И ЈАС СУМ ТЕРОРИСТ!
Пред изборите, сегашнава власт нудеше живот и во Бутел. Синонимот сите го знаеме и мнозина се шегуваа. Арно ама тие да ти биле сериозни и единствено може да им се префрли што не ја имаа вклучено и Шутка. А и неа ја заживееја и тоа како! Ефтим Клетников даде најдобро објаснување: нема случај во светот во еден ден да се уапсат 36 опасни терористи што значи дека Македонија е прва во борбата со ова најмодерно зло. Аферим. Притворија терористи од прва категорија, не обични, секојдневни, како тие од Смилковското езеро или од Ново Насеље. Еееееј, луѓето влегле во Собранието! Замислете каква бесрамност. Според полицијата и обвинителството сакале да го рушат уставниот поредок на земјата. А, никој не спомнува дека тие, всушност – задоцниле. Тоа е одличен повод за најостро да ги осудат. Штета што нема смртни казни. Што е најлошо, овие par excellence терористи не влегле насилно во Собранието бидејќи вратите биле отворени. И тоа мора да ја зголеми висината на казната. Бати терористите. И Владата на Косово ќе се откажеше од нив, ако беа од таму, како и сите вистински, и немаше да добијат ни евро оштета нивните фамилии.
Пред тие да влезат, Уставот веќе бил неповратно парчосан. Без пропишана процедура бил избран претседател на Собранието. Вториот човек на државата. Гласовите не ги броеле ама ситници не се важни. Иако од дистанца, тоа го сториле Вашингтон и Брисел кои веднаш го прифатија изборот. Молам ова да не се сфати како инсинуација за некаква нивна улога во нашиве голготи. Не дај Боже. Тие си ги гледаат само своите интереси и не дозволуваат никој да им се испречи на патот. Ништо друго. А ако ние веќе сме се нашле на такво, незгодно место, не се тие виновни.
Терористите, кои преку месец дена секојдневно мирно протестираа против урнисувањето на државата токму од страна на тие што го игнорираат Уставот, секој ден во тоа исто време ги завршуваа своите маршеви токму пред Собранието. Информирани што се случи, тие со полно право влегоа во Собранието за да ја бранат државата. Не со сила туку со своето присуство. Насилството извршено врз неколку пратеници се изолирани лични екцеси кои заслужуваат осуда. Дали се тоа преемотивни настапи на поединци, во афект, или некој провокатор стои зад истите, секако треба да се истражи. Се чу дека еден од тие што користеа сила го загубил синот во 2001-та. Тогаш, терористите од Косово, како ги нарече генералниот секретар на НАТО, меѓу кои беше и новиот спикер, дезертер од АРМ, убиваа низ земјава. Ако е тоа точно, фрустрациите на човекот не го оправдуваат чинот ама многу објаснуваат – додека неговиот син кој ја бранеше државата е под земја, тие што убиваа се на власт. Не е лесно да се помириш со таква ситуација.
Обвинителството може да го квалификува влегувањето во Собранието како тероризам единствено доколку има цврсти докази дека е однапред планирано насилство врз пратениците. Ако нема такво нешто, а изгледа нема, тогаш терористи се баш тие што ги измислуваат. Обвинителите ги злоупотребуваат законите што е вистински и најтежок тероризам. Впрочем, така се однесуваат сите терористи во светот – спроведуваат своја правда, игнорирајќи ги законите. Ако е така, а се чини дека е, целата оваа будалштина апсолутно не е можна без директен политички менаџмент. И целта е јасна – застрашување на јавноста дека со новата власт нема играчки и дека ќе прават што наумиле.
Повеќе прашања остануваат без одговор. Прво, зошто нелегалниот избор на спикерот беше направен точно во моментите кога маса народ е пред Собранието а не во некое друго време? Второ, дали е намерно избран моментот за фалшив избор за да се случи инцидент? Трето, зошто пред Собранието во тоа време беа и амбасадори, како францускиот на пример? Четврто, дали тие беа известени дека се спрема нелегален избор на спикерот или тие го одлучиле тоа? Петто, дали им беше најавено дека се очекува и инцидент, кој следеше, или и тоа е нивна идеја? Шесто, зошто ништо не е преземено против личното обезбедување на кандидатот за премиер кој нелегално внесол оружје во Собранието и пукаше. Тој не влезе со народот…
Во дадените услови, чист терористички чин е само игнорирањето на Уставот, при нелегалниот избор. Влегувањето на луѓето во Домот на народот, во никој случај не може така да се квалификува. Ако народот се обидеше да ја преземе власта, тоа е веќе обид за државен удар и пак не е тероризам. Нелегалниот избор е во најмала рака државен удар. Користениот речник е клучна работа во секоја прилика, во правото особено. Доколку е точно дека квалификацијата “тероризам“ се користи само за да се спречи аболиција од страна на претседателот, тоа е само кристален доказ дека се работи за политички прогон а не за некаква правда. Такво нешто не смислуваат обвинителите туку политичарите. Ако водачите на Движењето давале инструкции за, или го организирале насилството, тогаш и тие треба да одговараат ама никако за тероризам. Без нивна директна поврзаност со насилството, исто како и на тие што ги отворија вратите, сите тие се невини. Впрочем, основен повод за насилството е нелегалниот избор на спикерот. Главната одговорност за настаните лежи кај тие што тоа го сторија, провоцирајќи го народот. Сегашната обвинителска глупост е исто како да судиш некој што вози кола за сообраќајка во која не е вклучен.
