МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ НАЈРАНО ПО 2030-тата
Деновиве, наголемо се лицитира со прекрстување на државата што неминовно води во промена на националниот идентитет, поточно во разнебитување на македонскиот народ. Еден од главните “аргументи“ зошто треба да се откажеме од самите себе е брзото започнување на преговорите и членство во ЕУ. Тоа е тешка измама.
Нашата заслепеност со НАТО и ЕУ се базира врз целосно погрешни елементи и факти. Ние сме спремни за стратегиски отстапки, со непресметливи последици, без нашите политичари да сфатат дека и утре да се прекрстиме, и се’ да се одвива со најголема брзина и најповолно, Македонија не може да влезе во ЕУ пред 2030 година. Тоа не смее да се крие од народот. За следните најмалку 13 години, можат да се случат незамисливи промени и во Унијата, и на Балканот, и во Македонија кои можат целосно да го обезвредат нашето само поништување како народ. Во декември 2017, нам познатиот Хан ни порача од Брисел дека првите од регионов во Унијата ќе влезат во 2025 година. Многу е веројатно дека тоа ќе биде само Црна Гора. Ем ќе демонстрираат проширување, ем малата држава нема ништо да им промени. Ова е одлична опомена да водиме сметка какви отстапки правиме бидејќи уште долго нема да имаме ништо за земање. Почнувањето на преговорите за членство не е и не може да биде никаков повод за да го обезличиме сопствениот народ. Преговорите можат да траат бесконечно. Така и се случува на Турција. Преговара од 2005 и затворила само едно поглавје од 35. Впрочем, Македонија не смее во никој случај да се прекрстува заради некакво членство во НАТО и ЕУ та таму и мед и млеко да тече. Тоа би бил катастрофален, срамен и недостојанствен чин, историски погрешен.
Меѓутоа, треба интензивно да се работи на доближување до стандардите на Унијата, бидејќи е тоа наш интерес, ама без никаква еуфорија. До евентуалниот прием, периодот е многу долг и неизвесен, без никаква гаранција дека работите ќе се развиваат позитивно. Со понижувачкото прекрстување нема во никој случај да завршат нашите маки и голготи. Напротив, тие неизбежно ќе се мултиплицираат. Исто како што се случи и со ОРД кој веќе преку 16 години ја руши државата. Откако ќе се прекрстиме, ако веќе направиме таква цивилизациска глупост, ќе пораснат апетитите на сите соседи и подалечни земји. Кога некој ќе се наведне, редицата на заинтересирани е обично долга. Апсолутно ќе биде така и во нашава ситуација, ако дозволиме тоа да се случи. Аспирациите ќе се шират во недоглед. За членство во ЕУ се преговараат 35 поглавја и за тие да се затвораат потребна е согласност од сите членки. Кога е Македонија во прашање, голем дел од соседите ќе се однесуваат како мршојадци. И, не само тие.
Интересот на Македонија за влез во ЕУ е оправдана стратегиска определба и треба да се поддржи. Спорен е, само, односот на Унијата кон Македонија. Од причини кои бараат длабинско истражување, пред Македонија долго време се поставуваат непристојни услови за членство. Грчките историски синдроми, и сличните во Бугарија, со кои се негира постоењето на Македонците, ни се добро познати. Меѓутоа, тие во никој случај не се и не можат да бидат доволна причина за негаторскиот однос на Брисел кон нашата земја. На крајно насилен, нелегален и неприфатлив начин, од таму ни поставуваат блокада, уцена и ултиматум – прво името, потоа членство. Тоа се политики од 19 век. Овие две соседни земји немаат капацитет да го диктираат тоа. Значи, мора да има уште нешто во позадината, многу поважно. Македонија не мрдна со прст за да ги открие причините за блокадата а уште помалку за да ги промени тие неприфатливи стереотипи на Унијата, иако и судот во Хаг ни даде за право. Се залажуваме со лагите од Атина, наменети за тамошната јавност, дека тие поставиле вето во Букурешт (2008), што воопшто не е точно. Блокадата и уцената ги постави алијансата а многу добро знаеме кој раководи со неа. Ние, пак, ги прифаќаме неповолните решенија како нешто неспорно со кое мораме да се помириме. Сите аргументи се на наша страна, а ние си молчиме.
Во Унијата се апсолутно свесни дека не им служи на чест односот кон нашата земја. Тоа е за нив поголем проблем отколку за нас и се многу заинтересирани да го решат. Не се спремни за отстапки, бидејќи тоа не зависи од нив. Причината е сосема јасна – не одлучува Брисел туку Вашингтон, кој е вистинскиот креатор на сите политики кон нашата земја. Унијата е немоќна пред единствената супер сила, која е по секоја цена решена да го прекрсти македонскиот народ. Во Брисел, сите клучни одлуки се донесуваат прво во НАТО, каде се знае кој е царот а потоа, по автоматизам, важат и за ЕУ. Истите земји седат во двете и затоа прво се влегува во алијансата а потоа во Унијата.
