Вашингтон дека будно ќе го следи процесот околу убиството на црномурестиот тинејџер? Па добро, мајку му стара, го слуша ли некој во земјава сенсеи Волерс? Колку пати треба да ви повтори учителот дека будно ќе го следи процесот „Монструм“ за да сфатите како се практикува и живее демократија?
Уф, во глобалистичко-терористичкиов пекол, сарказам и иронија никогаш доста. Газа, Домбас, Фергусон. Штама, медиумски мрак, селективна слобода на говор. А бре, новинарче, тема те чека! Фуфка, а? Ќе се налути спонзорот, гуруто, сопственикот на вашите мисли? Затоа кажувајте кој каде летувал, дали Груевски плива со диктаторски мускули или режимска гума, дајте фотки од кофичката и лопатчињата на Заев, опишете ни како Ахмети си го брца калашот во песок. За да се просветлиме со глупост.
Авторот е уметник