Движењето за “Заедничка Македонија“ беше нешто најсвето што го организирал нашиот народ во еден подолг период. Заплашени, ние најчесто си стоиме на страна, си молчиме и не се мешаме ниту во нашите внатрешни работи. Ги пуштаме другите да (ни) прават што сакаат. Овој пат, како невиден исклучок, добронамерните луѓе, со чисти патриотски чувства, често и цели семејства, вклучувајќи ме и мене и моето, излегуваа да ја манифестираат својата загриженост за државата, загрозена од “Тиранската платформа“, од подземните активности на амбасадорите и слични настани. Тоа беше манифестација со која се гордеат сите што се приклучија. Добар дел од учесниците бевме без партиска определба иако партиските влијанија не треба да се исклучат. Македонците никогаш не се однесувале така. Со генерации и векови. Одамна им е напикан страв во коските да не се обидуваат пошироко да влијаат. Насилството во Собранието фрли темна дамка на Движењето и не треба да се исклучи можноста дека е тоа намерно испровоцирано, за да му се стави крај. Прогонот на “терористите“ само го потврдува тоа.
Состојбите во кои е доведена нашата држава налагаат секој одговорен човек да мора да реагира. Така постапија и пратениците кои ги отворија вратите на Собранието, без оглед дали е тоа личен чин или партиска директива. Цврсто мора да се докаже дека е тоа сторено со промисла или договор за насилство. Ако нема такво нешто, нема основа за обвинение. Има ли некаква одлука на Собранието со која е забрането пратеник да може да отвора негова врата? Тоа е нивна ама и наша куќа а Движењето беше докажано мирољубиво и конструктивно. Впрочем, се бараше – “Заедничка Македонија“. И лидерите на Движењето потсетуваа да се внимава на провокации. Вистински тероризам беше кога вандали фарбаа згради и споменици. Место во затвор, тие завршија во фотелји. Кај нас, се’ е политика.
Ова е нов срам за Македонија. Имаме јавно игнорирање на уставниот поредок и нелегално избрана личност на исклучително висока функција, што се толерира, а маса на добронамерни и загрижени граѓани треба да одговараат. Никој не истражува дали насилството беше комбинирано со нечии бербат планови. Странците, пак, секогаш молчат кога криминалот им одговара. Сетете се на хашката пресуда.
И за време на минатата власт имаше случаи кои мирисаа на политички затвореници ама ова сега ги надминува сите граници. Одговорно може да се каже дека притворените лица се политички жртви на сегашната власт која, очигледно сака да не застраши сите. Станува јасно дека тие немаат никакви скрупули, дека мораат да испорачаат уништување на сопствениот народ преку прекрстување на државата. Започнаа со капитулантскиот договор со Бугарија и треба да продолжат со сличен со Грција, со истовремена федерализација на земјата преку законот за албанскиот јазик. Дали се свесни што прават, или не, воопшто не е важно.
Во Топ тема на ТВ Телма, на 28 декември 2017, Зијадин Села беше гостин на Оливера Трајковска. Водителката му префрли – рекол дека пред 100 години во пописите немало Македонци, што значи дека го негирал нивното постоење. Села одговори – “наскоро во Собранието треба да го ратификуваме договорот кој го потпишавте со Бугарија. Во него стои дека Македонците и Бугарите имаат заедничка историја. Сега Заев треба да се занимава со тие прашања“! Водителката го предупреди да внимава – “за да не заглави во нова не многу пристојна изјава“!? Вистината на Села, во два потези ја матира Оливера. Освен на слепите војници на Заев и платениците на Запад, на сите други им е јасно дека со Бугарија потпишавме дека не немало. Не само во пописите.
Како дијаметрално спротивни од нив, да ги спомнеме Македонците од Егејот. Тие не се спремни да потпишат дека се Грци по род и да ги добијат назад своите огромни имоти кои им се останати таму. Восхитува нивната гордост и самопочит. Некој треба да им го посочи овој пример на тие што се подготвени евтино да го распродадат македонизмот.
И додека новата власт не се колеба да ги жртвува основните постаменти на овој народ, преку отворена капитулација кон Бугарија, Грција, Албанците… нашиот народ, иако се’ уште ги носи историските стравови во душата, не е спремен да се откаже од самиот себе. Ако власта продолжи со своите нечесни и срамни намери, ќе ја плати цената која ја заслужила.
И јас сум терорист. И јас би влегол во Собранието ако треба да се заштитат народот и државата.
Никовски
Јануари, 2018