САД, НАТО, ЕУ, БАЛКАНОТ И МАКЕДОНИЈА
За да се разбере поцелосно позицијата на Македонија околу спорот со името и патот кон Брисел, мора да се имаат предвид и геополитичките состојби во Европа, кои веќе подолго време се влошуваат. Клучната улога во тој процес ја имаат САД, преку нивната докажана алатка – НАТО. Факт е дека во обидите да ја задржат и зацврстат својата доминација во светот, САД се обидуваат да ја изолираат Русија која објективно им е, се’ уште, единствен вистински ривал на политички и воен план. За таа цел, со класичен државен удар организиран од ЦИА и партнери, беше срушена легалната власт во Украина и беа донесени петтоколонаши спремни да се конфронтираат со Москва, меѓу кои и докажани фашисти. Следеше враќањето на Крим во Русија кое генералниот секретар на алијансата, Столтенберг, го квалификува како кршење на меѓународниот правен поредок. Истиот тој, за пресудата од Хаг во корист на Македонија рече дека таа не го обврзува НАТО, иако Грција е негова членка, осудена за настан кој се случил на негов самит. Алијансата мора да ги почитува меѓународните правни обврски на своите членки дури и кога тие немаат врска со самата организација, иако во случајов – имаа. Косово ич да не го спомнуваме. Неговата независност за НАТО не беше спорна, иако нелегална, бидејќи беше нивно дело. Непочитување на правото, кога е тоа против нивните интереси, за Столтенберг и сличните, очигледно е – прифатливо. Тоа се двојните стандарди на Брисел чија долгогодишна жртва е токму Македонија.
По Украина, која е уништена како држава и тешко дека повторно ќе се обедини, конфронтацијата меѓу САД и Русија доби моментум кој означува студена војна која само ќе се проширува и продлабочува. Тоа го потврдува и новата безбедносна стратегија на Трамп која Русија и Кина ги квалификуваше како “ревизионистички сили кои сакаат да ја предизвикаат американската доминација“. Останува нејасно дали тој очекувал дека овие две огромни и моќни земји треба да работаат на зајакнување на нивната доминација?
На последниот самит на НАТО во Варшава, во јули 2016, беше променета доктрината во однос на Русија. Од (градење) “доверба“ беше променета во “одвраќање“. (Неофицијално) тоа е објавување на војна. Алијансата потоа распореди сили на руската граница. Ако на тоа се додадат санкциите кои САД и ЕУ нелегално и ги поставија на Русија бидејќи за тоа е надлежен само ООН, се’ станува јасно. Изолацијата на Русија, што е основна цел на САД, е дијаметрално спротивна на клучните европски интереси. Државите на стариот континент овој судир ги враќа назад а не ги води напред,
Вашингтон се’ уште ја гарантира безбедноста на ЕУ и затоа се однесува и како доминантен политички фактор. Преку конфронтацијата со Москва, тоа добива на тежина и се ефектуира преку ангажманите на НАТО каде се и сите членки на ЕУ, со мали исклучоци. Така, сите политики договорени во алијансата неизбежно се обврзувачки и за ЕУ. Системот е одлично замислен а така и функционира.
Обединувањето на Европа започна во 1951 година со создавањето на Европската заедница за јаглен и челик, составена од шест земји. Процесот се одвиваше во повеќе етапи и без поголеми проблеми се’ до должничката криза која започна во 2009 година. Неконтролираната задолженост на членките, од кои неколку се најдоа пред банкрот, ги стресе темелите и сега постојат две сосема различни унии – една пред и друга по кризата. Кризата покажа дека Унијата не функционира како што треба и покрај сите контролни механизми, симболизирани во нејзината пререгулираност, што е посебен проблем. ЕУ само навидум ги среди финансиите и прашањето е кога и како нова и пострашна должничка криза ќе следи. Не дали. Нејзините 600 најголеми банки имаат долгови од преку 40.000 милијарди евра што е преку три пати повеќе од вкупниот БНП на земјите членки. Ова се стари бројки, од пред неколку години, кои секако се повисоки сега. Овие долгови се вид на пирамидална штедилница која мора да рикне, исто како банките во САД. Таа не може да трае бескрај. Европската централна банка прави напори да ја контролира ситуацијата и до сега е успешна ама ќе видиме до кога.
Следеше брегзит кој беше катастрофален земјотрес по многу што. Првата фаза на преговорите успешно заврши ама главните проблеми и разлики престојат. До истекот на рокот, во март 2019, се’ опфатен договор теоретски не е возможен.
Проблемите во Унијата се мултиплицираат и е скоро невозможно да се контролираат. Расте, на пример, нееднаквоста меѓу северот кој е се’ побогат и југот. Се продлабочуваат поделбите меѓу истокот и западот. Во 2017, во Варшава, се одржа самит на т. н. “Иницијатива три мориња“ (Балтик, Јадран и Црно море) на кој учествуваа лидерите на 12 земји, сите источно – европски, плус Австрија – членки на ЕУ. Тие добија директна поддршка од Трамп, кој учествуваше на самитот, каде немаше никого од врвот во Брисел. Дали е тоа еден од обидите на Трамп да ја ослаби и дезориентира ЕУ, ќе покаже иднината.