Тоа е причината зошто во Брисел максимално се цени спремноста на нашата нова влада да капитулира пред Софија и Атина. Се решава нивни клучен проблем. Затоа постојано не фалат а премиерот доби врвен протокол при неодамнешната посета. Тие не го сменија својот нецивилизациски однос кон Македонија, а мораа, туку ние го виткаме ’рбетот и голтаме кнедли кои ќе ни донесат несогледливи последици. А протоколот и пофалбите нив ништо не ги чинат. Тие се сведуваат на мижи да те мамам. Се’ заедно, да ти е срам колку евтино се продаваме. Така не третираат бидејќи гледаат дека не не бива. Банда петтоколонаши и платеници постојано труби дека сме на прав пат и дека одиме напред. Не спомнуваат – во амбис. Парите го прават своето.
Ова се објективните изгледи за наше приближување кон Брисел. А таму, нема никаква визија ниту за иднината на самата Унија камоли за преостанатите балкански земји, кои навредливо ги нарекуваат „Западен Балкан“. Ако сме ние “Западен“ каде е “Источниот“? ЕУ нема никаков ориентир – што понатака со нас. Во февруари (2018) ќе објават некаква стратегија која нема ништо да донесе освен да го потврди погоре спомнатото – проширување по 2030-тата. Компактноста им е сериозно загрозена и моментално се вртат во маѓепсан круг. Во јули 2017 година се лансираше идејата за формирање на Балканска царинска унија, како предворје на Брисел. Се смета дека е тоа и целта на ткн. “Берлински процес“ кој го започна Меркел. Во неа би биле Србија, БиХ, Црна Гора, Косово, Македонија и Албанија. Остатокот од Југославија и Албанија. Идејата нема шанси да успее ама јасно покажува дека Брисел е загубен во бирократијата. Дека е така потврдува и податокот од 2012 година (“ЕУ ја поздравува идејата за балкански Бенелукс“, “Нова Македонија“, 18 јули 2012), кога Тирана и Косово ја реафирмираа својата стара идеа за создавање на АЛМАКОС – заедница на Албанија, Македонија, Косово и Црна Гора (која не е во кратенката). Брисел ја поздрави идејата. Тоа е фактичка “Голема Албанија“ ама со друго име. Нема дилеми дека е тоа замисла на Вашингтон а Брисел, по обичај, нема свој став.
Договор со Грција многу тешко ќе се постигне. Тоа е реална опција и покрај нашето само резилење. Грција воопшто не е спремна за договор и не го посакува ама е под жесток американски притисок. Ќе направат се’ до него да не дојде. Затоа, Атина ќе бара многу не само од нас туку и од Вашингтон и од Брисел. За разлика, ние се’ даваме гратис. Опциите се разни ама ние мораме да биде спремни за секаков расплет. Ако нема решение, дадените отстапки ќе обврзуваат и ќе бидат на маса и за комбинаториките кои ќе следат. Тие ќе бидат почетни позиции во следните пазарења. Тука нема пишман аџии. Влогот останува.
Во колумна во Утрински – “Вратите на ЕУ се отворени, дали лидерството е подготвено да влезе“, од 8 март 2017, потпретседателката на ЕУ, Федерика Могерини, нанижа едно чудо лаги, почнувајќи од самиот наслов. Таа добро знае дека, по Букурешт (2008), вратите на ЕУ за Македонија се ширум затворени. И покрај тоа, таа додаде – “не само што се отворени туку и сакаме да влезете“! Нејзино право е да се прави недоветна ама зошто и нас не меша. Како да сме паднати од Марс, таа ни објаснува – “духот на демократијата и владеењето на правото се камен темелник на нашите европски општества и тие никогаш не смеат да бидат прекршени“!? Ова да го зборуваше во Малта па ќе речеш дека заборавила што прави Унијата во Македонија ама да го пишуваш во Скопје е навистина врвна бесрамност. Друго име нема бидејќи таа знае дека нелегално не блокираат и уценуваат, а пресудата од Хаг ја игнорираат… Каде има тука “дух на демократијата…“?
Не третираат полошо од протекторат и банана држава бидејќи самите даваме повод за тоа. Ако самиот не се цениш, никој не те есапи. А нашите политичари, изгледа сите без исклучок, во разговорите со странците очигледно не можат да ги контролираат или сокријат своите лични и национални комплекси. Резултатите тоа јасно го потврдуваат. Впрочем, ние и самите дома ја користиме референцата од ООН, дури и нејзината бесмислена и навредлива кратенка, со што го кршиме Уставот и самите се прекрстуваме и обезличуваме. Ако ни се толкави капацитетите како народ, повеќе и не сме заслужиле. Македонија има блескави личности кои не доаѓаат до израз бидејќи селекцијата на кадри е пострашна и од комунизмот кој токму заради тоа и пропадна.
Никовски
Јануари, 2018