Колумна на Алек Русјаков од сабота 19.07.2014
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=7191485319&id=13&prilog=0&setIzdanie=23229
Der identität
Дваесет и први век. Планета Земја. Цивилизација. Напредни сме. Модерни. Ние сме чудо. Амебата стана мајмун. Мајмунот стана човек. Човекот стана потрошувач. Испративме робот да го шпарта и фотографира Марс. Откако ја спастривме мајката Земја, еден ден ќе му се качиме и нему. Ќе го онадиме по нашки. Ама и духовни сме. Веруваме во Бога. Затоа го излепивме на банкноти. Ин гад ви траст. Богородица на илјадарка. Му го материјализиравме божественото. За да биде блиску до нас. Да ни биде на газот залепен. Во нашите паричници. Оти во овој Бог и верници и атеисти веруваат. Сите веруваат. Подготвени се да убијат за него. Да кренат војни. Шин Бет и Газа, Бондстил и Сребреница, Домбаск и Десен сектор, Боко Харам и Златна зора, нафта за храна и вакцини за Африка, новите имиња на модерната поп-култура. Че Гевара може слободно да ја извади пурата од уста и да стави нешто друго наместо неа. Брадата добро му стои, фали само фустан. Сексот веќе не е интимност, задоволство и поезија, сексот е за на улица, за во секси-шоп, за на билборд. Сексот е силикон, а ние сме подготвени. За сè. Имаме паметен телефон. Новите генерации се паметни колку него. Стисни копче и тинејџерката станува секс-бомба. Убава на мама, полугола во бања, усните напучени, подготвени да навиваат за ФК Фелацио. Сега тато ќе стисне лајк. Лајк за овој 21 век. Лајк за новиот светски поредок. Дајте му шанса на мирот, дајте му Нобел на Обама, дајте му дозвола да ме шпионира. Да ги шпионира воздишките на мојата љубов. Нека знае светскиот полицаец како стенкаме. Тоа го пали. Маркиз де САД. ЕУтаназија на слободата.
Да не сум ви забеган? Гајле ми е. Уметник сум. Уметниците се забегани. Немаат контрола над себе. Земете читајте некој друг. Ги имате во изобилство, ем паметни, ем визионери, ем богати и убави. Читајте експерти, голтајте медиуми, верувајте на политичари. Тие знаат што е добро за вас. Сите до еден, ви мислат само добро. За вас ќе ги претворат народните поговорки во реалност. Во Европската Унија ќе ви течат мед и млеко. Во НАТО ќе бидете како бубрег во лој. ГМО е половина здравје. Повторувањето директиви е мајка на знаењето. Смрт на чувствата, слобода за политичката коректност.
Затоа слушајте ги нив. Новиот светски поредок нека ви стане новиот училиштен распоред, календар за месечев циклус, тип на кој мора да се обложите. Не слушајте нѐ мене и таквите како мене. Ние сме од друг век, од минатото, демоде. Ние сме се фатиле за својот идентитет како Диоген за фенер, како Александар (Русјаков) за Македонски (идентитет). Башка сакаме да ви се правиме паметни меѓу редови, а не како што е денес нормално, да ви дадеме избор. Или ќе си го добиете меѓу ребра или меѓу рогови. Но барем ви даваат избор. А ние сме себични, сакаме да се разликуваме, да држиме крената глава, исправен ’рбет. Ама тоа не е еколошки, не е политички коректно, не е консензуално.
А не требаше вака. Сакав друго да пишувам. Сакав да ѝ викнам на Меркел, да ѝ се налутам, да ѝ речам, срамота фрау Меркел, направи големо шајзе со она твое identität, ама ептен ја окашка фрау Ангела, па како сега Геро, Фрчко и Димова ќе чекаат компромис, не само за име, туку и за идентитет? Како сега Владата ќе продолжи со своите приоритети? И што ако викнев онака цинично и победоносно? Што ако се наострев на оние што упорно нѐ труеја со она нивното, само името е проблем, не идентитетот? Што ако им се исклештев во лице со она мое „ај сега убедете нѐ дека македонскиот идентитет не е во игра“? Ништо. Ете, и Ангела си ја мавала главата како Сколари по полуфинале за да најде некакво решение за проблемот. И што смислила? Освен дека од компромис никој не излегува задоволен, ништо друго не смислила. И не морала да мисли.
А се израдував кога ја чув. По наци-настапот на Самарас, ова Меркеловото identität ми дојде како потврда дека оправдано сме врескале сиве овие години убедувајќи се со тукашните грчки лобисти и ЕУ-митомани дека на Грците не им пречи толку името колку севкупниот македонски идентитет изграден преку македонскиот јазик, народ, топоними, историја. Си реков, освен ако не се до толку печурки одгледувани во подрум, белки конечно ќе ги поврзат фашизмот на Грција и поддршката за тој фашизам од страна на Брисел. Си реков така и се надевав дека сабајлето ќе ме заплискаат наслови низ медиумите. ЕУ го официјализира македонскиот идентитет како грчки проблем. Меркел ги потсети нашите политичари кој е проблемот на Грција. Сепак и идентитетот бил во игра.
Не дека ние не го знаеме ова, ама некако ќе ни дадеше дополнителна надеж, ќе си речевме, веројатно и најнеупатените ќе сфатат дека некој сака да нѐ снема како Македонци. Ама не. Мрак. Црнила. Штама. И секогаш оние исклучоци што постојано се тука само за да го потврдат правилото дека тука има медиумски мрак, ама не онаков каков што сакаат да го претстават зачините од Соросовиот гулаш, туку оној вистинскиот мрак, мракот на новиот светски поредок во кој нема место за македонскиот идентитет. Иако ова со изјавата на Меркел не беше толку мрак колку медиумски блекаут. Ти ја пренесуваат веста за самитот, муабетите на Меркел, ајн цвај драј полицај по улиците на Дубровник, Ангела нешто филозофира за германското доживување на терминот компромис и плодовите од него што ќе ни застанат во грло, те ЕУ не се откажувала лесно од нас и сè така убаво срочено, нацртано, цитирано, ама заебаниот identität-муабет наеднаш исчезна, тек-тук срамежливо ќе го најдете во некој од медиумите. Сега само чекам ЕУ-митоманската машинерија да се поврати од шокот и да почне да ни објаснува дека всушност претседателот Иванов ѝ подметна на фрау Меркел во бадвајзерот од својата позната дрога „Македонија ерга омнес“, па да си се вратиме на старото добро глумење лудило. Оти светот гори, а нас новиот светски поредок нѐ чешла. На патец. За да му бидеме убави додека нѐ онади. Соголени, без идентитет.