Освен преголемата зависност од САД можеби уште пожежок проблем на ЕУ е се’ подоминантната улога на Германија. Иако Париз на Макрон се обидува да парира за да биде во дует, неговите шанси не се големи бидејќи Франција е инфериорна на економски план. Франција е презадолжена и ќе мора во иднина да биде максимално штедлива ако не сака да дојде на тапет. Позитивно е што Париз му е потребен на Берлин заради баланс пред другите ама и тоа не е доволно. Тука се и се’ посилната улога која во Европа ја играат крајно десните политички сили; новите национални политики на Унгарија и Полска; дијаметрално спротивните интереси на членките околу мигрантската криза… кои хармонијата во Унијата ја прават се’ понеизвесна. Сепак, клучниот проблем веројатно лежи во фактот што ЕУ сега нема никаква визија за својата иднина, освен дека не сакаат проширување, што е погрешна политика. Работаат на дневна основа а долгорочна стратегија едноставно – немаат. Опстанокот на Унијата не може да биде доведен во прашање ама таа се повеќе ќе се инхибира, посветувајќи се на внатрешните проблеми. Таа е цивилизациски дострел на стариот континент и интерес е на сите да ја обедини цела Европа, вклучувајќи ја и Русија, без која нема одржлив развој а уште помалку безбедност.
Единствен позитивен знак од Брисел се намерите за зајакнувањето на безбедносната димензија на Унијата преку сопствена војска. Тоа е одлична замисла и треба да се инсистира на нејзино реализирање. Меѓутоа, тоа е директно против НАТО и интересите на САД. Се навлегува во каналот преку кој тие ја постигнуваат својата доминација врз ЕУ и не треба да има дилеми дека ќе сторат се’ во нивна моќ да го спречат овој проект. Ако сака да опстане и успее, ЕУ мора да ги издржи притисоци и да ги имплементира своите безбедносни намери и планови. Долгорочно, зависноста од САД е погубна за ЕУ.
Балканот е се’ уште слепо црево на Европа. Брисел не го искористи фактот што, за прв пат во историјата, сите земји се со идентична геополитичка ориентација. Проширувањето е ставено под маса и можеби само Црна Гора ќе биде примена околу 2025 година, како доказ дека вратите на Унијата не се затворени. А всушност – се. Изгледите на Србија не се големи. Другите земји, вклучувајќи ја и Македонија, можат да се надеваат на влез најрано некаде околу 2030-тата и по неа. Тоа значи по цели 13 години што е предолг период кој може да донесе разни промени и турболенции. И во земјите од регионот ама и во Унијата каде противречностите ќе се зголемуваат и продлабочуваат. Членството на Македонија ќе остане заложник и на блокадата и уцената од Брисел – прво името, потоа членство. Балканот е се’ уште ранлив по многу што и ризиците од неконтролиран развој се сериозна закана. Најсложено прашање е иднината на Босна а, како изгледа, можното решение стратезите го поврзуваат со Косово и со Македонија. Тоа е вистинска опасност за нас.
Во недостаток на прави замисли, Брисел е спремен на грешки кои скапо ќе чинат а ништо нема да донесат. Се размислува за некаква “балканска царинска унија“ што е целосно неразумна идеја. Ако е тоа целта на “берлинскиот процес“, истиот треба што поскоро да се прекине.
И утре да се реши грчкиот проблем со нашето име, зачленувањето во ЕУ нема да оди лесно. И да ги исполниме сите критериуми, што нема да биде едноставно, иако е наш интерес, тоа нема да биде никаква гаранција дека брзо ќе напредуваме. На патот ќе има безброј Сцили и Харибди. Нашите интереси не коинцидираат ниту со тие на соседите, ниту со тие на САД. На сите им пречи македонизмот,Тоа мора да го имаме на ум за да не се создава непотребна еуфорија и нереални очекувања. Разочарувањето не е добар сојузник. Нашето крстењето во ЕУ како на некаква икона е погрешно и не води никаде. Заслепеноста, пак, со некојси Прибе и неговите решенија е пострашна од марксистичките догми.
Треба да направиме се’ што е логично и нормално за да се приближиме до ЕУ бидејќи членството носи погодности ама не ги решава проблемите по автоматизам. Напротив, нови се генерираат. Проблемот со иселувањето на младите и стручните, на пример, ќе се максимализира: ќе се отворат границите на ЕУ и за вработувања. Треба да се организираме и реформираме за подобро да живееме а ЕУ перспективите треба да ни бидат додатен мотив за побрз развој. Само така можеме да успееме и како народ и како земја. Непристојните услови кои ни ги поставува Брисел не смеат да се прифаќаат како нормални и неизбежни туку жестоко да се критикуваат.
Факт е дека САД се сега максимално заинтересирани за прием на Македонија во НАТО, заради затворање на просторот за евентуално руско влијание. Меѓутоа, евидентно е дека нивниот интерес за прекрстување на државата и разнебитување на македонскиот народ е уште поголем. Според нив, излезот е бришење на македонизмот и на тоа упорно и систематски работаат. И од внатре, и од надвор. Народот е во прашање а не државата која веќе ја редефинираат и албанизираат, со и по ОРД .
Столтемберг убаво ни порача дека нема членство без промена на името. Тоа мораше да ни биде јасно уште од 2008-та (Букурешт). Причината е клучна – ако влеземе во НАТО со референцата, прекрстувањето ќе стане невозможно. И ние ќе бидеме “внатре“, со сите погодности кои постојат. Тоа е неприфатливо за САД. Улога на Грција во тој процес е маргинална и симболична. Тоа се рамките во кои мораме да пливаме.
Македонците може да се спасат само со мудра политика ама такви политичари нема на сцената. Имаме ’рбетовиткачи и капитуланти.
По кој знае кој пат, ние сме повторно на потег.
Никовски
Јануари, 2018